Студентите од Академијата за Project & Product менаџмент постојано работат на реални проекти за реални клиенти, каде што можат да ги искористат своите новостекнати знаења и вештини.

Последниот предизвик на кој тие работеа беше креирањето на целосен project management план и анализа на пазарот за финансискиот медиум pari.com.mk

Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на тимот составен од членовите: Маријана Петрушевска Иваноска, Дукица Павловиќ, Христина Димкоска Шашевска, Дорина Ѓорчева Митровска, Бојана Тодоровска и Антонио Јованоски.

 

Во продолжение си поразговаравме со студентите од Академијата за Project & Product Management за искуството на овој реален проект

 

 

Здраво тим! Вие сте дел од Академијата за Project & Product Management и бевте дел од реалниот проект за магазинот Пари. Раскажете ни нешто повеќе за себе! 

Дукица: Максимално посветена на работата, опседната со total quality management и team player во сѐ што правам во животот. Професионално ангажирана како раководител на сектор за меѓународна соработка, а приватно како ќерка, сестра и пријател која сака да поминува време со своите сакани луѓе, го сака светот и обожава да патува и да запознава нови луѓе. 

Маријана: Специјалист за трејд маркетинг со долгогодишно искуство на Балканот, со страст и посветеност да ги поддржува оние на кои им треба и да прави разлика во овој свет. Високо организирана, и вешта во управување со проекти. Лидер, но и тимски играч кој работи добро во хибридни тимови. Вработена на полно работно време, со страст за поддршка на невладини организации на различни проекти како поединец. Мајка, сопруга и поетеса со објавени три збирки поезија.

Христина: Маma bear, гласник и борец за децата со аутизам, отворена, со позитивен поглед, секогаш спремна на предизвици, сакам луѓе и добра смеа, истражувам и учам нови работи, бидејќи сметам дека личност која не вложува во себе и не се гради и нема многу што да му понуди на светот. Инаку сум административен работник веќе 10 години во секундарна задравствена институција.

Дорина: Координатор на проекти од различни национални и меѓународни програми, со професионална цел за придонес кон подобрување на образованието, граѓанското општество и вклученост на младите во сите процеси на донесување одлуки. Сопруга и мајка на четиригодишната Матеа, а во исчекување на втората ќерка. Исклучително социјална, со пасија за театар и филм. 

Бојана: „Сѐ што ќе посакаме, можеме и да оствариме“ е мотото по кое се водам. Личност со жив и слободен дух, уживам и во најмалите ситници и едноставности  кои ги доживувам во изобилие секој ден, додека подарувам насмевка и добар збор со секоја личност со која ќе дојдам во контакт.

Антонио: Јас сум Антонио, дел од тимот на Бреинстер и студент на Академијата за Project & Product менаџмент. Од аспект на кариера, едукација и интереси поврзани со истото, љубопитен сум и се имам најмногу пронајдено во продуктниот менаџмент, па најголем дел од слободното време ми оди во исполнување на таа љубопитност.

 

Што беше вашата задача, односно кои беа барањата на клиентот и целите што требаше да се исполнат? 

Дукица: Главната задача на нашиот проект беше да изготвиме целосен менаџмент план и анализа на пазарот за финансискиот медиум pari.com.mk со што компанијата би транзитирала од отворен медиум кон полузатворен медиум. Од клиентот беше побарано да се испорачаат следните компоненти: анализа на странските медиуми, предлози за затварање на делот Аналитика, како и предлози за подобрување на постоечката веб-страница. Со овој проект, клиентот се здоби со готово предлог решение за затворање на дел од содржините, следејќи ги практиките и трендовите во новинарството.

Маријана: Како дополнување на она што Дукица го кажа, за да не се повторуваме во однос на задачите и барањата, би додала само дека за потребите на проектот имавме средби во живо, онлајн средби и средби еден на еден, зависно од распределените задачи. Некои денови работевме до доцна, спроведовме анкети секој во својот круг на познаници – таргетирајќи одредена група испитаници, се забавуваме, се смеевме, паничевме, а некои од нас и не спиеја совладувајќи нови алатки за работа. За крај, посветено ја вежбавме презентацијата за клиентот со броење секунди. Сето тоа ни донесе успех за кој сме радосни и горди.

Христина: За мене доста интересно беше што можевме и креативната страна да ја искажеме каде на изненадување на сите направивме симулација преку QR код за затворање на делот Аналитика, како клиентот би добил појасна слика и увид за тоа како неговата идеја би изгледала во реалност.

Дорина: Сите задачи беа распределени тимски, и сите членови од тимот работеа кон комплетирање на сложувалката. Добрата поделба и исклучителната координираност помеѓу тимот, ни допринесе за успешно и квалитетно решение. 

 

 

Какво беше чувството да работите на еден ваков проект?

Дукица: Работата на реален проект ни овозможи сѐ што имавме научено на Академијата, практично да го примениме. Ограничувањето со време ни беше голем предизвик, но затоа се стекнавме со вештини за тоа како да испорачаме проект во зададен рок, но и како изгледа работата под притисок. Иако макотрпно, искуството е незаменливо!

Маријана: Несекојдневно и вредно искуство. Одлично беше што секој од нас успеа да ги покаже своите силни страни, па се надополнивме во реализацијата и успешно го применивме стекнатото знаење. 

Христина: Треба да се доживее. Иако бевме ограничени со време и под притисок, мислам дека сепак добрата соработка и тимската работа е она што го извади најдоброто од нас и поддршката која си ја дававме како тим ни го олесни целиот процес и нѐ охрабри повеќе да придонесеме за целиот проект да се заврши во зададен рок, а притоа клиентот да е задоволен. 

Дорина: Искуството е навистина вредно, бидејќи на крајот навистина си исполнет со чувство на гордост и самодоверба. Да се гради еден процес од самиот почеток, е прилично напорно, но кога ќе се погледне финалното решение, чувството е неописливо. Одлична можност за применување на теоретското знаење, но и стекнување на други дополнителни вештини како меѓучовечки односи, интерперсонална комуникација и тимска работа. 

Бојана: Чувство на одговорност, вредност, задоволство и гордост.

Антонио: Одговорноста која се има пред клиентот, внимателноста да се проследат сите негови барања, а и читањето меѓу редови да го понудите она што не ни знае дека му треба, ја прави работата на проектите од овој тип возбудлива. Приликата да се демонстрира сето знаење што е акумулирано во текот на Академијата беше повеќе од добредојдено. 

 

Раскажете ни како се одвиваше целиот процес на работа?

Дукица: Ние како тим си „кликнавме“ при самото креирање на нашиот тим. Секоја заеднички напишана домашна во текот на Академијата и сите заеднички работни задачи ги работевме без никакви препреки затоа што секој член од тимот го даваше својот максимален придонес. Истото се случи и на работата за реалниот проект, и мислам дека тоа беше клучно да се дојде до победничко решение: упорност, работа, соработка со сите, давање и прифаќање на идеи, како и индивидуален придонес на сите членови во она што се најдобри – а тоа се идни проект/продукт менаџери!

Маријана: Освен тоа што супер го опиша Дукица, би додала само дека за нашиот тимски резултат клучно беше што тимот е на високо ниво на свесност и имаме меѓусебна почит. Умееме да препознаеме кој е најдобар во одредена област и се стимулиравме и поддржувавме едни со други. Попатно најважно е дека супер се забавувавме низ процесот!

Христина: Како тим уште од старт некако се споивме можам да кажам како да сме работеле заедно со години. Тоа што секој од нас е од различна сфера со догогодишно искуство и знаење во својата област, можам да кажам само повеќе придонесе за целиот проект да се финализира. Јас не би одбрала подобар тим, секој еден беше секогаш подготвен да „скокне“ кога е потребно, има почитување, разбирање, секогаш гледавме да си даваме подршка и да споделуваме знаење, кое за мене е непроценливо и драгоцено бидејќи секој учеше од секого надоврзувајќи се со целото искуство и знаење стекнато на Академијата за Project & Product менаџмент.

Дорина: Моите колешки веќе кажале сѐ. Добра теоретска основа стекната преку Академијата, одлична хемија меѓу членовите на тимот, брза и функционална поделба на задачите согласно вештините на секој од нас, постојана поддршка и ориентираноста кон деталите сметам дека беа клучните сегменти за нашиот успех.

Бојана: Не би прескокнала и јас да ја пофалам енергијата и соработката на нашиот тим. Владееше и сѐ уште владее огромно меѓусебно разбирање, почитување и емпатија за сите приватни предизвици со кои се соочуваше секој од нас за време на проектот. Со добра координација целите беа успешно завршени. Тоа се запримети уште при првата активност која ни беше како домашна задача на Академијата. Покрај ваков опис за тимот, сигурна сум дека ме разбирате како се одвиваше процесот на работа за целиот проект Пари.

Антонио: Лично за мене најпредизвикувачко беше следењето на роковите, што воедно се и клучен дел за успешна испорака на проект од ваков тип. Морам да ги поздравам колешките за целосната посветеност и фокусираност на проектот, што не ми оставаше ништо друго освен да сум целосна поддршка во работата и да го давам максимумот. Целиот процес на работа беше демонстративен пример за важноста и импактот од тимската работа, меѓусебната поддршка и разбирање.

 

 

Што ве мотивираше да започнете да градите кариера во светот на менаџментот со проекти?

Дукица: Мене лично најголема мотивација ми беше тоа што имам претходно искуство во проектен менаџмент, но најмногу во делот на имплементација. Академијата ми помогна да го сумирам моето знаење и да го надградам со практично искуство во сите проектни фази. Според мене, проектите се двигател на прогрес во секоја сфера и во секое општество – начин преку кој секоја индивидуа, компанија или организација може да ги постигне своите стратешки цели. Затоа решив мојата кариера да ја градам токму во оваа насока.

Маријана: Сметам дека личната надградба е клучна за континуиран успех. Се запишав на Академијата за да го усовршам своето знаење во областа. Работам на проекти од идеја до реализација долг период, но во поинаква форма, па сега ја имам целосната слика и спремна сум за нови предизвици и на моменталната работа, а и пошироко.

Христина: Инспирацијата се роди преку личното учество како поединец – родител на различни проекти, обуки, едукации и работилници за лицата со аутизам и подобрување на нивното секојдневно функционирање. Соработката за кревање свесност околу помошта и бенефитот на технологијата и воведување на ИТ-светот за подобра комуникација и функционирање на овие лица, некако ми ја вроди желбата за изучување на проект менаџмент, бидејќи проект менаџерот е гранка која сврзува повеќе области, а со своето знаење, водство и вештини ги сплотува во една целина за да добиеме еден краен производ со кој ќе задоволиме не една туку повеќе страни. Можноста да се работи на различни проекти, надополнување на своето знаење, стекнување на нови вештини е само додатна мотивација за себе надградување како индивидуа, како и за можноста градење кариера во проект менаџмент.

Дорина: Работата со проекти е нешто со кое секојдневно се бавам на професионален план, па желбата за постојано учење и усовршување ми беа главните мотивации за запишување на Академијата. И не згрешив, бидејќи навистина преку Академијата имав можност да ја проширам сопствената перцепција за проект менаџмент, и да излезам надвор од мојата комфорна зона. 

Бојана: Желбата за промена на кариера. Досега не сум работела на проекти, но сите карактеристики кои оваа професија ги содржи, сметам дека можам да ги исполнам. Сакам динамичност и ден исполнет со предизвици, а тоа Академијата за Project & Product менаџмент ми го нуди.

Антонио: Запишувањето на академијата за мене дојде многу природно после неколку месеци работа во Бреинстер. Секоја идеја во дигиталниот свет за да созрее и да се види нејзиниот плод,  суштински мора  да е третирана како проект. Низ неколку среќавања со проекти увидов дека тоа е тоа што предизвикува жар во мене, се осеќам како на свој терен и можам да имам најголем импакт таму. Академијата ги оствари моите апетити и дефинитивно ја стимулираше желбата за навлегување во оваа професија. 

 

И за крај, што би ни додале за работата на реални проекти за реални клиенти, кои се вашите импресии?

Дукица: Сметам дека реалните проекти на било која од академиите се од исклучителна важност, затоа што токму таму студентите можат навистина да видат колку научиле и да ги покажат сите свои вештини кои ги стекнале. Со добар тим, не постои реален проект кој не би бил беспрекорно сработен!

Маријана: Искуството од реален проект е непроценливо. Токму тие прилики им нудат на студентите можност да ја осознаат вистинската слика – како всушност изгледа процесот и што сé носи со себе, да увидат што од теоријата совладале, а на што треба да се навратат. Прекрасно искуство од кое секој учи и се здобива со уште повеќе знаење и со реално искуство.

Христина: Можноста да работиме на реален проект би рекла дека е еден вид себе испитување. Искуството не се проценува, треба да се доживее. Преку проектот можевме да ги покажеме своите вештини, своето стекнато знаење низ Академијата за Project & Product менаџмент со тоа што како тим секој на свој начин придонесе за целиот проект како целина да се заврши. Тоа што нашиот проект беше избран за победничко решение само ни даде позитивен фидбек дека со добар тим, добра соработка, почитување и волја, работите секогаш најдобро се завршуваат.  

Дорина: Сѐ она што е стекнато низ предавањата на Академијата, овде практично се применува. Одлично е за рефлексија на сопственото знаење и стекнатите вештини, и би ги охрабрила сите студенти барем еднаш да се пријават, бидејќи овој процес ќе биде круна на нивното теоретско знаење, без разлика на крајниот резултат. 

Бојана: Првенствено сум им многу благодарна на Brainster што ни овозможуваат ваква прилика додека трае Академијата. Тоа што клиентите имаат доверба да побараат решение од нас како студенти за нивна реализација на она што го замислиле за нивниот продукт, нас ни е од голема значајност. Покрај победата, искуството е тоа што ни го бележи знаењето. Учеството не е задолжително, но сите кои се двоумат од било која оправдана причина, топло им го препорачувам овој чекор, којшто може многу да им донесе во животот.

Антонио: Приликата да се работи на реален проект додека си во фаза на студирање е тоа што нас како студенти ни носи најголема вредност. Соочувањето со реален клиент и реални спецификации  нѐ стави на тест, преку кој увидов до каде сум во процесот на учење и каде имам простор за подобрување. Па така, со оваа прилика имав можност да го демонстрирам искуството и знаењето, а и да ѕирнам што е она со кое што потенцијално ќе се соочувам во кариерата. 

 

Направи чекор кон високоплатена кариера и придружи се на Brainster заедницата од 11.500 студенти. Аплицирај сега и искористи поволни услови за плаќање од 90€ рата без камата!

На Академијата за Project & Product Management учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student admission team за повеќе насоки и детали за програмата!

 

AI at Work | AI тренинзи за професионалци и компании во ерата на AI!