Најголемиот капитал на една компанија е квалитетот на вработените

Главната мисија на Brainster е да ги подготви индивидуалците за кариера од 21 век преку совладување на дигитални и други вештини на иднината, со цел тие да останат релевантни во новиот технолошки свет.
Секој вработен во Brainster e целосно посветен на оваа мисија и прави сѐ за на студентите да им помогне да дојдат до просперитетна кариера преку едукација.
Во оваа блог објава од серијалот We are Brainster, ќе се запознаете со Петар Трендафилов – Finance & Automation officer во тимот за Финансии и Администрација на Brainster.
За себе ни кажа дека се смета за човек кој никогаш не се откажува од зацртаното, дури и кога знае да „згусти” во предизвиците кои ги презел. Таа негова одлика на краток рок знаела да биде непријатна особено во бурните периоди, но на долг рок секогаш се исплаќала десеткратно. Дали како научена лекција или како надмината потешкотија. Професијата којашто ја одбрал секогаш ја наградувала таа трпеливост и упорност на долг рок, бидејќи најголемиот поврат на инвестицијата следела ако работиш и инвестираш 10 години преку ден, за да добиеш успех преку ноќ.
Дознајте што тој имаше да ни сподели околу тоа како му поминува работниот ден, што го прави исполнет и што го мотивира, но и како Brainster му помага да се оствари на сите полиња.
Здраво Петар, можеш ли да ни споделиш повеќе детали за твојата работна позиција, по што е истата специфична?
Мојата работа од почетокот на мојот ангажман во Brainster, се состои од анализа како да си ја направам работата полесна и поедноставна за мене и колегите во секторот. Накратко кажано, автоматизација и оптимизација на процесите во секторот финансии; автоматизирање на генерирање и испраќање фактури до студенти, автоматизирана евиденција на уплати, осмислување и имплементација на процеси за наплата на побарувања, генерирање на извештаи за менаџментот да носи одлуки базирани на реални податоци, и најважно, оптимизација и унапредување на ERP системот кој секторот го користи за да ги постигне бараните резултати.
Фактички, низ мојата работа ја согледувам „големата слика” во компанијата, како компанијата диши (финансиски) на дневно ниво, бидејќи сублиматот на сите претходни процеси и чекори преземени од другите сектори завршуваат кај нас, и ние сме крајната алка од синџирот на Student Satisfaction, кој за Brainster како компанија е на прво место.
Најголемиот предизвик за мене како одговорен на оваа позиција е точно и навремено да се сервисираат барањата на активните студенти на академиите во Brainster, и да се испорачаат бараните резулати од страна на менаџментот.
Како изгледа еден типичен ден во животот на Finance & Automation Officer?
Во зависност од кој период на месецот е, така ми варираат и обврските во текот на денот. На почетокот и крајот од секој месец, секој почеток од денот сум фокусиран на системот кој го одржувам да работи беспрекорно со оглед на тоа дека во тој период од месецот се генерираат и испраќаат фактури кон студентите и обезбедуваме наплата од истите. Потоа, се преминува кон контрола на уплатите во системот којшто бара висока концентрација и кооординација со колегите за да нема грешки и проблеми при секојдневното работење. По завршувањето на овие обврски, се преминува кон анализа на сработеното и се бараат начини дали и како може да се поедностават процесите кои ги користиме ден за ден.
Во останатите денови од месецот, претежно главен фокус ми е оптимизација и унапредување на системите во секторот, преку имплементација на најразлични суб-модули од системот, кои би ни ја олесниле работата. Најважната алка во овој сегмент е секако комуникација со колегите кои го делат товарот заедно со мене, за како да се поедностави работата и побрзо да се сервисираат барањата на студенти кон нас, кои варираат од ден за ден, и секој еден од нив бара посебен пристап за побрзо решавање на барањето. Меѓусебниот brainstorming и coaching кој го имаме на дневно ниво во секторот можам да го издвојам како суштински елемент кој ни овозможува да го сервисираме брзиот раст на компанијата без да ја загрозиме кохезијата меѓу вработените кога се соочуваме со предизвици.
Што според тебе е исполнет ден надвор од работните обврски?
Ден без мала доза хумор, за мене е промашен. 🙂 Така си го правиш денот поубав и себе и на тие околу тебе. Најчесто идеи за здрава доза хумор добивам при дружба со другарите, при задолжителната обиколка на кејот со најблиските, со седењето на плажа во топлите месеци и играње табла по цел ден со сопругата или блиските (губат, ама што да им правам) пропратено со по некое пиво, или кога ќе залади на прошетка по планини или ако се укаже можност, скиите на рамо и трк на стаза!
Од твоја перспектива, колку придобивките кои ги нуди Brainster ти помагаат во балансирање на приватниот и професионалниот живот?
Генерално, отсуството на микроменаџирање на процесите (што нажалост во многу други компании е норма) ми ја дава потребната слобода за Out-of-the-box размислување, која е потребна за да си ја работам работата како што треба, и добрата комуникација со менаџментот околу бизнис процесите и прифаќање на совети и мислења како тие би се подобриле.
Неретко ми се случува за да дојдам до некое решение за конкретен проблем, да морам да излезам во тек на регуларното работно време (9 до 5) и да го „ресетирам” мозокот со прошетка во природа или покрај езеро, што ми е лесно остварливо бидејќи живеам и работам од Охрид.
Долна црта, компанијата бара резултати, независно од каде си и во кој дел од денот работиш и додека си ја вршиш работата како што треба, организирај си го времето како тебе најдобро ти одговара, што лично за мене е голем бенефит, особено периодов кога фамилијата ми се прошири за уште еден мал член, но со големо учество во моето време.
За крај, што би ни кажал за Brainster како компанија и начинот на кој ти дава поддршка?
Најголемата поддршка за мене и мојата позиција е компаниската политика за синхронизирана тимска работа без која би било скоро невозможно да се работи со „полна пареа” или како што би рекол еден мој близок, Сложна екипа – чуда прави. Менторскиот пристап кон решавање на проблемите наместо покажувањето со прст кога некој греши или избрзува (а се случува, луѓе сме, грешиме) е незаменлив бенефит во секоја ситуација и ми дава мене и на моите колеги дополнителен мотив да прифаќаме предизвици и успешно да ги надминуваме.
Brainster е во постојана потрага по нови колеги кои ќе ни се придружат во нашето never-ending journey, за да продолжиме да градиме заедница посветена на најдобрите производи, услуги и искуства на нашите студенти.
Ако сметаш дека ова е вистинското место за тебе, провери ги отворените позиции во нашата организација ТУКА.