Лансирањето на еден стартап е највозбудливиот дел, но успехот не лежи во самиот акт на лансирање туку способноста на скалабилност, непрекината работа, пасија и верба во непрекинато усовршување на тимот и бизнисот.
Ивана Каралиева– инструктор на pop-up курсот: Како да лансираш стартап и од каде да почнеш ќе не научи кои практики се применуваат денес и како да се избегнат почетничките грешки кои многу стартапи ги прават.
Која е Ивана и со што се занимава?
Маркетинг Менаџер во DoxTeam и моментално работам во тим кој развива паметна апликација за храна. Спроведовме многу успешни маркетинг стратегии. И тоа не подразбира само како да ја лансираме самата апликација туку и како да ги задржиме корисниците и да ги претвориме во лојални. Искуството е многу возбудливо и секој ден имаме нов предизвик којшто го освојуваме тимски.
Имаш лансирано 2 стартапи. Кажи ни нешто за тоа искуство.
Најмногу научив при лансирање на тие стартапи односно продукти спремни за да го освојат пазарот. Едноставно за да дојдеме до тоа лансирање требаше буквално да испланираме се за тој продукт. Од тоа како ќе им го објасниме на корисниците (short/long pitch), па понатаму каде ќе биде лансиран стартапот, стратегии за медиумско претставување, стратегии за социјалните мрежи, па се до feedback-от на корисниците на тој продукт и одговор на прашањата што понатаму. Претпоставувам дека кога си ја сакаш работата, едноставно учењето нема крај. Секогаш може подобро и секогаш има што ново да се научи.
Кој е процесот за лансирање на стартап?
Секој производ/услуга има свој пат до официјално лансирање во зависност од тоа за која индустрија се работи.
Кога станува збор за едно софтверско решение, со кое најчесто се среќавав до сега, накратко би кажала дека процесот е:
– Бета тестирање и валидацијa
– Географска сегментација
– Соработка со релевантни инфуенсери и медиуми
– Непрекинат brainstorming на маркетинг тимот во соработка со development тимот
– Агилно работење и цврст тим кој верува во себе и својата мисија
Тоа е накусо есенцијалниот дел од лансирањето на еден стартап.
Кои се ризиците со кои се соочува еден стартап?
Стартапите по дефиниција се млади компании кои го развиваат својот производ/услуга и формираат еден скалабилен бизнис модел којшто во иднина може да се адаптира на одреден проблем на пазарот.
За да се стигне до вистинското решение, најчесто на стартапите им е потребна финансиска и партнерска поддршка. Доколку тоа не се обезбеди на време и постојано, претставува ризик за неуспех на стартапот.