Како Софија Дацева го направи првиот сладолед од вино?

Што е подобро сладолед или вино? Да се одговори на ова прашање, особено ако и двете ви се омилени е сигурно многу тешко. А зошто не и двете заедно? Иако на прв поглед комбинацијата не изгледа возможна, ова ѝ успеа на компанијата Матриошка, која го произведува WICE – сладоледот со вино.
Дизајнот на пакувањето, како и логото за овој уникатен производ се дело на студенти на Brainster. Победничкото решение на студентите од Академијата за графички дизајн може да се види на полиците на маркети во Македонија и Англија.
Како се родила идејата за овој невообичаен производ, колку е комплицирано да се направи, но и интересните податоци за организациската култура во компанијата, ни ги откри Софија Дацева, основач и управител на компанијата Матриошка.
Таа вели дека Матриошка е релативно млада компанија, а улогата во нејзиното секојдневие е различна.
„Разликата помеѓу управител на мала и голема компанија е фактот што додека во големата компанија управителот е главно фокусиран на големата слика на компанијата, нејзиниот раст и развој, кога си старт-ап, покрај овие задачи кои треба да бидат на некој начин визијата за компанијата, паралелно мора да ги менаџираш и микро-задачите како продажба, производство, организирање на набавки и административни обврски, како и успешно да го водиш твојот тим и да имаш редовна комуникација со него. Има моменти кога е навистина тешко да постигнеш сѐ, но од друга страна, искуството кое се стекнува е непроценливо, а работата никогаш не може да биде здодевна“, вели таа.
Да откриеме нешто повеќе за оваа иноваторка и претприемачка која никогаш не мирува!
Софија, какви се почетоците на Матриошка и како успеавте сладоледот да го споите со вино?
Компанијата беше основана во 2017 година, откако успеав да докажам дека можноста за производство на сладолед со вино кој би го задржувал алкохолот во основната смеса е возможен. Голем љубител сум на двете состојки и си помислив дека доколку успеам да ги комбинирам во единствен производ, тоа би претставувало нова бизнис можност на пазарот која би претставувала иновација во две индустрии – индустријата на вино (создавајќи нов начин на конзумирање вино во замрзната форма) како и индустријата на сладолед.
Каква е организациската култура и вредностите на компанијата?
Организациската култура која ја имаме во нашата компанија е адократска. Специфично, според терминологијата оваа култура се основа на превземање на ризици со цел да се развие нешто ново и иновативно. Дури има и една изрека со која интерно се шегуваме во тимот ,,risk it to get the biscuit”. Она што сметам дека е многу важно за нашата организациска култура е да имаме тим од луѓе што се отворени за нови нешта, што не се плашат да си го изразат ставот и што сакаат да експериментираат и да создаваат нови производи. Затоа и еден од критериумите кој ни е најважен при селектирање на нови членови во тимот е степенот на креативност и желбата за придонес со нови идеи. Ризикот од друга страна го превзема самата компанија, која ги дава на располагање ресурсите и слободата со времето. Компанијата има три главни вредности по кои се води, кои може да се прочитаат и на нашата веб-страница www.wicecream.com, а вклучуваат иновација, транспарентност и одржлив развој.
Кои се најголемите успеси на компанијата или проектите на кои се гордеете?
Искрено се гордеам на секој чекор кој ќе го постигнеме со тимот, главно бидејќи овој производ е нешто ново и затоа патот за да истиот се донесе на пазарот и да се пробие е вистински предизвик. Еден од најголемите успеси лани ни претставуваше изградбата на фабриката која е целосно автоматизирана и акредитирана по HACCP стандардите, друг голем успех ни беше префрлање на процесот на производство од лабораторија во фабрика, трет голем успех ни претставуваше развојот на двата вкусови (Мерло, чоколадо и вишна и Ризлинг, ванила и малина). Од оваа година најголемите успеси ни претставуваа влезот на домашниот пазар, како и извозот на балканскиот пазар, кој се надеваме дека во текот на наредната година значително ќе се зголеми.
Сладолед од вино! Го создадовте овој уникатен производ. Раскажете ни нешто повеќе за WICE?
Сладоледот со вино започнав да го развивам уште во 2016 година. Имено, иако идејата за комбинирање на сладолед и вино звучи атрактивно, самиот процес е многу комплексен. Главната причина се состои во разликите во точките на мрзнење на двете состојки, односно точката на мрзнење на виното достига до -18℃, додека сладоледот замрзнува на 0℃. Со цел да развијам proof of concept, мене ми беа потребни повеќе од година и пол активности за И&Р, кои главно се одвиваа во Обединетото Кралство, каде ги правев во тоа време моите магистарски студии, кои се фокусираа токму на развојот на сладоледот со вино. После година и бпол успеав да развијам технолошки процес на покачување на точката на мрзнење на виното на 0℃, со што крајниот резултат претставуваше сладолед кој може да го задржи винскиот алкохол внатре. Крајниот резултат претставуа едно канче од 180 милилитри што може да има еквивалентен ефект на конзумирање чаша вино.
Во моментот имаме развиено два вкусови и тоа : Мерло, чоколадо и вишна и Ризлинг, ванила и малина. Двата вкусови содржат 50% вино, што е главната состојка во сладоледот и содржат 4.5% алкохол во крајниот производ. Во моментот развиваме и нови производи и нови вкусови, кои повторно ќе бидат со вино и ќе бидат достапни на пазарот од наредното лето.
Каде може да се најде производот?
Кај нас, WICE може да се најде во супермаркетите на Тинекс, и во неколку ХоРеКа (Хотели/Ресторани/Кафичи) локали низ државата. Во наредната година, планираме значително да го зголемиме нашето присуство на домашниот пазар, како и да влеземе со повеќе вкусови и нови производи. Дополнително, од 13 до 15 октомври ќе учествуваме и на Веро Винофест фестивалот и сладоледот со вино ќе биде достапен и таму.
Студентите од Академијата за графички дизајн на Brainster го изработија решението за лого и дизајн за пакување на WICE. Како клиентите го прифаќаат продуктот задоволни ли сте од реакциите?
Со еден збор – премногу! Искрено сите тимови се појавија со креативни решенија и ни беше тешко да одбереме, па донесовме одлука дури после две недели. Сепак, победничкото решение беше многу уникатно и студентите осмислија цела приказна околу истото, поврзувајки го сладоледот со вино со уметноста и правејќи едно сосема различно и ново пакување, кое не дели од сите останати сладоледи моментално достапни на пазарот. Со победничкиот тим имавме прекрасна соработка и до денес сѐ уште комуницираме, тие активно не подржуваат и ние многу ги цениме.
Како сте задоволни од соработката со Brainster и дали ваков тип на соработка би препорачале на други компании?
Од соработката со Brainster сум многу задоволна, пред сѐ поради тоа што компанијата би ја опишала како професионална, а сепак со топол пристап кон клиентите. При нашата соработка членовите на компанијата дадоа сѐ од себе за дизајнот и логото да изгледаат што е можно поблиску до нашата замисла, па дури и ги надминаа нашите очекувања. Топло го препорачувам и на други компании, а искрено и јас ќе продолжам да соработувам со Brainster повторно за развојот на нашите нови производи.
Што велат студентите:
Решението за дизајнот и логото на сладоледот е на победничкиот тим Султана Стефановска, Марија Попчева, Ристе Ристов и Маја Симоновска. Тие ни раскажаа дека со тимска работа и меѓусебно разбирање, ефикасно ја комплетирале задачата и успешно го завршиле предизвикот.
„Ние на барање на Matryoshka создадовме нешто модерно, а безвременско. Самиот производ WICE, сладолед со вино, налага да биде и забавен, и елегантен истовремено. Преку дизајн, често се случува да им се оддаде почит на големите мајстори на уметноста. Токму тоа ни беше голема инспирација за изборот на четирите познати уметнички слики, коишто вешто ги вклопивме во приказната за една модерна класика. Самиот произод е чуден спој кој ја буди љубопитноста на нашите сетила, па затоа и фотографиите од уметничките дела кои ги искористивме се само мали исечоци кои како сложувалка се распространети во една квадратна шема. Остатокот од шемата е исполнет со квадратчиња во боите на нашите внимателно одбрани палети, кои освен што даваат игривост, ни наговестуваат и какви вкусови да очекуваме. Круната на овој дизајн е типографското лого, коешто прави брендот сладоледи WICE да биде препознаена како иновативен производ со ететска вредност. Сакаме WICE да биде десерт и за очи. Убедени сме дека еден производ заслужува да изгледа подеднакво добро и на надворешноста“, велат студентите.
Ако сѐ уште се прашувате зошто да станете innovation партнер на Brainster, посетете ја co-innovation & hiring платформата и уверете се сами.
Биди дел од иднината и соработувај со Brainster преку платформата за иновација.