Со аплаузи, поддршка, многу позитивна енергија и смеа, 100 студенти од Академиите за дигитален маркетинг, графички дизајн, UX/UI дизајн, Project & Product менаџмент, на 28 мај ги презентираа финалните решенија и со тоа успешно го завршивме Brainster live хакатонот заедно со IFES North Macedonia.
На овој Хакатон, студентите посветено работеа на изработка на веб и мобилна апликација наменета за едукација на младите во полето на заштита на лични податоци и користење на податоци онлајн.
Хакатонот произлезе како дел од проектот на Швајцарска амбасада – „Поддршка на изборни реформи“ имплементиран од меѓународната фондација за изборни реформи (IFES), а мобилната апликација е дел од препораките кои произлегуваат од документ за јавна политика изработен на оваа тема.
Последните два и пол часа од хакатонот поминаа емотивно и буквално покажаа зошто вредеше сѐ што вложја студентите во секој миг од тие 48 часа.

Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано “SAFEBLINK“, токму она на тим 3, составен од членовите: Андреј Дојчиновски, Наталија Славева Тодорова, Алексеј Рашко, Марина Златеска Божиќ, Христијан Митрески, Тамара Најденова, Климент Србиноски и Петар Јаневски.
Дополнително, на 13 јуни во DoubleTree by Hilton се одржа настан кој го организираше IFES North Macedonia, на кој се презентираше документот за јавни политики: „Младите и дигиталната приватност“. Студентите од Brainster кои се победници на последниот хакатон во живо „Save the Data“ имаа можност да го презентираат победничкото дигитално решение за заштита на личните податоци на младите.
Во продолжение, си поразговаравме со победничкиот тим за нивното искуство на овој Хакатон

Здраво тим! Вие сте едни од студентите кои покажаа одлични перформанси и кои изработија многу интересни и креативни проекти. Најпрво, споделете ни нешто за себе.
Алексеј Рашко – Човекот кој никогаш не ни помислил дека ќе работи како дизајнер, затоа внимавај што ќе посакаш, може и ќе ти се оствари.
Андреј Дојчиновски – Architect in the streets, UX designer in the sheets.
Марина Златеска Божиќ – Алумни студентка на дигитален маркетинг која верува во алгоритамот на успехот.
Наталија Славева Тодорова – Неуморен креативец, трагач по знаење и напредок, маркетер по професија со желба да биде и успешен UI дизајнер, па да ја прикаже креативноста на дело!
Тамара Најденова – Иден креативен графички дизајнер.
Петар Јаневски – Графички дизајнер. Секогаш во нас се крие многу повеќе отколку што може да сфатиме, светот може да ме изненади, но и јас можам да го изненадам светот.
Христијан Митрески – Решителен поединец со јасна визија да стане иден дигитален маркетер, воден од страста за искористување на дигиталните стратегии за создавање влијателни и успешни маркетинг кампањи.
Климент Србиноски – Don’t dream if you don’t have balls!
Бевте дел од едно незаборавно искуство, односно да присуствувате на голем Brainster Live Хакатон, каде што имавте задача во рок од 48 часа да испорачате предлог решение за IFES. Најпрво, како си поминавте?
Христијан: Поминавме неверојатно време на хакатонот, исполнето со возбуда и креативност. Соработувајќи со истомисленици, развивме иновативни идеи, се предизвикувавме со сложени проблеми и неуморно работевме на нашите решенија. Енергичната атмосфера, заедно со заедницата за поддршка ја подгреа нашата мотивација и нѐ поттикна да ја донесеме нашата А-игра. На крајот, чувството за постигнување и остварените пријателства го направија хакатонот незаборавно искуство за сите нас.

Раскажете ни повеќе за проектот. Која беше идејата и целта што требаше да се постигне?
Андреј: Целта беше креирање на веб платформа која ќе ги едуцира младите на средношколска возраст на теми околу онлајн приватност, заштита на лични податоци и слично, сѐ со цел да станат посвесни за нивното присуство во онлајн просторот (каде поминуваат значајно време), да препознаваат потенцијални проблеми и воедно да знаат како да постапат и каде да се обратат доколку лично се соочат со таков проблем.
Нашата задача беше комплетно осмислување на еден ваков продукт, почнувајќи од неговото име, дизајн на лого и брендирање, потоа дизајн на самата веб платформа до ниво на прототип со сите потребни функционалности, заклучно со маркетинг стратегија за нејзино промовирање.
Така произлезе Safeblink, веб платформа достапна во десктоп и мобилна верзија, која преку кратки едукативни видеа, илустративни туторијали и разни tips & tricks ќе се обиде да ги научи младите сѐ што треба да знаат околу горенаведената проблематика “so they can blink safely while looking at their screens“. Покрај едукативната содржина, решивме платформата да ја надополниме и со табла за дискусии како нов простор кој ќе им овозможи на корисниците да споделуваат искуства и меѓусебно да се подучуваат за овие теми.
Марина: Со оглед на фактот дека нашата целна публика се млади лица сметавме дека креирање на карактер кој ќе ги едуцира низ процесот ќе биде вистинскиот погодок. Од таму се роди и нашата маскота на роботче кое го именувавме Блинки. Сметаме дека со развојот на AI алатките и нивна актуелизација вметнувањето на роботче во самиот процес ќе биде доста привлечен потег.
Како изгледаше целиот процес на работа и кои беа вашите задачи?
Марина: Динамични и интензивни 48 часа. Преку дружба, смеење, компромиси, споделување идеи и тимска работа работевме на погоре спомнатите задачи и изработивме пристапна и интерактивна платформа што ќе им помогне на младите да разберат и да се заштитат од потенцијални опасности онлајн. Самиот хакатон ни беше предизвик за кој успеавме да го донесеме победничкото решение. Имавме можност да се консултираме со инструктори кои ни помогнаа во процесот, нѐ подучуваа и критикуваа, сѐ со цел да дојдеме до вистинското решение.
Тамара: Кога времето е ограничено, мора добра организација, која за среќа ја имавме во нашиот тим. Најважно од сѐ е што секој си го знаеше својот дел од работата која ја има во својата област. Имавме навистина добар тим и благодарение на таа сплотеност и ентузијазам, на крајот изработивме одлично решение и сме горди на истото.

Од каде ја црпевте инспирацијата?
Алексеј: Најпрво од самиот тим. Сметам дека кога ќе се соберат толку креативци во една просторија и споделуваат мислења на кои други се надополнуваат може стварно да произлезат фантастични идеи. Исто така, искористивме една од најпознатите AI алатки на денешницата ChatGPT и тоа ни даде некоја насока за проектот. За крај, би го спомнал и Дуолинго и нивната гејмификација која е доста позната ширум светот и има многу студии напишани за истата. Ова ни помогна да дизајнираме страна за профил за корисникот да има позабавно искуство и можеби ова беше моментот кој нѐ направи поразлични од другите тимови и причината за нашата победа на Хакатонот.
Како успеавте да се соочите со предизвиците, притисокот од рокови, а притоа да креирате едно вакво интересно решение?
Андреј: Работевме во многу смирена атмосфера и во тие 48 часа во ниеден момент не се почувствува нервоза или тензија, што мислам дека многу придонесе кон успешно завршување на задачата. Со други зборови, успеавме да не дозволиме притисокот негативно да влијае на процесот. Притоа, секој си ја знаеше улогата во тимот и како најдобро може да придонесе и секој беше спремен да помогне онаму каде што се јавуваше потреба.
Тамара: Најпрво, се договоривме меѓусебно да започнеме веднаш со работа и да си ги предадеме улогите кој и што ќе работи штом заврши брифинг сесијата со клиентот. Многу е важно и скапоцено времето кога е ограничено и кога за 48 саати треба да се изнесе решение. Ја почнавме работата на време и со тоа не дозволивме на крај да се осети тензија, со тоа што цел викенд си работевме во опуштена и забавна атмосфера. Јас искрено жалам што не можев да присуствувам во живо, сигурно чувството е многу поубаво, но сепак сум благодарна за ова искуство па макар и онлајн.

Што научивте од оваа соработка?
Марина: Хакатоните се извор на знаење и искуство, 48 часовен предизвик во кој владее пред сѐ адреналинот, а потоа креативноста и напорната работа. На овој хакатон нашиот тим научи за тоа колку е важно да се работи тимски, како сите да размислуваме како еден и да најдеме компромис кој ќе нѐ води до заедничка цел.
Исто така, научивме да си го распределиме времето правилно со цел да постигнеме успешно заедничко решение и се уверивме дека 48 часа се доволни да се изработи истото, доколку целиот тим несебично работи и си помага.
Андреј: За дел од нас ова беше прв хакатон и имајќи предвид дека на истиот учествуваа студенти од 4 академии, научивме и нешто повеќе за работата на колегите од сродните сфери, кои проблеми и на кој начин ги решаваат и како тие придонесуваат кон истата заедничка цел, односно кон созадавањето на истиот продукт.
За крај, како работата на реални проекти влијае врз вашите знаења и вештини?
Алексеј: Работата на реални проекти е една од најголемите предности на Brainster и е од најголема важност за теоријата што ја учиме директно да ја примениме во пракса. Со ова ние ја подобруваме нашата тимска работа, ги развиваме комуникациските вештини и секако имаме портфолио кое многу ќе ни помогне за вработување. Исто така, со работата на реални проекти многу полесно ги учиме алатките кои ни се потребни за успешно да ги завршиме проектите.
Андреј: Меѓу другото, мислам дека свесно или потсвесно, работењето на реален проект додава една доза на сериозност и дополнителна мотивација при изнаоѓањето на соодветно решение за даден проблем, што е голем плус во целиот процес.
Доколку размислуваш да го направиш првиот чекор кон лансирање на нова кариера или сакаш да ги надградиш своите дигитални вештини, нема подобро време од сега!
Затоа, искористи ја можноста да учиш под менторство на врвни професионалци, на интензивна програма и со работа на реални проекти што ќе влезат во твоето портфолио!
