Дали знаете дека дивите пчели се клучни во опрашувањето на речиси сите цветни видови на Земјата, но и дека само преку мали промени во нашето однесување може да им помогнеме во нивната борба за опстанок? Ако сте посакале да купите црвеноушеста желка во продавниците за домашни миленици, сигурно сте добиле одговор: „Нема, веќе не ги продаваме бидејќи е забрането да се пренесуваат преку граница“! Но, знаете ли зошто?

Одговорите на овие прашања, ги дадоа нашите студенти од Академијата за графички дизајн во вид на едукативни постер дизајн решенија кои беа изложени во скопската Зоолошка градина.

 

 

Токму со цел подобро да се едуцираат децата и нивните семејства за едни од најзначајните животни за целиот еко-систем, дивите пчели и црвеноушестите желки, студентите од Brainster повторно се вклучија во нова благородна мисија со изработката на реален проект. Тие, како дел од програмата за реални проекти на Академијата за графички дизајн, имаа задача да изработат едукативни постери и анимации за овие видови кои ги покажаа на изложба што се одржа во Зоолошката на 11 ноември.

Многу дечиња и нивните родители љубопитни да дознаат што се крие зад шарените постери, го посетија Едукативниот центар во Зоолошката, а студентите заедно со вработените во една од најстарите скопски институции, посветено одговараа на секое нивно прашање. 

 

 

Како да ја штитиме природата и некои животински видови

Идејата за ваков тип на едукација и потребата од иновативно визуелно решение што ќе го привлече окото на дечињата и нивните родители потекна од скопската Зоолошка како дел од нивната програма за едукација. Зоонегувателот Војо Иванов на отворањето на изложбата ни раскажа зошто се одлучиле на студентите да им дадат задача да направат постери токму за овие видови.

„Се чини дека на денешните посетители не им оставме јасна и убава порака која ќе ги поттикне кога ќе се вратат дома да си постават некои прашања и да ги преиспитаат своите одлуки. Идејата беше да испратиме едукативно-еколошка нота за оние наши посетители што сакаат подлабоко да навлезат во приказната. А тоа е дека, на пример искосена трева е можеби убаво за неговото око, но не и за околината бидејќи така полесно се загрева почвата и се уништуваат домовите на малите животинки кои не ги гледаме. Од друга страна, тие пак се храна за рептили, гуштери и птици. На тој начин природата некако си ја држи таа своја алка. Кога ние земаме еден дел од таа алка ја нарушуваме рамнотежата“, вели Иванов.

 

 

Тој потенцира дека граѓаните не ни знаат каква штета ѝ прават на природата и живиот свет со своите постапки, како на пример, кога ги пуштаат водните желки во езерцата. Затоа е потребна едукација од најмали нозе. 

„Инвазивните видови на рептили како црвеноушестите желки, во последните години прават доста штета на локалните видови, на флората и фауната, и практично затоа сакавме да ги едуцираме посетителите и на таа тема. Често се случува да дојдат тука со желка која веќе пораснала и само сакаат да ја пуштат кај нас. Не сфаќаат дека на тој начин прават штета на екосистемот. Затоа и овие желки се забранети за продажба во ЕУ. Идејата ни беше, посетителите да излезат од градинава со некоја порака како тие ќе бидат подобри кон природата утре“.

 

 

Двата победнички постери на нашите студенти Петар Велковски и Елена Босилковска ќе бидат поставени на соодветни места во Зоолошката. Едната информативна табла ќе биде поставена кај езерцето кадешто живеат желките, а втората посветена на пчелите во паркчето кај пингвините. Се прашувате зошто има пчели кај пингвините? Одговорот лежи во познавањето на природниот циклус. Бидејќи комарците обожуваат да ги напаѓаат пингвините, постои опасност да им пренесат болести. Затоа, зоонегувателите решиле таму да посадат лаванда од која „бегаат“ комарците. А пчелите пак, сакаат лаванда.

„Откако почнаа да доаѓаат повеќе пчели тука на цвеќињата, забележавме дека децата многу ги загледуваат, прашуваат, ама немаат никакви информации, немаме информативна табла за пчели. Затоа, сметавме дека интересен постер со едукативни пораки и интересни факти за пчелите е одлично решение за дополнителна едукација“, вели Иванов.

 

 

Татјана Гогоска, одговорна за односи со јавност на Зоолошката изјави дека сите понудени решенија од студентите и за двете теми биле исклучително креативни и содржински одговарале на зададената тема. 

„Навистина беше тешко да определиме кои се најдобри од визуелен аспект, и оние што ги одбравме за победници беше заради сеопфатноста на постерите кои ќе служат како едукативен надгледен материјал понатаму на два пункта во Зоолошката. Додека трае изложбата ќе организираме посета на ученици, да ја погледнат и да се запознаат со овие два специфични жители на природата кои се многу важни“, вели таа.

 

 

Доедукација и покренување на свеста за општествено важни теми 

И на нам ни е драго што во листата на партнери за реални проекти ја додадовме и Зоолошката градина – Скопје. Како организација и како тим за партнерства целиме кон тоа студентите од академиите да работат на корисни проекти што ќе им донесат голема вредност од аспект на примена на стекнатото знаење за време на Aкадемијата, но и од аспект на доедукација и покренување на свеста за општествено важни теми. 

„Нашите вредни и креативни студенти најпрво работеа на дизајн на постери за дивите пчели и црвеноушестите желки, а потоа истите дизајни ги ставија во движење односно креираа анимација на самиот дизајн. На овој настан ги изложуваме нивните уникатни дизајни и пренесуваме порака за тоа колку се важни овие животни за нашиот екосистем. Изложбата е заеднички настан на кој изложуваме вкупно 36 постери изработени од студентите, меѓу кои се и двете победнички решенија за секое од наведените животни. Се надеваме ќе има голем број на посетители кои ќе видат што можат да направат нашите студенти и ќе дознаат корисни информации за улогата на овие животни во природата“, вели Јована Joвановска Кануркова од тимот „Партнерства“ од Brainster.

 

 

Инструкторот од Академијата за графички дизајн, Михајло Тунев кој ги менторираше студентите низ целиот процес, ни раскажа дека се соочиле со предизвик бидејќи станува збор за реален проект и имале контакт со клиент, но затоа и многу научиле. 

„Крајните решенија се навистина многу добри, мислам дека добро ќе им служат на вработените во Зоолошката и ќе им помогнат и на родителите да им ги доближат овие видови повеќе на децата за да знаат утре како да им помогнат. Победничките решенија беа совршена комбинација на оној едукативен момент, имаа доста инетересни пораки и илустрации, а секако визуелно ги прикажаа овие животни многу креативно и во согласност со барањата на клиентот“, ни рече Тунев.

 

 

Што ги инспирираше нашите студенти?

Победничкото решение од групата што работеше на постерите за црвеноушестите желки, е на Петар Велковски, кој е матурант во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“. Тој го обожава графичкиот дизајн, но за овој проект бил особено инспириран бидејќи неговиот татко е ветеринар.

„Растев со животни, многу знам за нив и ги сакам, затоа сакав да направам постер што ќе биде ем добро визеуелен, но и со интересни и едукативни пораки. Ова е прво решение кое ми е одобрено и земено од клиент и затоа сум многу среќен и мотивиран уште повеќе да се посветам на Академијата. Сите постери на колегите се одлични, навистина сме талентирана група. Од почеток знаев како треба да личи, имав замисла, но беше навистина предизвикувачко да се изработи. Наскоро ќе ја завршам и Академијата, но ова навистина е неверојатно искуство за мене. Brainster има толку уникатен систем на работа, што никаде го нема на друго место. Реалните проекти, хакатоните и сите други активности навистина ни дава една друга перспектива и чувство како е да се работи во оваа индустрија“, вели Велковски.

 

 

Јован Митровски е исто така при крај на Академијата за графички дизајн и досега учествувал на 2 хакатони и работел на повеќе реални проекти. И тој е особено горд на својот постер кој е поставен на изложбата.

„Одев на поедноставно решение, да ги има сите елементи поставени, но доста време и внимание посветив и на тој едукативен дел. Некако во глава ми беа најмалите кои не треба само да знаат дека пчелите го прават медот, туку и дека имаат два стомаци, дека на крајот на летото им треба повеќе храна и дека со мала помош од наша страна може многу да им помогнеме и да ги спасиме од изумирање“, рече Митровски.

Изложбата во Еукативниот центар во скопската Зоолошка градина беше отворена за посетители до 19 ноември, но постерите ќе се користат и понатаму за едукативни цели. Победничките постери гордо ќе стојат покрај живеалиштето на црвеноушеската желка и локациите во Зоолошката на кои на гости најмногу доаѓаат пчелите.

 

Направи чекор кон високоплатена кариера и придружи се на Brainster заедницата од 11.500 студенти. Аплицирај сега и искористи поволни услови за плаќање од 90€ рата без камата!

На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student admission team за повеќе насоки и детали за програмата!

AI at Work | AI тренинзи за професионалци и компании во ерата на AI!