Запознајте ја Елена Фидановска – алумни студент на нашата Академија за UX/UI дизајн која покажа одлични перформанси за време на предавањата, не ја пропушти можноста да учествува на хакатоните и да изработи одлични реални проекти.

Моментално живее во Амстердам, каде што ја започна својата кариера како UX/UI дизајнер во The New Ways – најголемата компанија во светот која што произведува и дистрибуира додатоци за пушење на канабис.

 

Си поразговаравме со Елена за нејзините студентски денови и новото работно место

 

Здраво Елена! Ти си наш студент од Академијата за UX/UI дизајн. Ние веќе те знаеме, но што би споделила со останатите? Која е Елена?

Елена е детето кое што 1990-1991 година наметнато или не (најверојатно поради изборот на 3-те канали на телевизија) сакаше да стане претседател на Собранието на Македонија и да го наследи Стојан Андов. Со тек на времето, како што се зголемуваше изборот на канали така се менуваа и желбите, за на крај, со измислувањето на интернетот и мобилните телефони, интересите да се насочат кон креирање на визуелен контент и дизајн на веб и мобилни апликации. 

 

Пред сѐ честитки за почетоците на твојата кариера во интернационалната компанија The New Ways. За почеток, кажи ни од каде се роди желбата и зошто се одлучи за овој тип на дизајн?

Не можам да кажам дека имаше некој пресуден момент каде што сум пресекла: „Ej да, утре се запишувам на UX/UI дизајн бидејќи прочитав некаде бараат работници”. Работата во маркетинг агенции последниве 5-6 години некако ми го наметна целиот концепт на UX размислување без да знам. Она што сигурно знаев дека треба да направам е да најдам начин да се фокусирам на оваа тема и подлабоко да навлезам во целата наука околу осмислување и креирање на дигитални производи. И да, Е наука :).

 

Ти си уште еден студент кој потврдува дека со упорност и посветеност може да се постигне сѐ во животот. Како си помина на Академијата за UX/UI дизајн? Имаше ли предизвици во процесот на учење и совладување на техниките?

Иако претходно сум следела доста онлајн курсеви и туторијали и сум научила доста, сепак стоев на тоа дека онлајн часови, академии и сл. се губење на време и ништо не е замена за класичната настава. И ете, се случи пандемијата и за среќа го добив целото време на цел свет само за мене. И се покажа дека сум била во голема заблуда. Онлајн часови и тоа како можат да бидат ефикасни, посебно кога си сериозен и посветен на учење. А, кога си заинтересиран да научиш, имаш многу прашања и многу нејаснотии во текот на целиот процес и постојано си во комуникација со предавачите и менторите. Тоа мислам дека беше и најголемиот плус. Се сеќавам на факултет „консултации со професор” беа настан за празнување, закажани денови, па и недели однапред… 

 

Што би можела да ни споделиш за оваа компанија, која е нејзината област на работа?

The New Ways е најголемата компанија во светот која што произведува и дистрибуира додатоци за пушење на канабис. Сѐ она што може да се сретне во coffe-шоповите и продавниците за сувенири насекаде низ светот каде што тоа е дозволено, е произведено или дистрибуирано од оваа компанија. 

 

Како изгледа еден твој работен ден? Што работиш моментално и кои техники и алатки ги користиш?

Моментално работиме на лансирање на наш нов бренд кој ќе има своја линија од над 40 различни производи само во првата фаза. Јас сум задолжена за продукт фотографијата, UX на B2B и B2C е-commerce сајтовите, UX/UI на официјалниот сајт за брендот и дизајн на дел од merchandising производите за бизнис клиентите.

 

Што значи UX/UI дизајнот за тебе?

Чисто, кратко и јасно. 

 

Како UX/UI дизајнерот гледа на светот и на работите околу него?

И покрај тоа што работиме на олеснување на животот на корисниците, нашите животи се сѐ покомплицирани. Многу мали и секојдневни предмети знаат да нѐ извадат од контекст: обратно поврзана чешма, рерна на чудна висина, местење на малите бројки од алармот на iphone, непостоењето на back копче на Instagram кога ќе се зашеташ по профили и сл… 🙂 

 

На кое твое достигнување си најмногу горда во животот?

Тоа што се собрав во два мали куфери и еден ранец во правец накај Амстердам. 

 

Каде се гледаш за 5 години во иднина?

Дефинитивно не на плажа или на планина работејќи сама на компјутер, колку и да ни го дозволува технологијата тоа. Не знам која ќе ми биде следната професија и како ќе биде модерно наречена за тоа време, ама знам дека ќе бидам помеѓу тимот славејќи за некој наш успешно креиран и лансиран продукт.  

 

За крај, што е она што тебе те охрабри да се запишеш на оваа Академија и да ја промениш својата кариера? Што би ги советувала сите оние кои допрва размислуваат за кариера како UX/UI дизајнери и сакаат да преземат ваков чекор?

Светот не стои. Повеќе и не постојат професии кои можат да опстојат 30-40 години без да се соочат со предизвиците кои ги носат новите технологии. Тука настанува потребата од експерти за UX/UI кои би го олесниле пристапот и ракувањето со голем број на алатки за кои допрва ќе слушаме, а во моментов не ни помислуваме дека ќе ни требаат. Замислете само колку ни е помирно во глава откако се појави Shazam…

Иднината е дефинитивно тука. Исто и во изучувањето на мандаринскиот јазик.   

 

Уписите за следната група на Академијата за UX/UI дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето на време!

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!

Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

11 Компании. 110 Студенти. 1000€ Ваучер.