Едно од позначајните засилувања во Brainster tech тимот во изминатиот период е енергичниот и секогаш расположен Боко – Бојан Стојковски. После завршувањето на Академијата за Front End програмирање, беше на неколку месечна практикантска програма кај нас, а сега веќе работи како front-end developer во нашиот тим. 

 

Си поразговаравме со Боко за неговото искуство, импресиите и заклучоците за најтурболентниот период од неговиот живот.

 

За почеток неколку зборови за тебе – Кој е Боко? 

Боко е Бува! 😆 Боко е 30 годишен човек во тело на темпераментно детенце во душа, доаѓа од Куманово, обожава и практикува сè што е екстремен спорт, сè што е поврзано со технологија, посветен сопруг, горд татко и по најново front-end web developer (junior).

 

Имаш интересна позадина зад себе од кариерен аспект. Покрај приватен семеен бизнис одлучи да направиш огромна промена и да си одбереш своја кариерна насока. Зошто ја донесе оваа одлука?

Како член на семеен бизнис, уште како мал имав прилика да навлезам во деловниот свет. Својата работна пракса и деловен однос ги градам уште од своите училишни денови. На сметка на тоа, никогаш не се стекнав со високо образование, иако имав огромна страст кон информациските технологии и музиката. Се чувствував како да сум заробен во сосема друга индустрија, во таа каде што се наоѓаше бизнисот на моето семејство. 

Боко, зошто баш front-end development?

Да се надоврзам на одговорот од претходното прашање, во моментот кога сфатив дека ќе станам татко и сопруг, се случи некој магичен пресврт во моите приоритети. Веќе не беше битно што другите очекуваат од мене, па почнав да размислувам за „План Б“ и за тоа што е најдобро за мене и моето семејство.

Размислував цела година и донесов одлука дека front-end development е тоа што мораше да се случи. Целиот процес започна како препорака од близок пријател кој е програмер и кој познавајќи ме, сметаше дека тоа е професијата за мене, а јас пак одлучив да му верувам.

 

Својата кариера како front-end developer ја започна токму во Brainster. Раскажи ни нешто повеќе за досегашното работно искуство. Кој е најголемиот предизвик со кој што се имаш соочено до сега?

Да се работи во една здрава и брзо растечка компанија според мене е привилегија која ја имаат малкумина на овој свет. Пристапот во нашата компанија е да ја чувствуваме како наша, а во поглед на одговорност и посветенот е мотивирачки, модерен и светски. Да појаснам, имаш работна задача и имаш целосна слобода, на кој начин и кога сакаш да ја изработиш.

Има две правила на игра во Brainster, а тие се:
1. Нема доцнење на состаноци – не смее цел тим да чека еден човек;
2. No bullsh*t – во смисла темелно и ефикасно работење и доставување на резултати.

Патем, правилата се сосема во ред. Покрај сѐ, сметам дека е одлично што сме Product Based компанија, односно креираме продукти за наши корисници наместо за клиенти кои имаат свои корисници. Тоа значи дека додатно сме слободни да се движиме во која насока сметаме дека треба, да користиме технологии што нас ни одговараат, да градиме нешто за себеси.

Секој ден е предизвик, некој полесен, некој потежок, но најголемиот предизвик за мене сѐ уште претставува балансирањето помеѓу приватниот живот и работата, односно се чувствувам дека премногу време поминувам кодирајќи, а премалку со семејството.

Со tech тимот во изминатиот период, а и тековно, работите на неколку нови дигитални продукти. Не би смееле да откриваме детали, но можеш ли да споделиш со нас што е она што највеќе те мотивира во работата?

Најголема мотивација за мене е што Brainster како компанија примарно има мисија да се справува со огромни проблеми за младите луѓе на интернационално поле. Така и тековниот проект на кој што работам, а за кој нема да ви откријам детали, исто како Квизот за кариерно насочување кој што го работевме на пракса, решава еден проблем, но во многу поголема мера.

 

Како изгледа еден твој работен ден? Кои се твои главни задачи?  Кои се моментите во кои највеќе уживаш?

Мојот ден за мене е многу интересен, јас не станувам многу рано. Може да се каже дека јас сум ноќно суштество, но се трудам да се разбудам во 09:30ч. Си подготвувам црн или зелен чај (кафе не пијам), појадок и чаша вода, па седнувам на компјутер, проверувам е-пошта, стапувам во контакт со претпоставен, или за координација – или чисто да се најавам дека сум достапен и соодветно се фаќам за работа.

Од тој момент, за некој неутрален набљудувач мојот ден би изгледал болно досаден, но во мојата глава се случува експлозија од реакции, калкулации, буквално влегувам во компјутерот и сум тотално игнорантен кон околината, слатка агонија во која што сум заљубен од првиот напишан код

Најслатко нешто за мене претставува кога ќе успеам да изработам нешто со ново-совладана вештина, тоа е едно чувство на моќ кое што е незаменливо.


Опиши ни ја атмосферата во tech тимот.

Пред сè, морам да се пофалам дека го имаме најлудиот CTO (главен технички официр, претпоставен) во државата, па и пошироко. Се работи за човек кој што веројатно целиот свој живот го посветил на професионално изградување и стекнување со вештини. Тој е оној кој што ни ја прави атмосферата хармонична.

Сметам дека баш таа здрава атмосфера гради лојалност и посветеност на вработените. Останатите колеги се супер и пријателски настроени, спремни да помогнат и да побараат помош кога тоа им е потребно. Накратко кажано – хармонија.

Не може, а да не се навратиме на времето кога беше наш студент на Академијата за програмирање. Неколку кратки прашања на оваа тема. Најпрво: Како ни дојде во Brainster? 

Facebook Ads, нормално нели. 😆 Спомнав погоре дека веќе барав излез од статусот кво во кој што се наоѓав, веќе барав академии за надградување или кариерна трансформација и нормално ми излезе реклама на Facebook за некој си Brainster. Направив кратко истражување, на интернет, потпрашав пријатели кои се веќе програмери и кога дојдов до позитивен feedback аплицирав на Академијата, останатото е прекрасна историја.

 

Со која цел се запиша на Академијата? Дали на местото на кое си моментално во твојата кариера можеш да кажеш дека си ја исполнил својата цел?

Целта да се запишам на Академијата, примарно ми беше да имам „План Б“, односно не сакав повеќе да зависам од вработувањето во фирмата на моите родители, не сакав да дозволам повеќе да ми биде страв од она што ќе се случи доколку таа опција пропадне.

Сакав да станам независен, сакав да изградам нешто свое, а воедно да се изградам и себеси. Тој „План Б“ многу брзо се претвори во „План А“ и во текот на остварувањето само се надградуваше со нови цели кои што постепено ги исполнуваме, поставуваме нови и тоа допринесува за насликување на една поголема слика.

 

Најбитна лекција што ја научи на Академијата?

Кога подобро ќе размислам, не е нормално колку многу лекции научив на Академијата надвор од програмирањето. Би додал дека сите можат да ги научат само доколку посветат малку повеќе внимание.

Како најголема лекција би го одвоил тоа што во мал милион прилики, видов дека можам да постигнам сè доколку сум упорен. Тоа ме научи да не се откажувам, ми даде самодоверба со која понекогаш се наоѓам во борба за да истата не се претвори во ароганција, ме направи тоа што сум денес.

 

За крај – твоја препорака до сите оние кои што размислуваат за кариерна промена и насочување во сферата на front-end development?

И пред настанатава состојба со КОВИД-19 побарувачката за квалитетен кадар во tech индустрија беше голема. Сега кога сè е online, од состаноци до шопинг, бесплатни достави, нарачки и слично, побарувачката е поголема од било кога.

Од друга страна, многу луѓе од другите индустрии останаа без работа и немаат што да изгубат, затоа нека не размислуваат и нека ја направат посакуваната промена. За ова ќе морам да цитирам еден јунак кој што ќе одлучам да остане анонимен, но ќе се пронајде самиот. „Денес!“

 

 

Доколку сакаш да си дел од Coding заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2021, дознај повеќе за Академијата тука.

На оваа Академија учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!

Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

10 Компании. 100 Студенти. 1000€ Ваучер.