Дивисион, 100% македонска компанија основана со домашен капитал, досега има вработено 6+ студенти од креативните академии на Brainster. Нашето партнерство со Дивисион продолжува со учеството на компанијата на Brainster Job Fair.
Како full-service маркетинг агенција која опстојува на регионалниот пазар уште од 2001 година, компанијата нуди широк спектар на маркетинг и рекламни услуги. Инспирацијата за името на компанијата доаѓа од постојаниот стремеж на Дивисион да обезбеди квалитетна услуга на своите клиенти, градејќи партнерски релации и позиционирајќи се како нивна сопствена маркетинг дивизија. Дивисион започнува како продукциска агенција, која во текот на годините прераснува во маркетинг и адвертајзинг агенција и продолжува да се развива нудејќи и нови услуги за UI/UX дизајн и веб програмирање, обезбедувајќи целосно решение за сите маркетинг потреби на своите клиенти.
Елена Андоноска, Account Director во Дивисион, го доближува на студентите на Бреинстер и Бреинстер Некст колеџот профилот на идеалниот кандидат и како очекуваат да се претстават идните потенцијални работници.
Здраво Елена, ти благодариме за учеството на овој блог! Можеш ли да ни кажеш малку повеќе за твојата улога во компанијата и како изгледа еден типичен работен ден?
Благодарам за поканата, баш ми е драго што имаме можност да поразговараме на интересни теми 🙂
Мојата позиција е Account Director во Дивисион. Главна одговорност ми е одржување на релациите со нашите постоечки клиенти, но и изнаоѓање и договарање на нови, потенцијални клиенти. Заедно со тимот на акаунти и дигитални специјалисти се грижиме за сите потреби на клиентите и ја координираме работата со сите тимови. Нашата цел е навремено и квалитетно исполнување на нивните барања и цели.
За маркетинг агенциите и воопшто нашата индустрија, важи правилото дека се работи за една динамична атмосфера, па така и нема еден ден сличен на претходниот 🙂 Иако понекогаш тоа е предизвик, истовремено го прави работењето позабавно. Она без кое не ми почнува денот е секако кафе, проверка на мејлот и координација со тимот во поглед на тековните и најавените проекти. Дневните состаноци ги користиме за да споделиме што е тековно, да поставиме приоритети, но и да разговараме за предизвиците со кои се соочуваме за даден проект или активност.
Неизоставен дел од работата е и комуникацијата со колегите од другите тимови, со кои заеднички работиме на сите проекти. Како агенција, важно ни е да сме постојано достапни за нашите клиенти и да можеме и да ги предвидиме нивните барања и потреби уште пред истите да ни бидат побарани.
Со оглед на тоа што водам тим од повеќе луѓе, дел од моите задачи и одговорности е и нивното менторирање. Дополнително, моја одговорност е и да го насочувам секој член од тимот кон професионален раст и развој за постојано да имаат можност да се надоградуваат и подобруваат. Иако секој од нас е со различен тип и ниво на искуство, ја користиме секоја прилика да учиме еден од друг.
Што е уникатно за вашата компанија што ја издвојува од другите во индустријата?
Можеби ќе делува субјективно, но она во што навистина веруваме и за кое искрено се залагаме е градењето и одржувањето на партнерски релации со нашите клиенти. Симболиката на нашето име Дивисион е во тоа што се гледаме како маркетинг дивизија на секој наш клиент и се поставуваме како да сме интегрален дел од секоја компанија со која соработуваме.
Се трудиме секоја остварена соработка да се продлабочува и надоградува. Можеме да се пофалиме дека имаме долгогодишни клиенти. Меѓу нив, неизоставно би ја споменала Витаминка со која минатата година прославивме 20 години соработка. Довербата која ни ја укажуваат клиентите е нешто што воопшто не го земаме здраво за готово и постојано работиме да ја оправдаме и задржиме.
Истовремено, подеднакво важен е и нашиот однос со колегите и тимот. Сакаме да негуваме опуштена, пријатна и здрава работна средина, во која секој ќе се чувствува како дел од тимот и ќе има можност да се надградува и развива. Во услови на тенденција на почести промени во работните места, особено кај помладите генерации, сакаме Дивисион да е местото каде вработените би се гледале себеси на подолг рок, но и без оглед на времетраењето, сепак да имаат квалитетно и позитивно искуство.
Коинвестираме во твојата иднина! Заедно со партнер-компаниите доделуваме 100 ваучери од 1000 евра. Не чекај и аплицирај за твојот!
Честитки! Вашата компанија е една од 50-те компании поканети да учествуваат на Саемот за вработување на Бреинстер. Што ве мотивираше да присуствувате на овој настан?
Благодарност за можноста, навистина нѐ радува тоа што ќе сме дел од овој настан.
Она што ја прави успешна која било компанија се дефинитивно нејзините вработени. Тоа важи и за нас, па така посветени сме и на тоа да градиме квалитетен тим, со искусни и креативни професионалци, кои имаат пасија за маркетинг. Потрагата по нови, креативни умови, кои би го збогатиле нашиот тим никогаш не престанува.
Бреинстер се изгради во препознатлив бренд во делот на доедукација, кој продуцира квалитетни кадри во различни области. Со оглед на тоа што и во минатото сме имале можност да соработуваме за слична намена и ефектот бил позитивен, без двоумење ја прифативме поканата.
Можноста да се сретнеме и претставиме пред група на амбициозни индивидуи, кои се посветени на сопствената едукација и вложуваат во својот професионален развој, е нешто што не се пропушта 🙂
Според вас, какво влијание имаат ваков тип на настани врз маркетинг индустријата/екосистемот?
На пазарот на креативните индустрии отсекогаш имало и ќе има побарувачка на квалитетни професионалци. Паралелно на тоа, особено во поново време, со можностите и за неформално образование и реквалификација, постои и поголема понуда на работна сила, но недостасува соодветно мечирање на компаниите и кандидатите. Ваков тип на настани овозможуваат супер начин на вмрежување, што придонесува за уште поефикасно спојување на компаниите со потребниот кадар. Во услови на, за жал, големо иселување од земјата, битката да се најдат, привлечат и задржат квалитетните луѓе е прилично предизвикувачка.
Па така, од една страна, овој тип на саеми овозможуваат добра платформа за презентација на компаниите работодавци, со цел привлекување на соодветните луѓе, но од друга, ја презентираат и реалната слика на можности за вработување и кариерен развој. Ова служи за дополнителна мотивација кај сите кандидати и би придонело истите да се гледаат себеси како живеат и работат во земјава наместо во странство.
Можете ли да го опишете идеалниот кандидат кој се надевате дека ќе го сретнете на саемот за вработување?
Идеалниот кандидат би требало да кликне со нашата енергија уште од самиот старт 🙂 Многу е важно секој вработен да може да се пронајде и да се чувствува убаво во работната средина, тоа е бенефит и за него и за компанијата, бидејќи ќе постои многу поголем степен на меѓусебно поистоветување и лојалност.
Оваа личност би требало да се карактеризира со љубов кон маркетингот, желба за сопствен развој и надградување во индустријата, тимски дух и амбиција и стремеж за повеќе и подобро. Веруваме дека самиот факт што овие луѓе се запишале и поминале низ процесот на едукација во Бреинстер веќе автоматски штиклира голем дел од овие карактеристики.
Каков совет би им дале на студентите кои се заинтересирани да аплицираат за позиции во вашата компанија на саемот за вработување? Некој совет за добар впечаток и самопрезентација?
Она што го цениме кај потенцијални идни вработени е добра подготвеност пред започнување со процесот на апликација. Свесни сме дека секој кандидат потенцијално се обидува и аплицира на повеќе места, но навистина остава позитивен впечаток доколку се потрудил да ја истражи секоја компанија каде аплицира и доколку знае зошто токму таму би се гледал себеси. Сакаме да почувствуваме дека кандидатот навистина е заинтересиран за позицијата и дека би сакал да биде дел од тимот на Дивисион 🙂
Позитивен сигнал дава и доколку кандидатот има размислено и ги искомуницира соодветно своите карактеристики и она што може реално да го понуди, но и очекувањата од одредена работна средина, како би можело уште од старт да се направи подобро усогласување меѓу двете страни.
И секако имање и споделување на познавања, размислувања и ставови за актуелни трендови, новини и предизвици во областа на маркетинг индустријата се од големо значење. Тие говорат за искрената желба и страст кон маркетингот, што за нас е must.
Настанот е организиран од Brainster во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје. Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/„Brainster“ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави (САД).