Како дел од завршните проекти на студентите на Академијата за дигитален маркетинг, многу од нив се одлучуваат да работат на развивање на стратегии за дигитален маркетинг, не само за свој бизнис, туку и за компаниите за кои работат. Овој избор не е случаен, бидејќи студентите сакаат да ги применат знаењата стекнати во текот на курсевите и да создадат нешто што има реална вредност за нивната кариера и за бизнисите на кои им припаѓаат.
Во овој пост, Виктор Милевски, инструктор на модулот Digital Marketing Strategy, ќе сподели со нас четири стратегии за дигитален маркетинг кои беа изработени од студенти на Академијата. Овие стратегии се одлични примери за практично учење и какви резултати може да донесе ефикасно планирање и имплементација на дигитални стратегии во реалниот свет.
Прочитајте ги размислувањата на инструкторот за најдобрите идеи и решенија што студентите ги развиваат за создавање или подобрување на своите дигитални маркетинг активности.

Ирина успеа да ни презентира исклучително детална и добро осмислена бренд стратегија за Creative Studio Kass, и тоа во само пет минути! Нејзиниот пристап јасно покажува колку е важно да се има јасен бренд идентитет, да се направи анализа на конкуренцијата и да се дефинираат таргет групите пред да се започне со било какви активности. Овој процес ќе ѝ помогне на компанијата да ги насочи своите ресурси на паметен начин во иднина.
Сепак, она што навистина ја издвои оваа стратегија беше нејзината практичност. Од детален контент план со јасно структуриран тајмлајн, прецизни цели и очекувани резултати, до визуелни мокапи и точно разработен маркетинг funnel, Ирина ни претстави конкретен и применлив пристап. Со оваа стратегија, не само што покажа стратегиско размислување, туку и даде конкретни насоки за привлекување и задржување на клиенти, почнувајќи од првиот контакт со брендот па сè до постпродажните фази.

Розита ја започна презентацијата на најдобар можен начин, посветувајќи голем дел од времето за презентирање на раскажување на приказната за брендот, тимот и пазарот на кој работат. Овој вовед веднаш нè вклучи во нејзината презентација и го задржа нашето целосно внимание до самиот крај. Презентираше сигурно, со јасен тон, а визуелната поставеност на презентацијата беше навистина впечатлива.
Покрај темелната анализа на пазарот, Розита ни покажа колку е важно да се користат и традиционалните канали за поголем ефект, комбинирајќи паметни онлајн тактики со смели герила и офлајн маркетинг активности. Сè беше дополнето со одлично разработена email marketing стратегија, додека стратегијата за Google Advertising беше презентирана со прецизно изработени примери и мокапи, кои буквално го оживеаја целиот концепт. Нејзината презентација беше одличен пример за тоа како добро осмислена стратегија може да се претстави јасно, ефективно и визуелно впечатливо.

Кога веќе имам задача да одберам дел од завршните проекти кои оставиле силен впечаток, стратегијата на Елена Колега дефинитивно е меѓу нив. Низ целата академија, Елена се издвои со способноста визуелно совршено да го претстави секој детаљ од нејзината позадински стратегиски завршена работа.
Дигиталната стратегија за Тесори ди Маре останува запаметена по беспрекорниот бренд идентитет, темелната анализа на конкуренцијата и прецизно разработените активности според маркетинг инката. Впечатливите мокапи и детално изработениот веб-сајт ја заокружија презентацијата, пренесувајќи чувство на професионализам и извонредна посветеност.
Слободно може да се каже дека стратегијата беше толку добро разработена, што уште во моментот на презентирање беше целосно подготвена за примена.

Кај овој проект, особено интересно ми беше што веќе имав некакво предзнаење за компанијата, бидејќи често бев изложен на нивната комуникација на социјалните мрежи. Ова ми даде поинаков агол при следењето на презентацијата, па така, наместо да откривам нешто сосема ново, добив можност подетално да се запознаам со работата на Тина.
Завршниот проект за Escape Room Geeks беше извонредно разработен, нудејќи детален и сеопфатен пристап кон дигиталниот маркетинг. Најсилната страна на стратегијата беа одлично осмислените Google Ads кампањи, проследени со темелна анализа на клучни зборови и фрази. Овој аналитички пристап не само што демонстрираше длабоко разбирање на платеното рекламирање, туку и понуди конкретни, применливи решенија.

„Големо задоволство ми што сум сведок на напредокот на студентите во текот на Академијата, скоро од почеток па до крајот. Како инструктор на модулот Digital Marketing Strategy, имам уникатна можност повторно да ги сретнам студентите по седум-осум месеци и да видам како нивните идеи се трансформирале во конкретни бренд стратегии. Досега сме имале навистина инспиративни завршни проекти – од иновативни концепти за лични бизниси до стратегиски разработени маркетинг планови за компаниите во кои тие работат. Секогаш е задоволство да се види како студентите, со поддршка од менторите, успеваат да ги реализираат своите визии и да ги претворат во реални, одржливи стратегии. Иако добив доста тешка задача со оглед на големиот број на квалитетни решенија, ова се само пет од многуте досега кои сме имале прилика и задоволство да ги видиме“.- Виктор Милевски, Chief Marketing Officer at Merakzy