Филип Цветков е еден од оние студенти кои зрачат со позитивна енергија, желба за работа и себе надградување. Тој во моментов учи на Brainster Академијата за графички дизајн, а од неодамна работи и во компанијата AD Value како графички дизајнер.
Иако тој има богато портфолио, на полето на економијата и маркетингот како Account Manager, сепак се одлучил за уште едно поле на кое може да се надгради – графичкиот дизајн. За него е карактеристично тоа што уште од пред неколку години заедно со своите пријатели создале младински фестивал „Конект“, кој беше активен до неодамна, а претставуваше подиум на креативни умови и проактивни луѓе.

Со него поразговаравме за неговата работа, како ја црпи својата инспирација, како академијата му помогна да стане тоа што е денес и слично. Во продолжение прочитај го целиот разговор.
Моментално работиш како графички дизајнер во компанијата AD Value. Кои се твоите обврски и како одлучи дека таа компанија е вистинскиот избор за тебе?
Во агенцијата AD Value сум графички дизајнер и моите обврски се доста опширни. Опфаќаат сѐ од дизајнирање на креативи за социјални мрежи за клиенти, дизајн и пoдготовка за печат на различни промотивни материјали, до работење заедно со account тимот околу развивање на концептите и како би изгледала визуелната комуникација, следејќи ја стратегијата која претходно е утврдена. Се одлучив токму за AD Value, поради тоа што имаат одлична атмосфера за млад дизајнер да се развива и учи. Исто така нудат и динамична работа со разновидни клиенти каде што имам можности креативно да решавам секакви проблеми за клиентите.
Твојата позадина е поврзана со економијата. Како се одлучи дека графичкиот дизајн е твојот повик?
Отсекогаш сум бил на некој начин изложен на уметност и сум се чувствувал многу среќен и исполнет откако нешто креативно ќе создадам и сум имал навика редовно како хоби да си работам на такви проекти за лично задоволство. Пa така, се одлучив таа страст да ја преточам во кариера. Откако завршив со студии и работев некое време во маркетинг светот како Account Manager се соочив со фактот дека дизајнерската позиција е многу попривлечна за мене.

Како графичкиот дизајнер знае дека неговиот дизајн е успешен?
Според мене тоа се дознава откако ќе се пушти дизајнот во етер односно ќе се изложи пред јавна публика. Со тоа се гледа каква реакција имаат гледачите и се гледа како и дали е постигната целта и потребата според кои бил направен дизајнот.
Местата се пополнети! Приклучи се на листата на чекање денес и ПРВ/А дознај доколку се отвори повторно можност за упис на Brainster+ Академијата за графички дизајн
Како изгледа твојот креативен процес? Каде ја наоѓаш твојата инспирација?
Започнува доста хаотично но, секогаш прво со истражување. Обично тргнувам со секоја идеја која ќе ми дојде во глава и откако ќе завршам со истражувањето земам молив во рака и лист хартија и продолжувам со експериментирање. После тој процес почнувам со селекција на добри и лоши идеи и понатаму ги развивам дополнително. Инспирација многу често земам од Pinterest но, гледам што почесто да разгледувам книги и сѐ околу мене додека се движам по улици бидејќи од таму можеш на поуникатен начин да се инспирираш. Работата како графички дизајнер со себе носи многу предизвици, а оние кои ги имам почувствувано и самиот се брзина на работа и да се биде креативен под притисок.
Како Академијата за графички дизајн ти помогна да си тоа што си денес?
Ми даде одлична насока како да ги усовршувам моите вештини со цел на специфичен начин да се развијам како дизајнер подготвен за почеток на кариера во тоа поле. Исто така, ми даде можност различни аспекти на дизајн да искусам и уште во доста рана фаза јас да имам отприлика идеја за тоа каков дизајнер сакам да станам.

Како би ги советувал идните студенти кои сакаат да се занимаваат со графички дизајн?
Секој ден да се најде начин да се размислува на дизајн. Да се читаат книги за дизајн и да се истражуваат работи за досегашни познати дизајнери. Според мене најубаво може да научиме ако гледаме што правеле и како размислувале најдобрите пред нас.
Кампањата е организирана од Brainster во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје. Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/„Brainster“ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави (САД).