Pandemic Disease Tracker – продукт кој го тестираа нашите студенти

Со цел да ја комплетираат програмата, студентите на Академијата за Software Testing имаа задача индивидуално да ги изработат своите завршни проекти и успешно да го тестираат продуктот. Овој дел од програмата е наменет за студентите да го претстават и покажат целото стекнато знаење, како и да ги подобрат своите професионални вештини.

Проектот на којшто студентите работеа е „Pandemic disease tracker“.  Овој продукт претставува веб решение за преглед на дневна, месечна и тримесечна статистика на глобално ниво, изработено за COVID-19 пандемијата од страна на студентите на Академијата за програмирање, а тестирано од страна на студентите на Академијата за Software Testing како завршен проект.

 

 

Работата на овој проект започна со брифинг сесија, каде што студентите добија опис на проектот и требаше да се погрижат ова веб решение да ги понуди потребните функционалности.

Под менторство на Душица Митровска, студентите напорно работеа, беа целосно посветени на својот завршен проект и успешно го завршија предизвикот, а со тоа ја завршија програмата на Академијата за Software Testing.

Огромна благодарност до менторката што во секое време им стоеше на располагање на студентите за совет, мотивација и поддршка.

 

 

Горди сме на студенти коишто се полни со амбиција и спремни да се соочат со сите предизвици кои ќе им застанат на патот! Продолжете така!

Си поразговаравме со дел од нив за проектот и нивната задача. Прочитајте што ни раскажаа.

 

 

Раскажете ни нешто повеќе финалниот проект. Која беше вашата задача?

Жаклина Делева: Финалниот проект претставуваше тестирање на web решение за следење на Covid статистика, односно „Pandemic disease tracker“. Нашата задача беше да утврдиме дали секоја побарана функционалност од страна на клиентот, работи во согласност со поставените спецификации, и доколку некоја од функционалностите не функционира во согласност со поставените критериуми, тоа да го пријавиме во bug report.

Главните функционалности на „Pandemic disease tracker-от” беа следење на Covid статистиката и нејзино прикажување на глобално и на ниво на држава, распределени на одредени временски периоди. Ова подразбираше секојдневно следење на Covid податоците, бидејќи се од таков карактер каде што подлежат на чести промени, како и секојдневно тестирање на web решението со цел потврдување дека тоа навистина ги прикажува податоците на точен начин.

 

 

Кои беа вашите одговорности и како се одвиваше целиот процес на работа?

Кире Пејчиновски: Финалниот проект „Pandemic disease tracker“ започна на Академијата за програмирање каде што студентите изработија web решение за следење статистиките на Covid вирусот. Потоа, студентите од Академијата за Software Testing започнаа да работат на bug report-и за преглед на дневна, месечна и тримесечна статистика на глобално ниво во светот, како и опција за преглед на истите на ниво на држава. Исто така, требаше да се направи и  графички приказ на статистиката за избраниот период и избраната држава, па да се достават до девелоперите сѐ со цел да се подобри функционалноста на нивниот проект т.е web страната.

 

Што треба да содржи еден квалитетен bug report и како се изготвува? 

Дарко Василев: Квалитетен bug report  треба да содржи кратко, но јасно објаснување на  bug-от, додека чекорите за репродуцирање мора да бидат внимателно запишани без пропуст на ниту еден чекор. Bug report-от се изготвува со репродуцирање на bug-от неколку пати пред предавање на девелоперите.

 

 

Кои беа предизвиците со кои се соочивте работејќи на овој проект?

Мартина Гудеска: Морам да признаам дека во текот на Академијата се соочив со доста предизвици бидејќи имавме задачи коишто требаше да се изработат, а за мене се тоа беше ново, немав никакво предзнаење од овој сектор и не бев сигурна како се тоа ќе успеам да го направам. Меѓутоа, по природа сум човек којшто е постојано во потрага по нови предизвици и истите сакам да ги истражам и научам. Но, морам да издвојам дека најголем предизвик ми беше финалниот проект којшто се изработуваше индивидуално. Проект каде што требаше да тестираме мануелно и каде што требаше да се пронајдат и пријават сите bug-ови, а за нивното откривање потребно е логичко разбирање на проблемот и барањето на клиентот. 

Искрено почувствував несигурност/страв како се тоа ќе го постигнам и дојдов до момент каде што се запрашав дали воопшто сум вредна за ова, дали можам да бидам Quality Engineer. Можам да кажам дека ослободувањето од несигурноста некако ми беше најголем предизвик. Меѓутоа, можеби тоа е тоа што нѐ тера да се вложиме повеќе, да истражуваме и да го дадеме максимумот. Сфатив дека можеш да успееш само ако ја надвладееш несигурноста/стравот во себе и дека мораме да бидеме трпеливи и никогаш да не се откажуваме.

 

 

Која е целта на bug report-от  и што следи понатаму?

Ненад Марковиќ: Целта на bug репортот e да се соберат сите информации за пронајдените bug-ови, а со тоа полесно да се разберат, репродуцираат и поправат пронајдените bug-ови. Баг репортот треба да биде добро напишан, со јасни чекори за репродукција на самиот bug, за понатаму девелоперите да имаат полесна задача да го поправат тој bug. Многу е важна комуникацијата помеѓу софтвер тестерот и девелоперот за крајниот резултат да биде bug free производ кој ги задоволува барањето на клиентот.

 

Во продолжение прочитајте што ни раскажа менторката Душица Митровска за проектот  и модулот мануелно тестирање

 

Како се одвиваше целата соработка и менторските сесии? Дали студентите ги исполнија вашите очекувања? 

Менторските сесии беа доста интерактивни. Од моја страна на студентите им беше презентирана спецификацијата врз основа на која беше изработен самиот проект, потоа следуваа премногу конструктивни прашања од страна на студентите кои се однесуваа на пристапот и изработката на самите defect reports. Крајниот резултат  потврди дека мисијата ни беше успешна, односно извештаите кои беа предедени беа со одличен квалитет и голема техничка поткрепа.

 

Што изучувате на модулот за мануелно тестирање? Кои вештини се потребни за еден студент да биде успешен софтвер тестер?

На модулот за manual testing беа дадени теоретски знаења во делот на test design, testing techniques, testing types и defect reporting, кои потоа беа применети на еден реален проект и за целото тоа време студентите беа насочувани и им беа давани конструктивни забелешки за нивната работа и постигнување на поголем coverаge во тестирањето, за на крај да добиеме еден квалитетен продукт. За еден студент да биде добар software tester е потребно голема посветеност, следење на предавањата, редовна изработка на домашните, голема љубопитност и желба за вршење на оваа работа.

 

Доколку сакаш да си дел од Software Testing заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2021, дознај повеќе за Академијата тука.

На Академијата за Software Testing учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!

Биди дел од иднината и соработувај со Brainster преку платформата за иновација.

Имаш потреба од талентиран кадар за твојата компанија? Вработи студент преку нашата платформа 

 

НОВО | Академија за DATA ANALYTICS и Академија за SALES 👉 👉