Со цел да го подобриме искуството на нашите студенти – дигитални маркетери, организиравме 48 часовен хакатон на Академијата за дигитален маркетинг, каде тие имаа можност да ги искористат своите знаења и вештини.

Студентите кои учествуваа на овој пријателски Хакатон беа поделени во 5 тима, со цел да искусат како е да се работи во реална средина со реален клиент како дигитални маркетери. Тие работеа напорно, со голема посветеност и успешно се справија со роковите и предизвиците.

Нивната задача беше да работат на реален проект за реален клиент и да направат целосна маркетинг стратегија за последниот музички проект на нашата музичка ѕвезда – Дани Димитровска.

Прочитајте повеќе што ни раскажаа клиентот и тимовите за атмосферата на овој Хакатон и погледнете како изгледаше целиот тој процес.

 

Во продолжение си поразговаравме со тимовите за овој проект и искуството на Академијата за дигитален маркетинг

 

 

Овој проект беше еден од првите на Brainster на тема музика и култура. Да се работи на еден ваков проект значи еден голем предизвик. Раскажете ни како се одвиваше целиот процес на работа? Со кои предизвици се соочивте и како успеавте да ги надминете?

Кристијан: Според мене најголемиот предизвик со кој се соочивме беше краткиот рок. Секако ние ги имавме вештините и алатките на располагање, но се најдовме во една сосема нова средина со екипа на луѓе од различни позадини и премалку време за да оствариме некаква кохезија и дадеме целина на проектот. На крајот секој придонесе со својата јака страна во одредена фаза од кампањата, кои на крајот успеавме да ги соединиме и да испорачаме готов финален проект кој му се допадна на клиентот.

Анета: За мене хакатонот беше супер искуство и сум горда на тимот и на финалниот проект кој го презентиравме пред Дани. Во текот на тие 48 часа во тимот имавме одлична атмосфера преплавена со креативни идеи за секој чекор од проектот. Голема благодарност и до менторот Стефан затоа што ни даде вредни насоки во текот на хакатонот. Добрата комуникација е клучна за успех во тимски проекти како овој и придонесува полесно да се надминуваат предизвиците во тие 48 часа.

Кирил: Супер искуство и супер дружба. Најпредизвикувачки беше моментот на краток временски рок. Мислам дека за 48 часа успеавме да ги исфузираме досегашните вештини стекнати низ Академијава. Секој од тимот придонесе на свој начин. Одлично менторирање од страна на Стефан, кој прецизно нé усмеруваше низ процесот.

 

 

Од каде црпевте најмногу инспирација за работа на проект од овој вид, и на кој начин тимската работа ви помогна во креирање на победничкото решение? 

Давид: Најмногу инспирација за работа на ваков проект исцрпив од туѓите искуства на моите врсници кои поминале низ некои од Академиите на Brainster. Тие ме мотивираа да се соочам со овој предизвик, велејќи дека ова искуство е еден голем плус кој може да ни служи и за во иднина. Тимската работа ни помогна сите заеднички да се фокусираме на еден проблем и потоа да понудиме повеќе потенцијални решенија и заеднички да одлучиме кои од тие решенија се најрелевантни за тој проблем. 

Елена: Искуството и предизвикот да се изработи маркетинг стратегија во рок од 48 часа ми беше инспирацијата за работа на проект од овој тип. Различните идеи на тимот придонесуваа за различни перспективи од кои произлегоа креативни и продуктивни решенија. Тимската работа на овој проект е одличен показател за тоа како би изгледала нашата работа во иднина. 

 

 

Кристина: Најголема мотивација за работа на проект од ваков вид доаѓа од желбата да се направи нешто интересно што ќе остане долго во меморијата на јавноста. Самиот проект на Дани е уникатна симбиоза на модерното и традиционалното па така јас и мојот тим добивме идеја да креираме решение коешто ќе соодветствува на природата на проектот.

Тимската работа дефинитивно ни помогна побрзо и полесно да ги решиме проблемите коишто се својствени за хакатон кој трае само 48 часа. Дефинитивно не беше лесно да се состави фунционално решение во краток рок, но она што на крај победи е тимската работа и желбата да се остави впечаток прво кај Дани, а потоа кај нејзиниот тим и на крај колегите и менторите. 

 

 

Работата на реални проекти за реални клиенти е еден од најинтересните, но и најпредизвикувачките делови на секоја Академија. Како се одвиваше овој процес и како ви помогна во градење на вашиот идентитет како дигитални меркетери? 

Соња: Проектот претставуваше возбудливо искуство за подготовка на маркетинг стратегијата за лансирање на новиот музички проект за промоција на Дани, Николче Мицевски и бендот. Голем предизвик е за 48 часа да биде припремена стратегијата за музичкиот хепенинг со една цел да заживее, односно да се обедини џез музиката со староградската народна музика на македонско тло и пошироко.

Мартин: Проектот за мене претставуваше големо и возбудливо искуство, со оглед на фактот дека ние како тим требаше за 48 часа дa го завршиме проектот кој ни беше зададен. Самото искуство беше и многу позитивно поради прекрасната соработка која ја имавме сите ние како тим. Овој проект за мене претставуваше предизвик којшто сигурно ќе ми овозможи да го применам како искуство во иднина. 

Бубе: Заедничка цел на целата група ни беше да ја пронајдеме идеалната маркетинг стратегија за зададениот проект. Дополнителна сатисфакција ни беше тоа што знаевме дека овој проект е реален, и дека истиот можеби ќе биде реализиран од страна на клиентите. На крајот од таа дводневна подготовка дојдовме до целта, односно подготовка на целосна кампања и презентирање на истата пред нашите клиенти.

 

 

Темата на проектот беше брендинг стратегија за најновиот проект на пејачката Дани Димитровска, какво беше чувството да се работи за една од нашите најпознати пејачки?

Сара: Да се работи за Дани беше вистинско задоволство. Имав чест да работам на проект од вистинска вредност како за Дани, така и целиот тим на Brainster.

Лина: Голема беше честа да се работи за такво големо музичко име како што е Дани. Да се биде дел од ваков проект сметам дека е голем кариерен напредок и искуството кое го извлеков е незаменливо.

 

 

И за крај, колку сте задоволни од целиот овој процес и со работата на ваков тип на проекти, на кои со вашите решенија оставате импакт на целата заедница/општеството? 

Марија: Процесот на завршување на овој проект беше навистина забавен и продуктивен. Горда сум на мојот маркетинг тим број 5, со кој 48 часа неуморно работевме на креирањето на една сеопфатна маркетинг стратегија за нашиот клиент, што е навистина предизвикувачка задача. Наградата доаѓа во форма на лична сатисфакција дека сте развиле нешто свежо, уникатно, допадливо и веднаш применливо.

Мартина: Иако беше напорно и мораше целосната стратегија да биде изработена за краток временски период, беше многу забавно. Соработката и посветеноста што ја имавме беше вистинскиот клуч за успехот на нашето крајно решение. Благодарност и до Бреинстер што ни дава можности низ целата Академија да работиме на реални проекти. Со тоа не само што имаме можност да се надградуваме професионално туку имаме можност да се среќаваме со различен профил на клиенти.

 

 

Елисавета: Предизвик, мотивација и напредок! Со овие зборови целокупно би го искажала мојот впечаток за овој реален проект. Имајќи предвид дека овој проект имаше однапред утврдени временски рамки, каде што учество имаа повеќе тимови, всушност го направи да биде предизвик со натпреварувачки карактер каде што дадената мотивација за успех и напредок го зазема клучниот момент.

Како тим се пронајдовме во предизвикот, ги вклучивме сите наши стекнати знаења од Академијата, притоа држејќи се до поставената организираност за да успееме навремено да ги завршиме утврдените точки. Можноста да работиме на реален проект, притоа имајќи поддршка од ментори, нé охрабри да ја поттикнеме нашата креативност за усовршување на нашиот потенцијал и стекнување на работно искуство.

Кристина: Хакатонот беше многу забавен проект пред сé затоа што работевме со реална личност и за реален проект, а пак поради кратката временска рамка научивме како за кратко време да ја постигнеме нашата цел, научивме да соработуваме и да се надополнуваме со колегите, а исто така имавме и голема помош од менторот. На Бреинстер се запишав токму заради овие реални проекти.

 

 

Во продолжение, си поразговаравме и со Дани Димитровска за задоволството од соработката со нашите студенти:

 

Здраво Дани, досега те знаевме како еден од нашите музички идоли меѓутоа сега имавме шанса да те запознаеме и како партнер за ко-иновации! Кажи ни нешто повеќе за тебе и на што работиш во моментов?

Припаѓам на онаа категорија луѓе што се во категоријата без наслов и граници: Со шаренолик опис и опус во начините на изразување, за себе-реализирање. Музиката ми е каналот на комуникација, гласот ми е карактерот. Го следам својот пат и го прифаќам со сите дупки, остри кривини без сообраќаен знак „Внимавај“ на патот, обложен со камчиња, од кои оние поситните во патика прават опасен жуљ ама дел се од процесот… Во моментов работам на 4-от по ред авторски студиски албум. Истовремено, со една насмеана ентузијастичка екипа, работиме на засебен етно & џез проект, кој ни е оддишка од сивилото и одмор од стереотипите.

 

Секогаш ни е мило кога нашите студенти имаат шанса да работат на проекти кои носат вистинска вредност во општеството и културата. Кажи ни нешто повеќе за оваа соработка, како дозна за партнерството за ко-иновации со Brainster, кои беа твоите очекувања и колку ти се исполнија?

За Brainster ме просветли маркетинг агенцијата 2by4, со која соработувам од нивните почетоци. Се воодушевив уште при деталниот опис, а првично ме купи сјајот во очињата на 2by4 креативците, прераскажувајќи ми ја идеологијата на оваа Академија, начинот на работа итн. Од искуство, се научив да немам одредени очекувања туку едноставно да му верувам на процесот со целосен фокус на истиот и со задолжителниот брутално искрен пристап. Инстинктот ми велеше дека ова ќе биде извонредно искуство и излезе малку повеќе од тоа.

 

 

Дали ваков тип на соработки би препорачала и на твои колеги и соработници, и зошто?

Со задоволство препорачувам вакви искуства на секој индивидуалец или екипен состав од секоја сфера, вклучувајќи ја и мојата. Преку оваа соработка се учат комуникациски вештини, се учи најтешкото во денешницата – слушање. Слушање на себеси и другите. Се искусуваат различни перцепции, шаренолики креативни решенија… туркање на границите, раскинување со комфорните зони. Самодовербата и вербата добиваат повисок левел на значење, надградба на персонален левел и отворање на нови видици за црткање на својот пат.

 

И за крај, што е она што ти остави најголем впечаток од цело ова искуство?

Екипната спремност на предизвик од секаков обем и облик. Инвентивноста на студентите и поривот за поврзување. Менторите со нивниот шармантен начин на инспирирање, невообичаениот, тотално креативен начин на едукација. Прекрасниот начин на комуникација до степен на: сакам и јас да сум од таа страна! 😀 

 

Уписите за следната група на Академијата за дигитален маркетинг се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!