Дел од програмата на Академијата за дигитален маркетинг е студентите постојано да работат на реални проекти за реални клиенти, кои стануваат дел од нивното професионално портфолио. На овој начин, тие учат како се работи во вистинска средина, но, исто така и како да се биде професионалец и да се работи со клиенти.
Со цел да се подобри искуството на студентите, тие имаа задача да работат на реален проект за реален клиент и да направат бренд стратегија за Винарија Виника и да го покажат целокупното знаење стекнато од предавањата.
Винарија Виника е стартап основан од четворица вински ентузијасти и пријатели кои веруваат дека природното вино треба да биде прекрасно искуство, а не само продукт пласиран на пазарот.
Во оваа блог објава, ќе ги запознаете Кристијан Нафидов, Соња Стаменковска, Марија Донева, Кристина Јанева, Јован Шојлевски и Кристијан Здравевски, тимот на кој му припадна победничкото решение за овој проект.
За задоволството од соработката, клиентот од Винарија Виника ни сподели:
Најпрвин, дозволете да се заблагодарам на тимовите и Дарјан за времето кое го имаа издвоено за размислување и за изработка на маркетинг стратегиите за нашата винарија. Покажавте одлични презентации и идеи кои со радост би ги искористиле во нашиот настап на пазарот. Сите 6 групи имаа работено според основите на маркетинг стратегија, односно имаат обрнато внимание и ги имаат разработено 6-те нејзини фази.
Победничкиот тим се издвојуваше од другите тимови по својот лежерен, единствен и сигурен настап, во комбинација со искрени и конкретни идеи. Студентите практично размислуваа како треба да се води добра маркетинг стратегија, со најоригинални идеи. Тргнаа од маркетиншките цели и задачата што треба да се постави како прв чекор и како тоа би се постигнало со онлајн и офлајн маркетинг канали. Своите оригинални идеи ги искажаа преку квиз за целната популација, тизери на социјалните мрежи, објави за тоа како да вкусите вино како професионалец, идеи за конкретни настани и промоции, разни промотивни активности и настани, за на крај да се сумира преку оригинална и единствена визуелизација.
Во продолжение си поразговаравме со тимот за нивното решение и искуството на Академијата за дигитален маркетинг
Здраво тим! Вие сте едни од најактивните студенти на Академијата за дигитален маркетинг, кои покажаа голема заинтересираност кон дигиталниот маркетинг и не ја пропуштија можноста да учествуваат на проектите. Што би ни кажале за себе?
Соња Стаменковска: По професија советник историчар и магистер по историски науки од областа на најновиот век и работам во македонското Собрание. Желбата да научам нешто ново, да ги надградувам своите знаења во областа на дигиталниот маркетинг ме поттикна да започнам во Brainster. Се надевам дека стекнатото знаење и искуство на Академијата за дигитален маркетинг ќе ми овозможи лично и професионално усовршување и напредок во извршување на работните задачи и активности.
Марија Донева: Магистер од областа на граѓанското право, со неколку годишно работно искуство во струката, со желба за кариерна трансформација.
Кристина Јанева: Амбициозна, креативна, ведра личност и секогаш подготвена за нови предизвици. По природа сум личност која се стреми кон постојан напредок во било кој поглед, а Brainster ми го понуди токму тоа, простор за учење и динамично темпо на работа како добитна комбинација.
Јован Шојлевски: Инспирирана 20 годишна личност, нов во светот на дигиталниот маркетинг. Поголемиот дел од животот досега тренирав фудбал и студирав една година на Филолошки Факултет ,,Блаже Конески” пред да се отпишам за да учам на Brainster.
Кристијан Нафидов: Отсекогаш сум бил во блиска врска со дигиталниот маркетинг при моето работење, но она што ме натера да се заљубам и да сакам да го продлабочам моето знаење на темата беше ситуацијата со короната и социјалното дистанцирање. Преку ноќ, сите компании како и нивните потрошувачи го почуствуваа значењето на дигиталните технологии, а маркетингот беше тука да овозможи една олеснета транзиција во новиот свет во кој сите ние се најдовме. Академијата на Brainster беше очигледниот мој следен чекор преку кој ќе ги совладав новите предизвици.
Кристијан Здравески: Здраво! Јас сум Кристијан и имам 19 години. Во моите средношколски денови имав многу голема желба да научам повеќе за маркетинг светот. Па, кога го завршив моето средно образование се запишав во Brainster на Академијата за дигитален маркетинг да ги проширам своите знаења.
Последен проект на Академијата за дигитален маркетинг беше да изработите проект за Винарија Виника. Како работата на реален проект за реален клиент ви помогна да ги развиете своите вештини?
Реалниот проект ни овозможи да видиме како би се одвивале работните обврски со вистински клиенти, кои имаат реални проблеми и предизвици. Имавме цел да ги разбереме и совладаме со нашите новостекнати вештини и знаења.
Раскажете ни повеќе за овој проект и идејата зад него?
Целта на проектот беше да се креира бренд за винаријата Виника која потекнува од малку поинаков регион, што досега беше непознат за нашиот и странскиот пазар, да се открие таргет публиката, како и употребата на канали и активности преку кои ќе се се остварат барањата на клиентот.
Како се одвиваше целиот процес? Која беше целта што требаше да ја постигнете?
Сé започна со брифинг состанок. Клиентот ја сподели неговата визија, а наша работа беше да ја оствариме преку спектар на маркетинг активности. Многу истражувања и анализи на конкуренцијата, пазарот и трендовите, со максимална посветеност, напишани и избришани идеи, креирање на маркетиншкиот концепт и извлекување на конкретни активности со малку забава и хумор, беа дел од нашата рутина при работата на проектот.
Кои беа вашите задачи при креирање на оваа маркетинг стратегија?
Без да откриваме премногу од бизнис планот на клиентот, како дел од задачите имавме да создадеме активности кои ќе ја поттикнат свеста кај публиката за овој нов бренд, како и да оствариме добра комуникација со нив при што би сакале да ги купат од новопласираните производи од Виника. Ова секогаш е предизвик кога се соочуваме со производ кој што досега не бил сретнат на пазарот и притоа треба да се внимава на „тонот“ со кој се обраќаме, како и пораката што ја оставаме. Пред сѐ, да се направи корисна приказна за долг рок за публиката, која во себе ќе носи инспиративна, креативна, забавна и едукативна содржина.
Какво беше чувството да работите на mеден ваков проект? Како течеше целата соработка?
Овој проект конкретно беше доста интересен за нас, бидејќи сите помалку или повеќе ја разбираме симболиката на виното и имавме доста креативни идеи и различни агли на размислување, што придонесоа во задоволувањето на барањата на клиентот.
Дали се појавија одредени предизвици во текот на вашата работа? Како успеавте да ги надминете?
Како прва наша заедничка соработка на еден реален проект на почетокот ни требаше време да се координираме и да создадеме заедничка хемија. Но, по првите неколку состаноци, заедно ги совладавме предизвиците кои беа пред нас. Во текот на тимската работа научивме дека потребно е да креираме квалитетна содржина за да се привлечат пред се многу и нови клиенти.
Што ве мотивираше да започнете да градите кариера во светот на дигиталниот маркетинг?
Мислам дека сите би се сложиле дека ја воочивме моќта и потребата на дигиталниот маркетинг, особено во време на короната кога сите поголеми и помали бизниси беа присилени да функционираат од дома. Brainster беше идеалната прилика да се подготвиме да одговориме на таа потреба и да почнеме да се градиме како дигитални маркетери. Динамиката на денешното живеење, не ни дозволува да бидеме заглавени во простор и време на некои статични професии каде што нема никакво креативно творење. Совладувањето на модерна и современа вештина во времето на дигиталната ера “It’s a must”.
И за крај, најважната лекција што ја научивте до сега од предавањата?
Кристијан Здравевски: Бидете фини со графичките дизајнери бидејќи многу работа ќе ви завршат во животот!
Соња Стаменковска : Инвестирај во себе, учи и посвети се, биди упорен и одлучен во сѐ она што го работиш.
Марија Донева: Read more, analyze more, research more, give up some of your free time, and never settle for basic knowledge in any field.
Кристина Јанева: Дигиталниот маркетинг е иднината и јас сум на правото место за учење.
Јован Шојлевски: Не е доволно да знаеш само маркетинг за да бидеш успешен маркетер.
Кристијан Нафидов: Најинтересната работа што ја имам научено досега на Академијата е како да се „зезнат“ метриките на Google Ads.
Менторот – Дарјан Раденковиќ за соработката на овој проект ни сподели:
Студентите ги надминаа моите очекувања, а верувам и очекувањата на клиентот во сите сегменти. Почнувајќи од темелниот интерес и прецизните прашања за време на брифингот, преку посветеноста и одговорноста во работата на проектот, па сѐ до зрелите идеи што ги презентираа. Со оглед на тоа што ова беше нивниот прв реален проект, предложените идеи беа мошне квалитетни, добро елаборирани и навистина употребливи за клиентот. Би сакал да ги истакнам и презентациските вештини што ги покажаа, односно концизноста во објаснувањето на концептот што му го понудија на клиентот како нивно решение.
Уписите за следната група на Академијата за дигитален маркетинг се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!
Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!