MAK-SYSTEM е водечки светски производител на софтвери за трансфузија, трансплантации и генетски терапии, присутен со своите производи во над 35 земји низ светот. Софтверите целосно го менаџираат процесот на трансфузија или трансплантација. Тоа ги опфаќа обработката на податоците на донаторите, тестирања, резултати, управување со сите уреди вклучени во процесот, анализи, споредби, складирање и следење.
Компанијата е дел од вториот најголем инвестициски фонд Carlyle Group од САД, со седиште на компанијата е во Лондон. МАК има неколку компании низ светот, но според бројот на вработени најголема е компанијата во земјата со седиште во Скопје.
Генералниот менаџер на Балканот и стратешкиот директор за клиенти, Дамјан Манчевски, ни ја доближува компанијата преку своите работни активности. Преку разговорот со него дознаваме дека идеалниот кандидат за компанијата би бил спремен постојано да учи: „МАК е продуктна компанија, така што и најискусните програмери кај нас долго време учат“.

Здраво Дамјан, ти благодариме за учеството на овој блог! Можеш ли да ни кажеш малку повеќе за твојата улога во компанијата и како изгледа еден типичен работен ден?
Во моментот во МАК имам две функции: гененерален менаџер за Балкан и директор за стратешки клиенти. Како генерален менаџер за Балкан, управувам со фирмите на МАК во Скопје и Белград, каде што се наоѓаат нашите R&D центри. Додека како директор за стратешки клиенти, ги водам активностите на компанијата на глобално ниво за преминување на нашите постоечки клиенти на нашата cloud платформа MAK.Care, за која имаме стратешко партнерство со AWS. Исто така, ги водам и активностите за отворање на нови пазари, во земји каде што до сега МАК не бил присутен.
Деновите во МАК се многу различни, во зависност од периодот. Сепак, има една константа – ладно нес-кафе за старт на денот во 8:00 и правење на список на сѐ што треба да се направи тој ден. Имајќи предвид што сѐ покривам, работата е многу динамична и бара комуникција со многу луѓе од сите краеви на светот и во различни временски зони, како и со луѓе локално во Скопје или Белград. Иако сум стациониран во Скопје и никогаш немам намера да го напуштам, сепак често работам и од нашата канцеларија во Белград. Особено во последните две години, морам да патувам и на средби со постоечките и потенцијалните клиенти во други земји, што бара добро менаџирање на времето и баланс помеѓу обврските на локално/регионално и глобално ниво.
Така што, би рекол дека ништо не е типично во мојот работен ден. Сѐ зависи од периодот и од тоа каде се наоѓам.
Што е уникатно за вашата компанија што ја издвојува од другите во индустријата?
Ако зборуваме во локални рамки, МАК се издвојува од поголемиот дел на македонски ИТ-компании со тоа што имаме сопствени производи, етаблирани во светски рамки. Производите на МАК се реално наш македонски производ, кој тука се произведува и одржува. Дополнително, би рекол и дека се работи за доста комплексни софтверски решенија кои бараат знаење, експертиза и одговорност за да може да менаџираат со такви критични медицински дејности како трансфузија, трансплантација или генетски терапии.
На светски ниво, покрај тоа што сме најпознати како најквалитетен производител во оваа индустрија, она што не издвојува е дека сме единствена компанија која своите производи ги нуди и како SaaS (software as a service), на AWS cloud. На ова сме особено горди, затоа што навистина не е едноставно да се направи целосна cloud трансформација на софтвери стари и над 30 години. Не само од технички аспект, туку и организациски МАК во последните 3 години целосно се трансформираше за да денес може да биде компанија која поддржува SaaS.

Коинвестираме во твојата иднина! Заедно со партнер-компаниите доделуваме 100 ваучери од 1000 евра. Не чекај и аплицирај за твојот!
Честитки! Вашата компанија е една од 50-те компании поканети да учествуваат на Саемот за вработување на Бреинстер. Што ве мотивираше да присуствувате на овој настан?
Самиот факт дека компанија како Бреинстер смета дека е интересно своите студентите да се запознаат со МАК е доволна мотивација. Секако и шансата да се претставиме како потенцијално добро место за работа за квалитетни кадри е константна мотивација. Иако MAK-SYSTEM е реномирана компанија во светски рамки во една многу специфична индустрија, сепак сметам дека кај нас не се знае многу за тоа што работиме. Затоа ги користиме ваквите настани, за да подетално ги запознаеме со работата на компанијата, луѓето кои потенцијално ќе бараат работа кај нас.
Според вас, какво влијание имаат ваков тип на настани врз ИТ индустријата/екосистемот?
Ние, како компанија, редовно ги користиме ваквиот тип на настани и имаме позитивни искуства. Интересен е Вашиот пристап да каните компании кои според Вас би биле интересни за Вашите студенти, наместо компаниите сами да се пријавуваат. И нас нѐ интересира да видиме дали и што ќе биде различно.
Секако дека имаат значително влијание, бидејќи ги доближуваат талентите до компаниите. Компаниите може во одреден момент и да немаат отворена позиција за одреден вид на кадар, но доколку видиме дека има кандидат/ка, кои се издвојува од другите, можеме да размислиме сепак да се ангажира таа или тој, иако нема отворен оглас.

Можете ли да го опишете идеалниот кандидат кој се надевате дека ќе го сретнете на саемот за вработување?
За нас идеални кандидати се оние кои сакаат и понатаму да учат. МАК е продуктна компанија, така што и најискусните програмери кај нас долго време учат. Треба многу трпение и упорност. Покрај знаењето, за нас можеби поважен е карактерот. Сакаме тимски играчи, сакаме луѓе кои сакаат да им помогнат на колегите, но особено сакаме луѓе кои би нашле мотивација во тоа дека работат за компанија која помага да се спасуваат животи секаде во светот. Тоа е и една од главните предности на МАК, дека кај нас вработените работат за една хумана и благородна цел, која на крајот на денот ги прави да се чувствуваат задоволни и горди на себе.
Каков совет би им дале на студентите кои се заинтересирани да аплицираат за позиции во вашата компанија на саемот за вработување? Некој совет за добар впечаток и самопрезентација?
Нека бидат свои. Треба да се претстават такви какви што се. Можеби нема да се најдат во МАК, но секако која и компанија да им понуди работа, ќе биде заради тоа што се. И во таа компанија, која и да е, ќе им биде најдобро. Нека бидат опуштени и релаксирани, но сепак и самоуверени во сопствените квалитети. Сѐ друго само по себе ќе си дојде.
Настанот е организиран од Brainster во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје. Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/„Brainster“ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави (САД).