Како резултат на успешната соработка со FitKit, оваа иновативна компанија стана наш партнер за вработување. По работата на реални проекти заедно, сега имаме можност да ги поврзуваме нашите најдобри студенти со препознатливи брендови како FitKit.
Нашата алумни-студентка Ана-Бела Јовческа, која преку Академијата за дигитален маркетинг имаше можност да ги усоврши своите вештини, сега е дел од FitKit тимот.
FitKit е првата мобилна апликација за фитнес и велнес во Македонија, која овозможува лесен пристап до широк спектар на активности за вежбање, релаксација и грижа за менталното здравје. FitKit не само што се фокусира на индивидуалци, туку и на компании кои сакаат да ја промовираат благосостојбата на своите вработени.
Со новите партнерства, како со Social Friday, тие се стремат да создадат настани кои ќе ги поврзат компаниите со невладините организации, што го прави FitKit важен играч на полето на дигиталната здравствена индустрија. FitKit го лансираше новиот вебсајт и додаде нови категории како исхрана, додека оваа година учествуваше на Web Summit како стартап.
„Тоа е убавината на оваа апликација, што се стремиме корисничкото искуство да биде во чекор со глобалните трендови и секогаш има нешто кое може да го подобриме за нив“. – Марија Стојковски, CMO на FitKit.
Тимот на FitKit, исто така, ја прошируваат својата дејност и во Грција, со планови за експанзија во Србија во следните години.
Марија сподели и неколку свои размислувања како нова менторка на Ана-Бела и за важноста на соработката помеѓу индустријата и студентите. На прашањето зошто Ана-Бела, таа сподели:
„Затоа што знае и грчки јазик! 😀 Шала на страна, секако пресудно е тоа колку таа се имаше вложено во целокупното нејзино искуство на самата Академија. Откако ревидиравме повеќе кандидати (кои патем навистина беа добри) и откако имавме интервју со неа сфативме дека комплетно ќе се вклопи во нашиот тим, вештините кои ги поседува но и нејзината љубопитност да се доусоврши во полето на маркетинг“.
Ана-Бела, која сега е дел од FitKit тимот, сподели искрени чувства за своето искуство:
„ФитКит е навистина инспиративно место за работа. Тимот е неверојатен: креативни, мотивирани и совршено организирани. Од првиот момент кликнавме, како да работиме заедно со години. Посебно ми е драго што сум дел од проект кој активно придонесува за подобрување на физичкото и менталното здравје. Сакам кога негде го вложувам срцето и душата ( и пот кога користам FitKit 😂)
Нашиот лидер, Јосиф, е инспирација сам по себе, а од целиот тим учам нешто ново секој ден. Од моментот кога Марија ме исконтактира за интервју, знаев дека оваа соработка ќе биде нешто посебно. И не згрешив – тука сум опкружена со професионалци кои не само што ме мотивираат, туку и ме предизвикуваат да бидам подобра верзија од себе“.
Марија го сподели и својот совет за компаниите кои се во потрага по таленти:
„Позадината како факултет или не знам какво образование, не е секогаш пресудна за квалитетот на еден кандидат. Долго време работам во оваа индустрија и би ги охрабрила почесто да даваат шанси на таленти кои имаат баш силна замисла за себе и тоа што ќе сакаат да го работат, учат секојдневно нови вештини или решиле да сменат кариера. За мене тоа се едни од најдобрите кандидати – знаат што не сакаат и тоа е навистина храбро.
Pro tip: Компаниите кои вложуваат во своите вработени, во добро искуство и генерално се грижат за нивната благосостојба, ги имаат најдобрите таленти”.