Запознајте ја Невена Фуруновиќ – позитивна и секогаш насмеана личност, на која најголема страст и е графичкиот дизајн.

По завршување на Академијата за графички дизајн, беше на 3 месечна пракса во дизајн тимот на Brainster и во овој блог ни го раскажа своето искуство.

 

Си поразговаравме со Невена за нејзината улога во нашиот дизајн тим

 

 

Како би можеле да те претставиме на читателите – Која е Невена?

За себе, можам да кажам дека сум скромна девојка. Голем емотивец, емпатична и секогаш добар слушател. Добар пријател, опкружена навистина со прекрасни пријатели. Секогаш настојувам да мислам позитивно, да не се откажувам. Не поминува ден, a јас да не танцувам, слушам музика и црткам. Kога би се опишувала онака како што ме гледаат колегите од моја најкул група 13 би било: „Невена позитива”, „Доволно е Невена, да ги видиме твоите дизајни и да знаеме дека се твои!“- нема поголем комплимент, нели?

 

Ти беше наш студент на Академијата за графички дизајн. Како ни дојде во Brainster?

Академијата за графички дизајн на Brainster ми беше најпривлеченa. Најпрвин, поради најдобар визуелен идентитет и дизајн. Од самите постови можев да видам дека зад нив стојат предобри дизајнери кои секоја ситница ја осмислиле и организирале до детаљ. А воедно, прецизни и организирани со информации. И навистина со професионални инструктори.

 

 

Зошто баш графички дизајн? 

Желбата да запишам Академија за графички дизајн си ја чував долго време во себе. Но, мора да признам најмногу да се охрабрам на таков чекор, ме мотивираше и ми помогна мојот братучед – Бојан, кој со часови ме слушаше, советуваше и ми помогна низ целиот процес додека бев студент. Неговиот збор беше „Можеш“.  Едноставно, тој беше личност кој во тој момент навистина ја знаеше жртвата и цената на вложениот труд, бидејќи веќе ја имаше завршено Академијата за Front-End програмирање. И со широко срце ми го препорача Brainster.

 

Својата кариера како графички дизајнер ја започна токму во Brainster на практикантска позиција. Раскажи ни го твоето кариерно патување.

Кога добив мејл дека сум избрана за практикантска позиција од страна на дизајн тимот во Brainster бев пресреќна. Најпрвин, поради тоа што тие се предобри дизајнери и навистина може да се научи многу од нив. На почеток имав многу трема, но потоа сфатив дека за такво нешто нема место. Тие уште првиот ден ме опуштија и најпријателски нѐ прифатија со Анастасија. Навистина голема шанса и се трудев максимално да ја оправдам и исполнам.

 

 

Како изгледа еден работен ден на еден графички дизајнер? Кои беа твоите главни задачи и обврски?

Секој ден беше интересен сам по себе. На почетокот се задржувавме повеќе на софтверскиот дел, некои нејаснотии околу програмите, прашања и како нешто е направено на самите креативи. Навистина во Brainster има хармонична работна атмосфера, никој на никого не врши притисок, имаш време да размислиш и корегираш. Тимот имаше разбирање, не може секој ден да си најкреативен.

Исто така, добра комуникација помеѓу тимовите. Постојано во контакт со маркетинг тимот и со другите тимови. Продуктивни состаноци на кои секогаш се стремевме да најдеме најдобро решение. Поради самото тоа, не ми беше тешко да се вклопам, и да се водам низ нивните таскови и дневни рутини. Место каде што може да се научи тимска работа и да се цени туѓото мислење. Состаноците ги одржувавме на zoom, но тоа не ни претставуваше пречка, навистина се разбиравме добро. Главните задачи ни беа веќе готови адаптации, продажни креативи, постери и сите други креативни барања кои ги имаа останатите тимови од нас.

 

Опиши ни ја атмосферата во дизајн тимот.

Диди, Сергеј, Кире и Ангела се најзаслужни за убавата енергија и добрата работна атмосфера. Секогаш одлуките се донесуваат за добро на целиот тим. Вреднуваат туѓо мислење и навистина несебично го даваат своето знаење.

 

 

Кој е најголемиот предизвик со којшто се имаш соочено до сега? Која е тајната за надминување на предизвиците?

Најголеми предизвици ми беа реалните проекти. Би го издвоила реалниот проект каде што требаше да направам дизајн на пакување за Винарија Виника. Целиот процес, комуникација со клиент и добивање финален дизајн, кој кога ќе го видиш ти буди прекрасно чувство. Низ целиот процес многу се учи, а воедно се збогатува и самото портфолио. Тајната е во тоа да веруваш во себе, да имаш свој уникатен стил и да умееш да прифаќаш и цениш критика. 

 

Омилен модул и зошто?

Навистина имав повеќе омилени модули. Би ги издвоила, „Визуелно обликување на страница“, „Векторска графика“, „Визуелен идентитет“ и „Дизајн на пакување“. Од причина што во нив можев најмногу да ја искажам својата слобода во креирање.

 

 

Најважната лекција што ја научи на Академијата за графички дизајн?

Не постои не можам! А најкорисна лекција, можеби е и начинот на кој секој дизајнер треба да прифати критика, да прифати туѓо мислење, а воедно и да одговори на барањата од клиентот. Не треба да постои место за љубомора или суета ако сакаш да бидеш добар дизајнер.

 

За крај – твој совет до сите оние коишто размислуваат за кариерна промена во насока на графички дизајн?

Сите кои имаат желба ги охрабрувам, ништо не е невозможно. Со многу работа и труд може да се постигнат големи резултати. Треба ние луѓето да си даваме поддршка едни на други. Благодарение на поддршката на моето семејство, пријателите и јас си го остварив својот сон.

 

Уписите за следната група на Академијата за графички дизајн се во тек! Интересот е преголем и бројот на места – ограничен, затоа резервирај го твоето навреме!

На Академијата за графички дизајн учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!