Brainster Job Fair како потенцијал за лоцирање на млади кадри – НЛБ Банка

НЛБ Банка, водечка банкарска институција во земјата, ќе биде дел од Brainster Job Fair. Дејан Маџоски, менаџер за човечки ресурси во НЛБ Банка, изјавува дека компанијата со огромна чест се приклучува на партнер-компаниите на саемот за вработување. Маџоски, давајќи совети, ги охрабрува студентите од Бреинстер и Бреинстер Некст колеџот да аплицираат на отворените работни места.

НЛБ Банка од земјата е една од најуспешните банки во НЛБ Групацијата според нето-активата. Од НЛБ споделуваат дека успехот се должи на имплементацијата на висококвалитетни стандарди во работењето, модерната инфраструктура на информатичката технологија и успешната пазарна стратегија. Исто така, ја нагласуваат и посветеноста на своите вработени и нивниот менаџмент, докажана со награди и признанија во области за работење со вработените и придонес во развојот на животната средина и општеството.

НЛБ Банка, со многубројни домашни и меѓународни награди, е единаесет пати прогласена за најдобра банка во земјата од страна на “The Banker”.

Здраво Дејан, ти благодариме за учеството на овој блог! Можеш ли да ни кажеш малку повеќе за твојата улога во компанијата и како изгледа еден типичен работен ден? 

Како менаџер за човечки ресурси во НЛБ Банка, мојата улога е спроведување на стратегиjа за управување со човечките ресурси која се базира на неколку столба:

  • организациска култура
  • градење бренд на посакуван работодавач
  • ангажираност и развој на вработените
  • вработување и задржување на кадрите
  • поставување на основи, практики и процедури за управување со човечките ресурси. 

Мојот работен ден изобилува со многубројни контакти, средби и состаноци со колегите со цел осознавање на нивниот потенцијал, мотивација.  Преку разговори и разбирање на нивните потреби овозможуваме пријатна работна средина која создава среќни и задоволни вработени. Доколку времето ми дозволува, се обидувам во текот на денот да ја насочам својата енергија кон истражување и анализирање на современи HR трендови и практики и анализа на можностите за нивна имплементација во моето секојдневно работење.  

Што е уникатно за вашата компанија што ја издвојува од другите во индустријата?

НЛБ Банка, во финансискиот сектор, е препознавана како компанија која се темели на високи вредности на организациска и корпоративна култура. Банката има воспоставено партнерски однос со вработените и отворена двонасочна комуникација на сите организациски нивоа. Грижата за вработените започнува од самиот почеток на нивното вработување преку имплементација на воведни програми и обуки во конкретната област, како и следење на индивидуалниот раст и развој кој претставува еден од нашите приоритети. Покрај тоа, во изминатиот период, воведовме значителен број практики со кои сакаме позитивно да влијаеме на добросостојбата на вработените. Една од нив е флексибилно работно време кое им овозможува на вработените да го прилагодат времето на доаѓање и одење од работа според сопствените потреби, вклучувајќи и заминување од работа во петок во 14:00 часот. 

Понатаму, покрај редовните денови за годишен одмор и останатите предвидени слободни денови, воведовме и дополнителни слободни денови, како на пример ден за роденден – директно посветен на нив. Исто така, за да им овозможиме на вработените да ја изразат својата индивидуалност и да се чувствуваат што попријатно воведовме и нов начин на облекување, односно т.н. дрес код, кој дава голема слобода на изборот на облека и генерално личниот изглед. Тука се и низа на практики и активности кои – работата на далечина, активности и иницијативи поврзани со физичкото и психичкото здравје на вработените, прославување на успесите и одбележување на важните моменти, итн. Грижејќи се и за сегашноста и за иднината на нашите вработени, за сите е достапно приватно здравствено осигурување и трет пензиски столб.


Коинвестираме во твојата иднина! Заедно со партнер-компаниите доделуваме 100 ваучери од 1000 евра. Не чекај и аплицирај за твојот!


Честитки! Вашата компанија е една од 50-те компании поканети да учествуваат на Саемот за вработување на Бреинстер. Што ве мотивираше да присуствувате на овој настан?

Огромна чест и задоволство ни е што НЛБ Банка за прв пат ќе биде учесник на саемот за вработување организиран од страна на Бреинстер. Овој настан го перцепираме како потенцијал за лоцирање на успешни, млади кадри кои својот професионален развој ќе го пронајдат во нашата банка. Особено ни е драго што сме една од 50-те компании кои се поканети да земат учество на овој саем за вработување со што дополнително се потврдува професионалната соработка која ја воспоставивме со Бреинстер и истата планираме да продолжи во иднина.     

Според вас, какво влијание имаат ваков тип на настани врз ИТ индустријата/екосистемот?

Ваквите настани имаат значајно влијание врз ИТ индустријата од аспект на создавање опсежна и квалитетна база на потенцијален кадар, овозможување нови кариерни можности и унапредување на препознатливоста на компаниите. Следствено на тоа, неизбежна е можноста за ефективното поврзување на потенцијалниот кадар со нивниот иден работодавач. Овие настани овозможуват привлекување и ангажирање на квалитетни кандидати кои ќе делуваат во насока на унапредување на тековните технолошки процеси и  обезбедувањето на финансиските услуги на нашите клиенти.

Можете ли да го опишете идеалниот кандидат кој се надевате дека ќе го сретнете на саемот за вработување?

Нашиот идеален кандидат е личност која поседува позитивен став кон предизвици, изобилува со тимски дух и проактивност, и желба за учење и надоградување. 

Каков совет би им дале на студентите кои се заинтересирани да аплицираат за позиции во вашата компанија на саемот за вработување? Некој совет за добар впечаток и самопрезентација?

Нашите идни кандидати ги поттикнуваме да се охрабрат и да го направат првиот чекор преку аплицирање за некоја од нашите отворени работни позиции. Ги советуваме да бидат свои и да ги постават сите прашања кои ги интересираат во дадениот момент.


Настанот е организиран од Brainster во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје. Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/„Brainster“ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави (САД).

Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

11 Компании. 110 Студенти. 1000€ Ваучер.