Работењето на реални проекти за реални клиенти знае да биде предизвикувачки процес, но вредноста која се добива од присуството е од значителна корист за надградувањето на знаењата и вештините на студентите.
Бидејќи реалните проекти и Хакатоните се задолжителен дел од програмата на секоја Brainster Академија, со цел да го подобриме искуството на студентите, организиравме проект којшто претставува Cross-Academy соработка.
Поконкретно, проектот започна на Академијата за UX/UI дизајн, каде што студентите беа задолжени да ја направат веб-страницата како и целосниот UX/UI дизајн за клиентот Специјална Олимпијада Македонија. Откако се одбра победничкото решение, проектот продолжи на 48 часовен Хакатон на Академијата за Front-End програмирање и Академијата за Full-Stack програмирање каде задача на студентите беше да изработат функционално веб решение.
Специјална Олимпијада Македонија е невладина организација која ги сервисира потребите на лица со интелектуална попреченост, со цел нивна интеграција во општеството преку спорт и рекреација. Преку овој проект, ќе се овозможи непречена комуникација и споделување на информации за успесите на здружението.
Во продолжение, си поразговаравме со студентите од Академијата за UX/UI дизајн за искуството на овој проект
Еми: Се работи за проект, односно веб-страница за Специјална Олимпијада на Македонија. Нашата задача беше да изработиме веб-страница која ќе ги задоволи потребите на лицата со интелектуална попреченост на територија на СРМ, а воедно и која би била главниот извор на податоци и случувања од информативен карактер.
Тодор: Благодарение на можноста за работа на реални проекти со надворешни компании и организации така и ние ја добивме можноста да работиме на веб решение за Специјална Олимпијада на Македонија. Како и секој еден проект, така и овој го започнавме со истражувањe за тоа што сè претставува една Специјална Олимпијада и кои се нивните очекувања и цели од овој проект. Еден од предизвиците на којшто наидовме е како да се издизајнира решение коешто ќе ги задоволува критериумите на Специјалната Олимпијада, а сепак ќе биде едно ново и одлично решение. Но, преку работа со нашиот одличен тим и професорите коишто ни дадоа насоки и поддршка, го изработивме победничкото решение и со тоа ги надминавме своите, а и очекувањата на претставниците на Специјалната Олимпијада на Македонија.
Александра: Конкретно за овој проект, инспирација црпевме од различни страници поврзани со Олимпијада, Специјална Олимпијада како и Dribble, Pinterest итн. Од голема важност во дизајнот ни беше страницата да биде едноставна и достапна за лицата со попреченост како и нивните најблиски. Конечните дизајн одлуки ги донесувавме со консултации со целиот тим каде сите претставувавме наше решение на даден проблем, заедно ги дискутиравме нивните јаки и слаби страни и на крај донесовме одлука кое решение ќе го избереме земајќи ја предвид пристапноста.
Елена: Ова беше наш прв вистински проект. Дојде со своите учења и предизвици. Имавме доволно среќа да имаме одличен ментор кој ни даде голема поддршка и тимот на Бреинстер кои ни ја овозможија да работиме на еден ваков прекрасен проект. Низ целиот процес при градење на овој проект дефинитивно си ги повторувавме работите кои клиентот ги побара од нас. Научивме како да работиме во тим со луѓе кои не само што се сосема различни од самите нас, туку и доаѓаат со различни позадини, како и да го потиснеме нагонот да имлементираме нешто кое само нам ни се допаѓа и да не се ставаме во улога на корисници (иако на момент тоа изгледаше невозможно), туку и навистина да се водиме според насоките кои ни ги дадоа клиентите како би го направиле најдобро решение за нив.
Јасминка: Целиот процес на работа беше вистински предизвик, затоа што навистина имавме исклучително специфична задача, не само технички, туку и од хуман карактер. Тоа ни даде дополнителен мотив да ги препознаеме и разбереме барањата на клиентот. Целиот тим на Специјалната Олимпијада несомнено заслужува достоинствен веб сајт. Ние сме пресреќни што воопшто во ова тешко време имаме толку храбри луѓе кои се носат со толку потешкотии, а токму ние имавме шанса да дадеме и свој придонес во поедноставување на нивното функционирање и организација. Бескрајно сме среќни и ова е несомнено прв чекор, но голем поттик за да работиме со уште поголема желба и во иднина.
За атмосферата на Хакатонот на Академијата за Front-End програмирање, го дознавме следното:
Гоце: Овој проект е наменет за Специјална Олимпијада Македонија. Од нас се бараше да направиме целосно функционална веб-апликација. Работевме заедно со тим од Академијата за Full-Stack програмирање и ја користевме нивната база на податоци. Предизвикот беше во тоа што имавме ограничено време за работа, односно целиот проект требаше да се изработи за 48 часа. Успеавме да ги реализираме сите барања на клиентот затоа што работевме тимски, а имавме и одлична комуникација со нашиот ментор Ристе Самарџиев.
Владимир: Воглавно се соочивме со два предизвика, едниот беше временската рамка во која требаше да го реализираме целиот проект, а тоа беше период од 48 часа од момент на претставување на проектот и вториот беше нашата одлука за работа со framework (React.js) кој штотуку почнавме да го изучуваме. Но, сепак добрата организација, позитивната енергија којашто владееше за времетраење на целиот процес на изработка на веб апликацијата, како и водството на менторот Ристе Самарџиев, нè доведе до посакуваниот резултат.
Анета: Јасната и отворена комуникација за проблемите со кои се соочувавме во текот на изработката на проектот, како и поделеноста на одговорностите беа клучни за успехот на нашето тимско решение. Самата помисла дека креираме одреден продукт којшто ќе придонесе за подобро функционирање на работата на клиенот дополнително нѐ мотивираше да вложиме уште повеќе знаење и фокус во овој предизвик. Секако, позитивната енергија во тимот и заемната поддршка меѓу нас, ги направија тие 48 часа уште позабавни и поинтересни.
Даниела: Процесот на изработка на овој проект започна со презентирање на дизајнерското решение од страна на студентите од Академијата за UX/UI дизајн, подготвено согласно насоките и идејата на клиентот. После направената координација во рамки на тимот, следуваше изработката на проектот, односно креирање на визуелниот дел и бараните функционалности, при што бевме во постојана комуникација со студентите од Full-Stack Академијата со цел да направиме соодветно поврзување со back-end базата.
Во рамките на целокупниот процес имавме редовна комуникација со нашиот ментор и брзо ги решававме сите предизвици со кои бевме соочени во процесот на изработка на проектот. Финално, сметам дека работата на реални проекти кога имаме можност да соработуваме со студентите од другите Академии, всушност претставува едно големо искуство кое ни овозможува да ги согледаме реалните аспекти во работата на еден front-end developer.
За инспирацијата за работа на овој проект, студентите од Академијата за Full-Stack програмирање ни раскажаа:
Денис: За потребите на овој Хакатон требаше да се изработи комплетно респонзивно веб решение на даден дизајн, којшто претходно беше изработен од страна на студентите на Академијата за UX/UI дизајн во Brainster. Односно, наша задача беше да го „оживееме“ нивното решение и да го претвориме во функционална веб-страница. Како студенти на Full-Stack Академијата требаше да ја изработиме базата на податоци, како и администраторскиот панел преку кој најавениот администратор ќе може да менаџира со самите податоди. Барањата на претставниците на Специјалната Олимпијада на Македонија беа да биде прегледно, брзо и едноставно за користење, а сепак функционално.
Андреј: Процесот за овој реален проект уште од самиот старт почна со максимална работа. Со тимот пристапивме кон темелна разработка на проектот и креирање на план. Планот вклучуваше делење на активности за подобра ефикасност на проектот. Работата под притисок беше најголемиот предизвик за мене. Работевме со модули кои не ни беа доволно познати за работа, но со помош на тимската работа, секојдневното комуницирање и упорноста, успеавме овие проблеми да ги решиме и да направиме победничка веб апликација.
Никола: Инспирацијата покрај тоа што ја имавме лично, си ја црпевме и меѓусебно. Се стимулиравме, бевме постојано на zoom, дававме идеи и мислења, едноставно се организиравме и бевме одличен team каде што перфектно се координиравме. Имаше истрајност и мотив во 48-те часа да изнудиме комплетно web решение. Се консолидиравме бидејќи будно нѐ следеа нашите ментори и инструктори Ивица Пешовски и Даниела Икономова, и ни даваа насоки во кој правец да одиме и што да имплементираме. Тимската работа во тие моменти е клучна и примарна. Задоволен сум и благодарен на Brainster што ни овозможи да бидеме дел од овој Хакатон.
Христифор: Иако во текот на Академијата наидовме на многу предизвици, работата на реалниот проект за реален клиент ни беше еден од најпредизвикувачките, но и најинтересни проекти, проект на којшто многу научивме и ни помогна да создадеме визија околу тоа како се одвива целиот процес на работа во тимови. Искуството што го добивме на овој проект многу позитивно ќе ни влијае на нас како програмери. Team work makes the dream work.
Јордан: По успешно завршениот процес на градење на целосна веб апликација за реален клиент кој вклучува тимска работа, добро координирање, и нормално солдино познавање на технологиите што ги користевме, морам да кажам дека сме многу задоволни и среќни затоа што изработеното решение ќе допринесува во животот на другите луѓе и ќе биде користено секојдневно.
Совладај ги најбараните вештини на денешницата преку работа на реални проекти за реални клиенти.
Дознај повеќе за програмите на Академијата за UX/UI дизајн, Академијата за Front-End програмирање и Академијата за Full-Stack програмирање.
Интересот е преголем, а бројот на слободни места – ограничен, затоа резервирај го своето навреме!