Dream Team е тим на студенти кои покажале особен успех на Академиите во Brainster. Тоа се студенти кои што го освоиле месецот! За да се биде дел од Dream Team-от, еден Brainster студент треба целосно се посвети, да биде активен на предавањата и уредно ги завршува зададените задачи од страна на менторите.

Секој месец ќе избираме по еден студент од секоја академија – студент што ќе се истакнува како најпосветен и најупорен и како таков ќе биде дел од Dream Team-от.

Напорната работа секогаш дава добри резултати. Запознајте ги нашите Dream Team студенти за месец август:

 

Димитри Ќососки – студент на Академијата за Data Science

„Најголема мотивација секогаш ми билe разбирање и совладување на комплицирани материи кои ме интересираат, како и професионално, така и на личен план. Сметам дека треба да знам што е можно повеќе за работите кои ми се важни, и ме фаќа инает доколку тоа не е така. Затоа, постојано наоѓам интересни теми за истражување и учење. До сега, во текот на моето формално образование, сум бил студент на повеќе странски универзитети, и можам да кажам дека, барем мене, овој, неформален и флексибилен, начин на учење ми дозволува да се фокусирам на конкретни задачи и проекти по свое темпо. Во тој контекст, академијата за Data Science е одлична платформа за достигнување на зацртаните цели со посветено учење. Постојаното консултирање со менторите и заедничката работа со колегите е најдобар можен начин за развивање на способностите во ова поле. Од оваа академија очекувам лична надоградба и доусовршување на квалификации. Истото го очекував и пред запишувањето, во моментот кога одлучив да ја зацртам својата нова кариерна патека. Резултатот е извесен, немам сомнеж дека ќе биде достигнат. Голем дел од работите кои се учат ги употребувам скоро секојдневно во работа или лични проекти. По завршувањето на Академијата, се надевам на работа во обемни проекти, или, возможно, започнување на свој бизнис. Меѓутоа, за надоградба секогаш има непресушлив избор на нови нешта, учењето не треба да престане со завршувањето на академијата.” – ни кажа Димитри.

 

Вилијам Додевски – студент на Академијата за дигитален маркетинг

Веројатно најмногу ме мотивира аспирицијата и целите за иднина. Не ми се допаѓа тој краток burst од енергија што ја дава мотивацијата, повеќе ми се допаѓа steady, конзистентна дисциплина. Што значи дека ако задачата е примарна за остварување на целта, значи дека мора да биде завршена. Мислам дека ова неформално учење е ден и ноќ во споредба со формалното, од причина што најголем дел од професорите на формалното образование, не го користат знаењето никаде освен за предавање. Во Браинстер, секој професор работи во индустријата за која зборува, што му ја дава способноста да го пренесе знаењето не по дефиниција, туку по реални  ситуации и теми, моментално актуелни во индустријата. Нема многу да откривам, но верувам дека ќе пораснам како човек и како маркетер за 3 скалила. Едноставно не е можно да не се развиваш кога си опкружен со ментори кои имаат толку знаење и искуство под нозе.” – ни кажа Вилијам.

 

Душица Митровска – студент на Академијата за Software testing

Секојдневните движења на технологијата напред, непроученото функционирање на  нештата кои секојдневно не опкружуваат како и чувството за поседување на потенцијал кој не е доволно искористен од моменталните работни активности ги сметам за голем мотив и причина да инвестирам во своето знаење и надоградување на мојата личност. Можноста да се види апликативната примена на знаењето во моментот кога се стекнуваш со истото е една голема предност која го нуди неформалното учење. Знаењата кои ги стекнав со помош на овој тип на учење се концентрирани точно кон целта односно кон потребите на работните процеси кои следуваат во иднина. Првото очекување веќе ми е исполнето, односно стекнување на нови знаења во областа која ми била предизвик до сега. Во иднина, по завршувањето на Академијата, очекувам во текот на работниот процес знаењата практично да ги применам, а во текот на истиот да се стекнувам со искуства кои ќе ми бидат мотив секојдневно да истражувам, учам и да си задавам нови предизвици и повисоки цели бидејќи сметам дека ИТ секторот го овозможува тоа.” – ни кажа Душица.

 

Марија Попчева – студент на Академијата за Графички дизајн

Љ – У – Б – О – В и огромна желба за дизајнирање во комбинација со потребата да создадам нешто пријатно за око и за душа. Учењето дизајн е лесно и заразно благодарение на нашите инструктори кои освен знаење ни подаруваат и дел од својот уникатен свет. После секое предавање сум фасцинирана, хиперактивна, мнооогу инспирирана. Ги сакам пофалбите, но ги обожавам критиките, тие ме предизвикуваат да научам нови нешта. Многу ми е важна поддршката од најблиските, менторите и секако колегите од Академијата. Во Brainster ја пронајдов онаа искра надеж што уште од првиот ден ми влеа самодоверба и чувство дека вредам и можам повеќе. Мојата бунтовна природа совршено се вклопува во неформалниот начин на образование. Овде еднаш покажаното е веќе корисна алатка, а советите од инструкторите се бесценети патокази до работата од соништата. Кој би рекол дека учењето може да биде волку спонтано и забавно. По завршувањето на Академијата ќе бидам графички дизајнер кој е производ на едно прекрасно искуство. Знам дека нема да биде крај, туку почеток на една нова авантура во која ќе уживам во секој дел од патот. Дестинацијата нека биде изненадување и за мене.” – ни кажа Марија.

 

Стефан Атанасовски – студент на Академијата за Front-end програмирање

Кога го учам она што го сакам, самата помисла дека би имал можност да го работам истото ми е на некој начин мотивација. Дополнително ме мотивира желбата за успех и напредок. Овој тип на неформално учење ми помогна на тој начин што имам можност практично да ги “тестирам” моите знаења, бидејќи ми овозможува работа на реални проекти, наспроти монотоното теоретско учење. Исто така како голема предност на овој тип на учење според мене е достапноста на менторите во секое време. По завршувањето на оваа Aкадемија очекувам да си ги остварам своите замислени цели и да се реализирам како Front-end developer.” – ни кажа Стефан.

 

Анастасија Јовчевска – студент на Академијата за UX/UI дизајн

Она што ме мотивира постојано да учам е желбата да научам повеќе за себе, за светот околу мене и за тоа како сè што гледам да го трансформирам во нешто од вредност, нешто неверојатно и нешто што драстично ќе го подобри мојот живот, а како иден UX/UI дизајнер, и животот на другите! Лесниот пристап на информации, работата на реални проекти, флексибилната програма и атмосферата на часовите дополнително ме мотивираат и ми го олеснуваат процесот на учење. Секогаш е полесно и позабавно да се учи со супер друштво! По завршувањето на Академијата за UX/UI, очекувам максимално да го применам наученото и да бидам поуспешна во мојата кариера како дизајнер.” – ни кажа Анастасија.

 

Андреј Билјаноски – студент на Академијата за Full Stack програмирање

Тоа што денес е ново, утре веќе е застарено. Технологијата цело време се развива, па кој не учи постојано-заостанува. Овој тип на учење за мене е идаелен бидејќи ме соочува со неделни предизвици. Особено ме поттикнуваат 24-часовните групни проекти и задачи за време на часовите. А, дополнително сум охрабрен зашто менторите се секогаш тука за помош и за насока во учењето. Очекувам академијата да ме подготви за соочување со најразлични професионални предизвици, да се чувствувам спремен да се вклопам во работни процеси, да соработувам полесно со колеги или, пак, самиот да реализирам свои идеи. По завршувањето на Aкадемијата ќе продолжам да се надградувам себе си. Крај на академијата не значи и крај на учењето.” – ни кажа Андреј.

 

Ова се студентите кои покажуваа ентузијазам, иницијатива и наоѓаа нови начини да бидат инволвирани за време на заедничките активности. Со видна креативност и самодисциплина ги користеа своите инстинкти за совладување проблеми независно, но и покажаа конзистентна соработка со инструкторите и останатите студенти. Останаа фокусирани на сè што им беше зададено, при што покажаа и транзиција без проблем помеѓу активностите во Академијата и надвор од неа, при што останаа и посветени за достигнување на нивниот потенцијал. Нивните проекти и задачи ги извршија комплетно, уредно и со неверојатна организација со што ги надминаа и нашите очекувања.

На крај, сакаме да им кажеме фала на студентите од Dream Team-от кои ни овозможија да го извршиме нашиот дел како ментори, бидејќи иако нашата работа е да создадеме средина погодна за учење, вие создадовте средина погодна за предавање.

Уписите за Академиите се во тек, резервирај си место тука!

Related Stories For You