Во ова интервју разговараме со Катарина Тасевски, Chief Operating Officer во DEKRA Arbeit Macedonia, за JobLink by DEKRA, платформа каде што се вкрстуваат индивидуалните амбиции со потребите на компаниите, создавајќи можност за раст и развој. JobLink by DEKRA нуди корисни кариерни совети, помагајќи им на барателите на работа да го најдат своето место во професионалниот свет.
Како резултат на нашето зааедничко партнерство, DEKRA Arbeit Macedonia ја поддржува иницијативата Ваучери. Brainster ја создаде иницијативата ваучери каде заедно со 11 компании коинвестираме во 110 студенти со по 1000 евра ваучер за академиите на Бреинстер, бидејќи веруваме дека секој поединец заслужува шанса да ги оствари своите соништа.
Во ова интервју, Катарина Тасевски ги споделува своите професионални и кариерни увиди, размислувајќи за дилемата дали постои идеален вработен, нуди совети за градење професионална мрежа и ги анализира идните трендови на пазарот на трудот, осврнувајќи се на тоа кои професии ќе бидат најбарани.

Кои можности ги нуди JobLink by DEKRA?
JobLink by DEKRA е повеќе од обична платформа за огласи. Освен што можете да најдете работа што одговара на вашите интереси, нудиме и корисни совети за кариера и можност да се поврзете директно со компаниите. Но, она што ја прави платформата посебна е што ви помагаме да растете заедно со нас – преку партнерства како ова со Brainster, каде што ви овозможуваме ексклузивни попусти за едукација и професионален развој. Нашата цел е да ви дадеме алатки не само за следниот чекор во кариерата, туку и за долгорочен успех.
Дали верувате дека постои идеален кандидат за секоја компанија или идеалниот вработен се гради?
Веруваме дека секоја компанија има свои уникатни потреби, а секој кандидат носи различни вештини, искуства и потенцијал. Понекогаш се случува веднаш да се пронајде совршената комбинација, но во повеќето случаи, успешните компании вложуваат време и ресурси во развојот на своите вработени.
Идеалниот вработен не е секогаш оној што ги исполнува сите критериуми на почетокот, туку оној што има желба за учење, флексибилност и способност да се адаптира.
Како можеме да ја прошириме нашата професионална мрежа и кои се најдобрите начини за нетворкинг?
Ширењето на професионалната мрежа е комбинација на искрен интерес за луѓето и активна вклученост во вистинските кругови. Започнете со едноставни чекори – посетувајте настани, конференции или работилници во вашата област, вклучете се во онлајн заедници, како LinkedIn групи, или пријавете се за волонтерски активности. Најважно е да го негувате односот со оние што веќе ги познавате и да бидете отворени за нови контакти. Добриот нетворкинг не значи само да запознаете што повеќе луѓе, туку и да изградите автентични врски кои ќе ви помогнат да напредувате во вашата кариера.
Кои професионални вештини се најбарани во 2025 година?
Во денешниот динамичен свет, каде што технологијата и работните процеси постојано се менуваат, професионалните вештини кои се бараат најмногу се комбинација од технички и меки вештини. Вештини како анализа на податоци, користење на вештачка интелигенција и дигитален маркетинг остануваат клучни, но не помалку важни се комуникацијата, адаптабилноста и решавањето на проблеми. Она што секогаш е актуелно е способноста за учење и прилагодување – тие се основата за успех во секоја професија. Затоа е важно да продолжите да вложувате во себе, без разлика дали тоа значи да посетувате курсеви, да се поврзувате со ментори или да се вклучувате во проекти кои ќе ве предизвикаат.

Како да ги прилагодиме нашите цели ако сме заглавени на едно место во кариерата?
Секој од нас понекогаш чувствува дека е заглавен и дека не напредува онака како што сака. Во такви моменти е важно да застанеме, да направиме искрена проценка на ситуацијата и да си поставиме нови, реални цели. Размислете што навистина Ве мотивира – дали е тоа нова позиција, стекнување на нова вештина или промена на средината. Бидете отворени за промени и обидете се да излезете од својата комфорна зона. Важно е да запомните дека секој мал чекор носи напредок, дури и кога изгледа како патот да е долг.
Дали за успешна кариера во денешно време е доволен само факултетот? Кои други практични совети ги предлагате за унапредување на кариерата?
Во денешно време, факултетската диплома е добра основа, но пазарот на труд бара многу повеќе од тоа. Потребно е да се истакнете со практични вештини, постојана желба за учење и подготвеност за промени. Затоа, важно е да се надградувате преку дополнителна едуакција, работилници, проекти или волонтерство.
Дополнително, создавањето професионална мрежа и активното вклучување во заедницата може да отворат многу врати. Но, тоа што навистина прави разлика е вашата подготвеност да преземате иницијатива и да вложувате во себе. На крајот од денот, кариерата не е цел што едноставно ја достигнуваме – тоа е патување во кое постојано растеме и се развиваме.
Зошто ја поддржувате иницијативата Ваучери и како се вклопува во вашата мисија?
Веруваме дека едукацијата е клучен елемент за личен и професионален развој. Со оваа кампања сакаме да ги поттикнеме нашите корисници да инвестираат во себе, овозможувајќи им пристап до знаења што ќе им помогнат да го постигнат својот потенцијал. Соработката со Brainster ја гледаме како алатка за создавање вистински промени и отварање нови патишта за успех и развој, и уште еден успешен начин да изградиме мост помеѓу можностите и луѓето.