Една од најомилените работи во Brainster ни е кога треба да претставиме нов инструктор. Тоа значи дека нашата екипа расте, палетата на знаење што ја нудиме се шири, а бидејќи инструкторите ни се супер кул луѓенца тоа значи и дека ќе си направиме убав муабет.
Овој пат меракот е уште поголем бидејќи денес нам ни гостува личноста кај која отсекогаш било вистински престиж да се гостува – Ана Јовковска, новинар, автор, специјалист за комуникациски вештини и јавно говорење. Таа ни се приклучува како инструктор на Академијата за маркетинг, како и на Курсевите за комуникациски вештини и јавно говорење.
Здраво Ана и добре ни дојде! Наша логика да те поканиме на тимот инструктори на Brainster беше јасна – сакаме да го понудиме најдоброто од најдобрите за нашите студенти. Која беше твојата мотивација да ја прифатиш поканата
– Фала! Јас, слично на Гоце светот го разбирам како поле за културен натпревар. Таквиот натпревар е можен само со образовани поединци, кои за разлика од времето на Гоце, денес треба постојано да вложуваат во себе, во нови знаења и техники. Прво, драго ми е што ќе бидам дел од мрежа на инструктор(к)и кои несебично го споделуваат своето знаење и занает. Второ, уште повеќе ми е драго што во земјава постојат училишта како „Бреинстер“ што ги пополнуваат дупките на формалниот образовен систем и се обидуваат да понудат алтернативни и релевантни канали на образование. Трето и најважно – сметам дека моја мисија е да едуцирам за она за што сум стручна. Целиот менторски процес го гледам како работа за личен и професионален раст и развој. Почнав со Гоце, а ќе се надоврзам на Сократ: „Знам дека ништо не знам“ е најважната позиција што човек може да ја негува за постојано да се надградува! Времево е шашаво и хипер-динамично и не трпи рутина и статус-кво. Ако не вложуваш во нови знаења, стануваш неконкурентен на пазарот на трудот. Ти можеби мислиш дека си на врвот на планината, а всушност си на подножјето на следната повисока планина. Дали бев доволно сликовита во објаснувањето на мојата мотивација фриленсерски да се прикличам на вашиот тим?
Твојата специјалност се комуникациските и презентациските вештини. Твоето искуство е огромно и имаш одличен увид, па не интересира следново. Каква е ситуацијата во оваа област денес, колку се промени со развојот на новите технологии и променетите навики на комуникација меѓу луѓето?
– Ситуацијата е како бродот на Пол Вирилио Употребена, но и злоупотребена. Новите технолошки трендови, новите медиуми и социјалните мрежи ги сменија меинстрим тековите на комуникациските канали. Бомбардирани сме со огромен број на информации во текот на денот, а филтрите не ни се доволно изострени. Затоа се „поминува“ во бурата од интелектуални и квази-интелектуални стимулации. Токму затоа ни е неопходна медиумска култура и медиумска писменост, а областите кои ги работам се дел од една поширока наука, комуникологијата, која е сублимат од филозофија, психологија, социологија, кибернетика, политички науки и когнитивните науки. Мојата методологија пак е адаптирана на вртоглавите промени кои секојдневно ги живееме, за да може да не се изгубиме во т.н. „булимично читање“ и да ги искористиме потенцијалите на успешната комуникација во разни професии во кои меките вештини (soft skills) се неопходни.
Ни се приклучуваш како инструктор на Академијата за маркетинг, но и како инструктор на курсевите. Наскоро започнува твојот Pop-up Курс – 5 техники за успешна комуникација и јавно говорење, за кој има голем интерес. Што може да очекуваат посетителите на овој курс?
– Би сакала да очекуваат многу од себе, а уште повеќе од мене 😉 На овој Pop-up курс ќе можат да научат што е успешна комуникација, како со комуникациските вештини да ја развијат најдобрата верзија на себе си, како да ги владеат техниките на вербална и невербална комуникација, што кажува говорот на телото, како да ја победат тремата и стравот од јавно говорење, што е потребно за добар говор, како преку комуникациските методи да ја развијат својата емоционална интелигенција (ЕQ), за его состојбите на личноста како клучни фактори за успешна интерперсонална комуникација, управување со време, управување со конфликти и друго.
Порака од тебе до сите оние што размислуваат што да направат со својата кариера?
– Една просечна личност работи со околу 50% од својот капацитет. Затоа, им препорачувам да го ослободат својот потенцијал и да не бидат просечни, туку посебни, да се извишат над медиокритетското опкружување и да освојуваат нови професионални врвови. Да не чекаат да бидат мотивирани, туку да се мотивираат сами. Да не се плашат да излезат од зоната на комфорот и да преземат одговорност за својот живот. Секогаш да бидат гладни за нови знаења и вештини, или со други зборови да вложуваат и да веруваат во себе и да го следат својот сон.
Ти благодариме Ана и едвај чекаме да почнеш со предавања! Се гледаме на Pop-up Курсот – 5 техники за успешна комуникација и јавно говорење, како и на Академијата за дигитален маркетинг.