Љубителите на филмовите помеѓу студентите на Бреинстер и Бреинстер Некст колеџот ќе добијат можност да аплицираат за пракса или работа во Cineplexx на Brainster Job Fair.
Cineplexx е австриска кино групација којашто во Скопје ги носи сите најнови холивудски остварувања и е во чекор со светските премиери. Со својата најсовремена дигитална опрема овозможува исклучително уживање во филмските остварувања преку својот висок квалитет на слика, звук и 3Д технологија во салите во Скопје. Cineplexx е присутен во Австрија, Италија, Романија, Грција, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и Косово како водечки кино прикажувач на овие простори.
Маркетинг менаџерот, Билјана Јанкуловска, раскажува за нејзиниот типичен ден како вработена во Cineplexx. Заедно со нејзиниот тим, го бараат совршениот pitch помеѓу кандидатите, до којшто, според неа, може да се дојде доколку сте насмеани и верувате во себе.
Здраво Билјана, ти благодариме за учеството на овој блог! Можеш ли да ни кажеш малку повеќе за твојата улога во компанијата и како изгледа еден типичен работен ден?
Мојата улога во компанијата е маркетинг менаџер. Речиси ниту еден ден не ми е ист со претходниот. Во текот на работниот ден работам на подготовките за премиерите и останатите тематски настани кои се подготвуваат на неделно ниво во киното. Исто така и комуникација со потенцијални партнери и клиенти и секојдневна координација со светските филмски куќи и усогласување со нивните правила и насоки. Работам и на позиционирање на уникатноста на брендот на локалниот пазар, како и гледање на филмови пред сите 🙂
Што е уникатно за вашата компанија што ја издвојува од другите во индустријата?
Уникатноста на Cineplexx e во своите фанови. Оние кои дишат кино, живеат филмови, кои неуморно ги следат сите новости а потоа и со месеци ги чекаат премиерите на своите херои во кино, се оние кои го прават нашето кино уникатно – како на премиерите така и во приказните по завршувањето на филмот. Чувство на возбуда кое не ве напушта штом заврши филмот, туку трае и со денови.
Самиот чин на договарање со друштво, бирање филм, бирање грицки и фактот дека истовремено филмот го гледате со уште милион други луѓе во исто време и сте дел од едно поинакво искуство е дел од нашата уникатност. Енергијата која тлее на премиерите на филмовите е нешто што мора да се доживее.
Коинвестираме во твојата иднина! Заедно со партнер-компаниите доделуваме 100 ваучери од 1000 евра. Не чекај и аплицирај за твојот!
Честитки! Вашата компанија е една од 50-те компании поканети да учествуваат на Саемот за вработување на Бреинстер. Што ве мотивираше да присуствувате на овој настан?
Секогаш сме среќни кога младите луѓе ги движат промените и влијаат на позитивните моменти во општеството. Во Бреинстер препознавме иновативен партнер кој сме сигурни дека ќе продолжи со развивање на спремни кадри и поставување на темели на еден вид поинакво и апликативно образование.
Според вас, какво влијание имаат ваков тип на настани врз ИТ индустријата/екосистемот?
Овие настани имаат влијание на сите сфери во професионалното општество. Конкретно, во сферата на маркетинг овие настани се одлични за вмрежување, за запознавање на компании и поединци кои можеби на ниеден друг начин не би биле во иста простроија а делат исти или слични интереси.
Можете ли да го опишете идеалниот кандидат кој се надевате дека ќе го сретнете на саемот за вработување?
Идеалниот кандидат треба да е динамичен како и оваа работа, креативен, флексибилен и да сака филмови.
Каков совет би им дале на студентите кои се заинтересирани да аплицираат за позиции во вашата компанија на саемот за вработување?
Нашето мото е дека ниедна идеја не е лоша, па така, не се плашете да предложувате нови идеи, нови размислувања – можеби баш вашата идеја ќе вроди плод за добра кампања или настан.
Некој совет за добар впечаток и самопрезентација?
Бидете насмеани, верувајте во себе и во она што го зборите – совршениот pitch е одлика на жарта со која зборите за тоа во што верувате.
Настанот е организиран од Brainster во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје. Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/„Brainster“ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави (САД).