Последниот предизвик со којшто се соочија студентите на Академијата за Човечки Ресурси беше работата на реален проект за реален клиент.

Со цел да го подобриме искуството, организиравме 48-часовен Хакатон, а нивната задача беше да изработат организациска структура со соодветни работни позиции и описи на работните места за компанијата Bellina.

Од страна на студентите беа понудени голем број на креативни решенија, но по презентацијата пред нашиот клиент, како победничко решение беше избрано токму она на тимот составен од членовите: Емилија Накова, Тијана Павлова, Кети Митевска и Ангела Тренкоска.

 

Си поразговаравме со студентите од Академијата за Човечки ресурси за нивното искуство

 

 

Здраво тим T.A.K.E.! Вие сте дел од Академијата за човечки ресурси и бевте дел од организираниот Хакатон за Белина. Раскажете ни нешто повеќе за себе!

Емилија: Здраво и од победничкиот тим T.A.K.E. Јас сум Емилија (или „E”-то во името на нашиот тим), дипломирана медицинска сестра за интензивно лекување на Медицинскиот факултет во Скопје. Имам 15 години работно искуство. Моментално сум во фаза на завршеток на Академијата за Човечки Ресурси на Brainster. Љубопитна авантуристка и вљубеничка во природата што сака да патува, истражува, чита, готви, пее и да се дружи со пријателите. Фан на JRPG игри, anime серии и скоро секаков стил на музика. 

Тијана: Здраво, здраво, јас сум Тијана, имам 23 години и сум дипломиран инженер-технолог при Технолошко-Металуршкиот факултет во Скопје. Паралелно додека ја учев Академијата во Brainster ја најдов и мојата прва работа. Сакам да имам busy распоред во текот на денот, односно денот да ми е исполнет до максимум, без разлика дали тоа се работни обврски, нешто за учење или читање, излегувања со пријателите или фамилијарни ручеци. Сакам да читам, да фотографирам, да бидам меѓу многу луѓе, но исто така и да поминувам време со себе.

Ангела: Јас студирам педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. Во моето слободно време сакам да читам психолошки трилери, да патувам и да откривам нови вегетаријански рецепти.

 

Како си поминавте на овој Хакатон? Какво беше чувството да работите на еден ваков проект?

Емилија: Хакатонот е еден прекрасен предизвик, каде што сите вештини што ги имаме скриени во себе, за кои што можеби и не сме свесни дека ги поседуваме, испливуваат на површината, притиснати од сложеноста на проектот и краткото време за реализација на истиот. Чувството е навистина забавно, интересно но, истовремено стресно и макотрпно да се работи на ваков проект. Јас ја имав среќата да работам со прекрасен тим, каде што секој член го вложи својот максимален труд (blood, sweat and tears) и создадовме нешто со кое што навистина се гордееме. Нема поубаво чувство кога макотрпната работа доведува до резултат којшто предизвикува задоволство, не само за тимот, туку и за клиентот, а истиот е крунисан со победа. 

Тијана: Идејата дека требаше да создадеме цел детален план за веќе постоечка и функционална компанија за само два дена, звучеше малку нереално на почеток, но токму тоа беше и самиот предизвик. Бевме навистина одличен и сложен тим, го дискутиравме детално секој чекор, си помагавме, ги решававме сите проблеми, се нервиравме и секако на крај се радувавме заедно!

Ангела: На почеток на Хакатонот чувствував неопислив стрес бидејќи беше едно ново нешто што претходно го немам искусено. Меѓутоа со текот на времето се опуштив и навистина ми стана многу интересно.

 

Што беше вашата задача, односно кои беа барањата на клиентот и целите што требаше да се исполнат? 

Емилија: Нашиот клиент беше компанијата Bellina, којашто на сите ни беше веќе позната поради одличниот маркетинг на социјалните мрежи. Главните барања кои ги добивме на брифингот беa да се креира нова организациска структура, со соодветни работни позиции и описи на работните места бидејќи компанијата се соочува со раст. За време на брифингот добивме и информации дека организацијата би имала потреба и од предлог за performance management систем, KPIs, систем за бонуси и награди, и мотивација на вработените. Се потрудивме и успеавме да ги исполниме сите цели што си ги поставивме. 

 

Раскажете ни како се одвиваше целиот процес на работа?

Тијана: Kога дознавме кои членови сме во тимот, направивме група на Slack каде што ги споделивме website-от на Bellina, профилите од социјалните мрежи и сите информации кои ги добивме со истражувањето на Google. Од Brainster добивме краток извештај за моменталната структура на Bellina (од аспект на број на вработени и работни позиции), но исто така и неколку одговорени прашања за мисијата и визијата на компанијата, која е целта на самиот проект и слично. Веќе следниот ден имавме брифинг сесија со дел од тимот на Bellina, кои ни го претставија нивниот бизнис и ни одговорија на еден куп прашања кои ги имаа и двете групи смислено.

Во првите 24 часа од хакатонот го имавме завршено најголемиот дел од работата, затоа што сите 4 заедно работевме на организациската структура бидејќи тоа беше најважната и најголемата задача. Најпрво, сите самостојно ја нацртавме структурата, оние работи кои се поклопуваа кај сите, ги вметнавме, а за сѐ останато детално истражувавме и се консултиравме со прекрасната менторка на овој проект Викторија Дамчевска.

Тимот на Bellina ни беше на располагање за секакви прашања преку e-mail и истото вешто го искористивме за да добиеме повеќе информации кои примарно не беа доставени. Следниот ден, финалните обврски беа поделени помеѓу сите 4, постепено беа вметнувани и на крај секако дојде „шминкањето“ на презентацијата. Особено внимававме на естетиката, на боите во самата презентација, редоследот на потребните таскови и слично, сѐ со цел да се долови духот на компанијата во истата. 

 

Што ве мотивираше да започнете да градите кариера во светот на човечките ресурси?

Ангела: Отсекогаш сум се замислувала дека ќе работам во средина каде што ќе бидам опкружена со луѓе од различни профили и возрасти. Тоа навистина ме исполнува. Во моите студии по педагогија се сретнав со предметот менаџмент на човечки ресурси и воочив дека тие две работи се многу поврзани. Имав желба подетално и суштински да ја научам оваа област за бидам уште поуспешна во иднина.

 

И за крај, што би ни додале за овој настан, кои се вашите импресии?

Емилија: Многу пати сум читала за Хакатоните кои ги организира Brainster за своите студенти. Искрено не очекував дека ќе се организира еден и за Академијата за Човечки Ресурси и кога ја објавија информацијата, направив сѐ во моја можност за истиот да се реализира, бидејќи потребен беше минимален број на пријавени учесници, а истите ги немаше. Им додевав на студентите кои се немаа пријавено на Slack и ги убедував да се пријават. Мило ми е што успеав, а верувам мило им е и на оние што ме послушаа.

Хакатонот е едно прекрасно искуство каде што се чувствуваш како победник со самото учество. Носи задоволство и исполнетост на душата, бескрајна радост по успешната презентација и секако огромна благодарност до сите инволвирани. По завршетокот на презентациите, сите бевме пресреќни, си упатувавме честитки и насмевки. Едноставно и преку монитор се чувствуваше прекрасната енергија. Препорачувам на сите сегашни и идни студенти, доколку имаат шанса да бидат дел од ваков настан, истата да ја прифатат. Со работата на ваков проект се развиваат тимската работа, soft и hard вештините, се учи, се проверуваат досегашните знаења и секако се стекнува искуство.

Тијана: Ваквите хакатони се дефинитивно тип на задачи што мислам дека секој човек треба еднаш да ги искуси во својот живот. Ќе научи најпрво многу работи за себе, едноставно се приметуваат лидерските способности при ваквите проекти, тимската работа (која е особено тешка ако е online), комуникациските способности, работата под притисок што мислам дека не е типичен притисок. Морам да признаам дека би работела повторно на нешто вакво, особено затоа што сега знам како би се одвивале работите од почеток до крај, би знаела претходно на што да обрнам внимание, што да прашам, на што да се фокусирам и слично.

Ангела: На сите што имаат можност им препорачувам да се вклучат во некој ваков настан. Покрај тоа што се учи нешто ново, уште поинтересен беше викендот поминат во дружење и соработка со тимот.

 
 

Доколку сакаш да си дел од HR заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2023 година, дознај повеќе за Академијата тука.

На Академијата за човечки ресурси учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти, под менторство на докажани и искусни инструктори.

Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!




Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

11 Компании. 110 Студенти. 1000€ Ваучер.