Студентите од Бреинстер и Бреинстер Некст колеџот ќе имаат можност на ИТ саемот за вработување на 4 јуни во Лабораториум да се поврзат со софтверската компанија 2Coders.
2Coders е слична на познатите платформи како “Netflix”, “HBO”, “Amazon Prime”. Компанијата се фокусира на развивање на нативни мобилни апликации и ТВ/веб платформи за стримање на видео содржини во доменот на спорт и забава. Седиштето на компанијата е во Гран Канариа во Кралството Шпанија. Во 2021 се проширува во островот Тенерифе, а неколку месеци подоцна и во Скопје.
Тина Чурлиновска, основачот на канцеларијата во Скопје, ја споделува работната динамика во компанијата. Зборувавме и за соработката на тимот којшто го менаџира, составен од инженери за мобилни, веб и ТВ апликации, дизајнери, инженери за квалитет на софтвер, бизнис аналисти и проектни менаџери.

Здраво Тина, ти благодариме за учеството на овој блог! Можеш ли да ни кажеш малку повеќе за твојата улога во компанијата и како изгледа еден типичен работен ден?
Мојата улога има два сегменти: јас сум основачот на канцеларијата во Скопје и сум одговорна за менаџментот на канцеларијата во целост – од вработувања, до испорака на софтвер. Воедно сум и оперативна директорка на глобално ниво и се грижам за стратешкиот развој и глобалниот менаџмент на организацијата вклучуваќи ги сите нејзини сектори.
Нема да бидам скромна и ќе кажам дека 2Coders има прекрасна работна атмосфера којшто секој би ја посакал. Секојдневието ни е исполнето со многу хумор, емпатија, почит и пред сѐ професионалност. Денот ни започнува со кафе и неформални разговори околу проектите, потоа поголемиот дел од тимот започнува со состаноци со нашите клиенти ширум светот, продолжуваме со работа во текот на денот. Преферираме паузите за ручек секогаш да ги поминуваме заедно.
Нашите вработени се одбрани да соодветствуваат на работната етика и култура на 2Coders и тоа овозможува да имаме релаксирана атмосфера на работа и заеднички да ги решаваме предизвиците.

Коинвестираме во твојата иднина! Заедно со партнер-компаниите доделуваме 100 ваучери од 1000 евра. Не чекај и аплицирај за твојот!
Што е уникатно за вашата компанија што ја издвојува од другите во индустријата?
Најпрвин би го издвоила фактот што сме една од ретките компании во републиката која што се занимава со изработка на софтвер за стримање на видео содржини. Ретки сме и на глобално ниво. Ова е голема привилегија бидејќи имаме можност да го разубавиме секојдневието на многу гледачи пред големите екрани. Тоа особено беше изразено во периодот на Ковид-пандемијата кога сите седевме дома и гледаме филмови, серии, спорт.
Нашите клиенти се светски познати интернационални брендови и ја имаме можноста да соработуваме со разни култури, раси, временски зони, да решаваме глобални предизвици. Сето тоа со професионалци од нашата држава преку работа на компјутер.
Исто така, би сакала да ја издвојам нашата работна етика. Преку мојата работа во неколку интернационални компании во земјата воочив дека можеби треба повеќе да се нагласи оставување на високи стандарди за квалитет бидејќи само тоа ќе направи да бидеме конкурентни со инженерите од другите земји. Постојан конструктивен фидбек, искреност, постојано учење.
За крај, во однос на македонскиот пазар сме и единствената шпанска ИТ компанија во републиката. Неодамна при разговор со шпанскиот амбасадор открив дека во земјата има само шест шпански компании и се надевам заедно со амбасадата на Кралството Шпанија ќе успееме да охрабриме повеќе компании да инвестираат овде преку нашиот успешен пример.
Според вас, какво влијание имаат ваков тип на настани врз ИТ индустријата/екосистемот?
Преку ваков тип на настани се создаваат можности за соработка помеѓу компаниите, професионалците и образовните институции. Ова овозможува размена на идеи, таленти и најдобри практики што може да доведе до нови партнерства и соработки во ИТ секторот. Најмногу од сѐ, ваков тип на настани им овозможува на идните ИТ кадри полесен пристап до компанииите, лице во лице, и им отвара пат за формирање на мрежа со цел да најдат соодветна прилика за вработување.

Можете ли да го опишете идеалниот кандидат кој се надевате дека ќе го сретнете на саемот за вработување?
Идеалниот кандидат треба да има пасија кон работата и да има желба за учење. Особено се издвојуваат кандидатите коишто доаѓаат со пасија кон тоа што го работат. Таа пасија е заразна и ги мотивира останатите вработени. Со тоа се создава една прекрасна работна атмосфера каде на предизвиците се гледа позитивно, а не како на проблеми. За нас, како компанија, е многу важно вработените да ја увидат пошироката цел на нивната работа и да бидат мотивирани од нешто што е многу поголемо од самото креирање на софтверот и да се запрашаат „како мојата работа го прави светот подобро место за живеење?“
Каков совет би им дале на студентите кои се заинтересирани да аплицираат за позиции во вашата компанија на саемот за вработување? Некој совет за добар впечаток и самопрезентација?
Важно е да направат анализа за компанијата во која сакаат да аплицираат и да размислуваат во насока на нивните вредности, знаење и искуство кои ќе придонесат за развојот на таа компанија. Да ги истакнат квалитетите кои се клучни за добивање на работната позиција и, пред сѐ да се сигурни дека им одговара политиката на работење.
За крај, апел до сите студенти: појдете на интервју кај нас со сето ваше знаење, со насмевка и позитивна самоувереност. Но најмногу од сѐ, најважно е да се потрудете да покажете дека имате пасија кон работната позиција. Ние сме на вашата страна и ќе се погрижиме овој процес да биде позитивно искуство од кое што ќе научите нешто, без разлика на исходот.
Настанот е организиран од Brainster во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје. Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/„Brainster“ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави (САД).