Ангел Велковски е еден од студентите кои покажаа голема амбиција и желба за учење, а со тоа постигна и големи успеси. Тој е алумни од Академијата за Software Testing кој по нејзиното завршување се вработи на remote позиција како софтвер тестер во компанијата NicheStack од Чешка.
Во продолжение си поразговаравме со Ангел за неговото ново работно место и искуството како студент
Здраво Ангел! Пред сѐ, честитки за новото работно место! Ние на Академијата те познаваме, но што би споделил за останатите?
Здраво, здраво! Можам да кажам дека како дипломиран правник со повеќегодишно искуство во HR секторот, кариерната промена за мене изгледаше скоро па невоможна во тие моменти. Од секогаш сум сакал да бидам дел од ИТ индустријата, ама буквално во сите гранки. Ситуацијата со појавата на вирусот на светско ниво и губењето на голем дел од контактите со надворешниот свет, ме натера да размислувам малку поинаку околу тоа што би сакал да правам во сето ова слободно време што го имам дома, па така сѐ си дојде само по себе. Желбата постоеше од секогаш, а фалеше само храброст, хаха. 🙂
Зошто баш Software Testing? На што се должеше твојата одлука да ја одбереш оваа професија?
Пред да се запишам на Академијата за Software Testing имав неколку „обиди“ да пробам да се вклучам во ИТ индустријата со тоа што се едуцирав на Youtube и преку неколку интернет сајтови за онлајн курсеви кои направија само повеќе да ме заинтригира сѐ околу Software Testing-от. Во минатото неколку пати имав можност да тестирам бета игри и апликации како корисник, па од тука и целата идеја да се испорача квалитетен продукт бидејќи знам колку е важно секој корисник да го има во своите раце токму тоа што го посакува и нормално сѐ да работи како што треба. Но, сепак ова е само почеток. Секогаш има можност за напредок затоа што во оваа индустрија на иновативноста и едукацијата им нема крај!
Сподели ни повеќе за твоето искуство како студент на Академијата за Software Testing. Дали ги исполни твоите очекувања и ти помогна да ја направиш посакуваната кариерна трансформација?
Од самиот почеток на Академијата за Software Testing бев буквално „залепен за компјутер“. Низ целото тоа патување од пола година, нон-стоп учев нешто ново и се стекнував со нови знаења за што нормално беа задолжени прекрасните ментори на Академијата со кои што до ден денеска комуницирам и нормално барам совети. 🙂 Да не се заборави едно големо благодарам за трпението што го имаа со нас.
Кој модул ти беше најинтересен и зошто? Исто така, кој беше најголемиот предизвик со којшто се имаше соочено и како успеа да го надминеш?
Дефинитивно модулот за „автоматско тестирање“ беше за мене број еден, затоа што од секогаш сум сакал програмски јазици, а и фасцинантен е фактот дека пишуваш на јазик на којшто буквално му кажуваш на компјутерот што да направи наместо тебе. Како најголем предизвик со кој се соочив беше совладувањето на самиот дел од програмскиот јазик за „објективно програмирање“ преку кој се работи целата постапка на автоматското тестирање.
По завршувањето на Академијата за Software Testing се вработи во компанијата NicheStack. Каков беше процесот за да стигнеш до овде?
На почетокот доста истражував и аплицирав на повеќе места каде што се бараше Internship како почетник за да можам да го совладам процесот на работа при изработка на софтвер. Добив повратен одговор од компанијата која ме контактираше за да закажеме интервју. Имаше две интервјуа, од кои едното беше од делот на HR, односно малку поопшто за мене и за нивната компанија, како и тоа што бараат од мене, но и што нудат. Додека пак, второто интервју беше техничко, каде што ги проверуваа моите вештини кои ги наведов во моето CV. По еден месец добив конкретна понуда која гласеше дека за почеток ќе почнам со платена пракса од еден месец за да видиме дали ќе ги достигнам нивните очекувања. Нормално, по редоследот на настаните ми беше понуден договор на целосно работно време како Manual/Automation QA Software Tester.
Раскажи ни повеќе за твоето ново работно место, со оглед на тоа што е remote работа во интернационална компанија?
Фирмата за којашто работам се занимава со изработка на софтвер и одржување на своите веб апликации и веб страни. Во главно, се работи за market-research based apps кои се користат насекаде во светот. Тоа што работам remote (од дома) ми овозможува да имам флексибилно работно време, а со тоа имам време да се до-едуцирам и да напредувам повеќе.
Која е твојата работна позиција и како изгледа еден работен ден? Во кои моменти најмногу уживаш?
Дефинитивно најмногу уживам во флексибилното работно време, од причина што работиш кога се чувствуваш продуктивен во работниот ден/недела за што нормално треба да исполниш 40 работни часови, од понеделник до недела, а поготово фактот што работиш од каде сакаш, едноставно ја носиш работата со себе во ранец. 🙂
Во еден работен ден, прво најважно е да се одмориш. На почетокот од денот имаме состанок за тоа што ќе работиме во текот на денот, за во случај да има приоритетна работа која треба да се изработи побрзо. На крајот, на секој спринт што го имаме одржуваме колективен состанок каде што се прават извештаи за тоа кои подобрувања се направени и што ќе остане за понатаму.
Јас конкретно дојдов во многу интересен период во фирмата каде што имаше потреба од помош за автоматско тестирање на нов проект, па со тоа научив уште еден нов програмски јазик којшто нормално фирмата ми го овозможи. Во моментов работам на два проекти од истата фирма со луѓе од целиот свет, па работата е динамична и интересна.
Кој е твојот совет за сите оние коишто сакаат да ја направат својата кариерна трансформација во оваа професија?
Воопшто не треба страв, само напред и самоуверено до крај. Тоа за коешто работиш напорно секогаш си доаѓа кај тебе на крајот. Никој не вика дека е лесно, но сепак е возможно!
И за крај, кои се твоите планови за во иднина?
Во иднина би сакал да работам на тестирање за некоја фирма кој е актуелна во гејминг индустријата дефинитивно. E-gaming спортот е во подем и нуди доста можности за напредок, а воедно е доста иновативен и интересен.
Доколку сакаш да си дел од Software Testing заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2021, дознај повеќе за Академијата тука.
На Академијата за Software Testing учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.
Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!
Биди дел од иднината и соработувај со Brainster преку платформата за иновација.
Имаш потреба од талентиран кадар за твојата компанија? Вработи студент преку нашата платформа