Нашето најголемо засилување оваа година е човекот чие име е синоним за дигитален маркетинг. Дарко е пред сè искрен вљубеник во маркетингот и негов вистински познавач, па потоа основач на NewMediaMK маркетинг агенцијата и програмски директор на AllWeb – првата и најголема конференција за дигитален маркетинг во Македонија. Познат е и како спикер, консултант и што уште не.

Заедно ја „преслушавме“ нашата програма на Академијата за дигитален маркетинг, се осигуруваме дека ги покрива клучните концепти, најважните трендови и алатки и најбараните вештини на пазарот. Па ред е да размениме збор два за добредојде. 

Здраво Дарко! После пресекот што го направивме на програмата, што е она што може да го очекуваат студентите на Академијата за дигитален маркетинг, и во поглед на темите, но и во поглед на конкурентноста на пазарот?

Накратко речено, може да очекуваат многу. Дигиталниот маркетинг е дисциплина која бара континуирана посветеност, мултидисциплинарни знаења и постојана надградба. Академијата има за цел да им го олесни и во некоја мера скрати патот што ги ги води учесниците до усовршување на оваа професија. Моето искуство вели дека критична е добра основа за познавање на начелата на функционирање на бизнисите. Потоа, доаѓа основното познавање на маркетингот, па дури подоцна може да се надградува знаењето во доменот на дигиталниот маркетинг. Програмата на Академијата е дизајнирана да одговори на тие потреби. Да даде добра основа за да може дигиталните алатки, тактики и сервиси соодветно да се вклопат во стратегија која ќе треба да донесе конкретни бизнис резултати. 

 

Каде може да го очекуваме твојот придонес на Академијата?

Планот е јас да се вклучам во делот посветен на градење на дигиталната стратегија, канали, платформи, поврзување со основните бизнис функции како и делот со генерирање лидови и оптимизација на целни (landing) страници.

 

Во маркетингот си откога знам за маркетингот. Како се менуваше оваа индустрија низ годините и што е она што претставува најважна промена во изминативе декада-две?

Декада-две… уф, многу широко.. Најопшто земено промената е што сега брендовите се медиуми, имаат многу повеќе простор за директна комуникација со своите потенцијални корисници, но од друга страна имаат и поголеми обврски кон нив. Сега покрај промоција на своите производи, како медиуми, неопходно е да понудат нешто многу повеќе од тоа. Во морето на натрупани информации и реклами, потребно е да создадат  атмосфера во која на некој начин ќе добијат дозвола да им прикажуваат свои содржини на корисниците.

 

Што, пак, е она што остана непроменето низ годините кога станува збор за добро практикување маркетинг?

Со доза на ризик да звучам контрадикторно, ќе речам: и порано и сега и секогаш, најважно е да имаш добар производ или услуга, а не добар маркетинг. Маркетингот е помошник кој може да помогне производот или услугата да биде полесно, побрзо и подобро разбран и употребуван. Добар маркетинг подразбира добро познавање на целната група, постојана отвореност кон нови работи, многу експериментирање и искрена посветеност на темите во чиј домен решава проблем вашиот производ или услуга.

 

Некои предвидувања за тоа во која насока ќе оди „скилсетот” на идеалниот маркетер во наредниве 5-10 години?

Дигиталниот маркетинг низ годините сериозно се разви. Денес и покрај тоа што сите треба да знаеме од сè по нешто, неопходно е да имаме и сериозно, подлабоко знаење за некој поконкретен дел од дигиталниот маркетинг. Денес во светот ретко се зборува за дигитални маркетери како генерална категорија, многу повеќе зборуваме за специјалисти во домен на аналитика, огласување, оптимизација и сл. Секако за да се стигне до некоја таква специјализација потребно е иницијално пошироко познавање за самото функционирање на веб, апликации и сл. Потребно е аналитичко размислување и креативно спојување на знаења и искуства од различни домени. Можеби вака пишано делува застрашувачки, ама динамиката со која сето ова се одвива е таа која те тера секогаш да гребеш напред, да се надградуваш во многу различни полиња. Конкретно во поглед на вештини денес дигиталните маркетери имаат два предизвика. Првиот се технички познавања, а вториот бизнис.

 

Што да читаат, слушаат, гледаат сите оние кои сакаат да се во тек или да научат нешто повеќе за маркетингот?

Јас често велам, за интернет најмногу можеш да научиш на интернет. И притоа не мислам само на читање или гледање видеа туку повеќе мислам на љубопитно сурфање. Тоа значи кога ќе добиете некој меил или ќе видите некој интересен елемент на вебсајт или контакт форма и сл. веднаш да расчепкате да видите како е направена, кој сервис е користен и да се обидете да сфатите зошто е така направено и сл. Таа љубопитност ќе ве донесе до корисни текстови, туторијали и видеа.

 На страна пребарувањето со конкретна потреба, веќе напоменав колку е важно да се следат ситните промени на самите сервиси кои ги користиме, и како тие влијаат на начинот на кои корисниците стапуваат во интеракција со содржината. За таа цел, потребно е да се следат редовно сите „апдејти” и трендови но да не се забегува затоа што постојат милион сајтови и блогови кои редундантно само „штанцаат” текстови во кои има исклучително малку содржина.

 Една топла препорака за сите маркетери и оние кои имаат допирни точки со дигитал, во најопшта смисла, е прегледот во петок кој редовно ние од NewMediaMK го објавуваме на komunikacii.net. Во него, секоја недела собираме линкови до информации кои комбинираат и редовни „апдејти” но и малку посериозни текстови кои ни помагаат да сфатиме каде се движат медиумите и маркетингот.

 

Дарко е еден од тимот експерти на Академијата за дигитален маркетинг. Ако сакаш и ти да бидеш дел од оваа 23 неделна програма, аплицирај тука!