Цветанка Цветановска е новиот Маркетер во Brainster

За отворената позиција за маркетинг во Brainster добивме над 30 апликации, поголемиот дел соодветно квалификувани кандидати. На крајот, се одлучивме за Цветанка Цветановска, која имаше храброст да ја напушти повеќегодишната кариера како сообраќаен инженер и целата енергија да ја вложи во кариерна трансформација. Ја посетуваше академијата за маркетинг во Brainster и се издвои како еден од најдобрите студенти, па ни беше мошне драго кога го видовме и нејзиното CV меѓу пријавените.

Цеце, ти посакувам топло добредојде во името на целиот тим и ветувам дека ќе направиме сѐ за да го имаш најдоброто искуство до сега. Ти подготвив неколку прашања за да те запознаат и нашите пријатели.

Изборот на благо што ќе се јаде во текот на денот е многу важна тема на работа, некогаш правиме и brainstorming на оваа тема. За да те запознаеме подобро како колешка, сподели кое е твое омилено благо од Апче?

Во падобранци се обложуваме, бушавото блакце крем спасува ситуација во напорен ден, тулумбата смирува нерви, а трилечето е баш да си почeстиш душа ☺. Многу често не стигнувам да ги пробам сите што во канцеларија ќе ги донесат Брејнстеровци, кои обично после 12 се претвораат во вистински cookie monsters.

Претпоставувам имаше напорна година. Академијата за маркетинг, изработка на проекти и еден тон домашни, напуштање на старaта работа и започнување на нова… Кои моменти од 2018 година би ги издвоила?

Минатата 2018 година за мене беше година на трансформации во секое поле. Ја напуштив комфорната зона која веќе извесен период ме презаситуваше, и се впуштив во една нова авантура наречена Академија за Дигитален Маркетинг во Brainster. На почетокот, не бев сигурна дали може еден сообраќаен инженер со своите обврски „од 08 до 16“ да најде поврзаност и да си направи место во овој динамичен, креативен и флуиден свет.

Предизвикувачки беше да се балансира помеѓу работата, Академијата, домашни, проекти, нови луѓе… но во ниеден момент не се изморив од динамиката – баш напротив. Овде ќе споделам една мисла која ми го промени начинот на кој им пристапувам на личните планови, а гласи вака: „ Some people romanticize their plans for the future, but dread the execution. The magic you are looking for, is in the work you are avoiding.“

Работењето на себе, промената во начинот на кој ги гледам работите, иднината и плановите кои ги зацртав за мене и на кои со возбуда работам – прави да размислувам дека сум на вистинскиот пат.

Многу нови работи се најавени во Brainster оваа година. Каде најмногу сакаш да придонесеш? Што сакаш да научиш во 2019?

Еј, навистина многу нови работи се најавени! Имаме многу проекти кои едвај ги чекам и им се радувам на нивното лансирање ☺. Спремаме нов тип на Комбо Курсеви во Brainster за кои ќе бидам директно одговорна и процесот на нивното одвивање е нешто на кое моментално работам.

Во средина каде новите знаења ти се буквално оддалечени на една училница од тебе, не може а да не си љубопитен да научиш нешто ново. Следно што сакам да го совладам овде, и би ми помогнало во работата е работењето во WordPress, Photoshop… добро е ова full-time ученик.

Сакам да придонесам во секоја приказна која била или допрва ќе биде дел од Brainster. Многу е возбудливо сега, како човек кој го поминал овој пат да ги гледаш работите од другата страна на паричката.

Нови знаења, градење на една меѓусебна доверба во оваа заедница, нови идеи кои растат во проекти, како и чекорот со трендовите во дигиталниот свет кои постојано растат и еволуираат се нешто во кое наредниот период ќе се посветам и ќе се трудам да фатам добро темпо.

Зошто одлучи да се вработиш во Brainster?

Како Академијата се приближуваше кон самиот крај, спонтано низ кафе муабет изразив желба на некој начин да се оддолжам за сиот труд што луѓето кои се задолжени за оваа Академија го вложија и за сѐ што направија за сите нас. Си реков – готово е, сега сум спремна да волонтирам, да се вклучам во некој проект, да придонесам со знаењето што го стекнав, што и да е. Бев спремна да почнам повторно од нула, но не ни помислував дека ќе започнам токму од местото каде што одлучив да ја направам промената.

 

Welcome Цеце!

Related Stories For You