Викторија Јордановска е уште еден професионалец кој е вклучен во изработката на пакетот курсеви Brainster+ кој им овозможува повеќе можности за вработување на нашите студенти.
Курсот Основи на НЛП може да им помогне на нашите студенти да обезбедат конкурентна предност на пазарот на труд преку совладување на прниципите на Невролингвистичкото програмирање, вештина која ќе ти донесе позитивна средина кај тебе и во средината во која се наоѓаш.
Таа вели дека НЛП принципите досега ѝ помогнале многупати; во моменти кога сака да се откаже, кога смета дека не е доволно добра или секогаш кога е пред внатрешен сомнеж или надворешен предизвик. Во тие моменти важно е да се присетите на вашата визија и да смените перспектива, да го погледнете моментот од перспектива на целиот ваш живот. НЛП може да ви помогне токму во тоа, а и многу повеќе.
Прочитајте повеќе за НЛП техниките и методите, а бонус ќе добиете преубави фотографии од катчето на Викторија.
Го предавате курсот Основи на NLP (Невролингвистичко програмирање). Што можат студентите да очекуваат да научат од овој курс?
Велат NLP е прирачник за користење на мозокот, а ретко кој од нас прочитал или проучил еден таков прирачник. Кога ќе купиме нов телефон знаеме со денови да си играме со него, да истражуваме како функционира, како да го оптимизираме за да служи на нашите потреби. Токму тоа ни го нуди НЛП како методологија, како алатка – осознавање како да го користиме мозокот намерно и свесно, во наша корист, како би можеле да си го оптимизираме животот и да го скроиме по наша мерка.
На овој курс студентите на Бреинстер ќе ги научат основните принципи на НЛП. Ќе научат како ја креираме нашата субјективна реалност, како комуницираме со себе и со другите и како лесно да постигнеме резултати. Преку практични вежби и учење преку искусување, студентите ќе можат да достигнат едно поголемо себе-спознавање и да развијат способност да креираат позитивна промена кај себе и кај другите.
Тоа води кон зголемена самодоверба, подобрени релации и достигнување на посакуваниот успех во сите аспекти од животот.
Како може овој курс да му донесе вредност на еден професионалец?
Сите ние сме професионалци на некој начин и во некое поле од нашиот живот. Комуницираме постојано, со самите себе и со околината. Сакаме да постигнеме резултати. Сакаме да имаме длабоки релации, да бидеме видени, слушнати и вреднувани. Тоа се човечки карактеристики и се дел од нашето секојдневие, професионално или приватно.
Подобрени комуникациски вештини ни носат подобрена способност за креирање релации со клиенти, колеги, вработени, семејство, пријатели… Квалитетот на нашите релации го одредува квалитетот на нашиот живот.
Со зголемена само-свест полесно ги идентификуваме и разбираме сопствените начини на размислување, чувствување и однесување. Полесно можеме да излеземе од несвесното, реактивно живеење и делување. Сѐ со цел да ја прошириме сопствената перцепција и збогатиме нашата мапа на светот, како што велиме во НЛП. Со тоа ни се зголемуваат изборите кои можеме да ги направиме во секој даден момент – а тоа е еден од принципите за успех.
Овој курс е дел од Brainster+ пакетот курсеви за вработување. Како ќе им помогне на студентите да се вработат?
Курсот Основи на НЛП може да им помогне на студентите на Brainster да обезбедат конкурентна предност на пазарот на труд со тоа што ќе ги опреми со вредни вештини и атрибути кои се високо ценети од страна на работодавците.
Со совладување на вештините за комуникација, свест за себе и своите „програми“, и поставување на цели, односно резултати, студентите ќе ги подобрат и вештините за решавање проблеми и владеење со себеси – па така ќе можат да ја подобрат својата вработливост и да се позиционираат за успех во избраната кариера.
Како генијалецот го прави тоа што го прави? Кои се чекорите? Какви мисли има? Какви слики гледа? Што си зборува сам на себе? Како разговара со другите? Во каква внатрешна состојба е? Алатките на НЛП ни го даваат токму тоа, еден експлицитен модел кој доколку го следиме можеме да постигнеме исти или слични резултати.
Успехот е како правење торта, потребен ни е вистинскиот рецепт. Состојките мора да бидат со најдобар квалитет и во правилни пропорции. Штом го имате вистинскиот рецепт, со вежбање, па и со по некоја катастрофа, станува многу полесно. За еден ден да се изненадите од себеси каква фантастична торта сте направиле.
Вашето искуство е навистина импресивно, работите и како коуч, ментор, консултант, но и имате сопствен бизнис. Која е тајната на вашиот успех?
Истрајност, посветеност и дисциплина. Верба во себе. Помош од луѓето кои се околу мене. Секој од нас различно го дефинира успехот. За мене успех е да сум здрава и да сум господарка на сопственото време и енергија. Да имам избор. Патот до успехот не е секогаш лесен, но е интересен.
Голем дел од успехот што сум го постигнала се должи на тоа што сум љубопитна и храбра, како и тоа што умеам да препознаам дека не секогаш знам најдобро. Затоа и често работам во партнерства, бидејќи верувам дека заедно сме посилни. Колективната интелигенција е секогаш поголема од индивидуалната.
Во курсот студентите имаат можност да ги научат принципите за успех според НЛП, како и некои од верувањата според кои живеам и ми помагаат. Многу пати на патот сум имала внатрешни сомнежи и надворешни предизвици. Моменти кога ми доаѓало преку глава, кога сум била разочарана од светот, од самата себе, па сум сакала да се откажам со сомнеж дека не сум доволно добра. Верувам дека сите ние поминуваме низ такви периоди во животот. Во тие моменти важно е да се присетите на вашата визија и да смените перспектива, да го погледнете моментот од перспектива на целиот ваш живот. Па потоа да ја исправите круната на главата и да продолжите да учите, создавате и делувате најдобро што можете и умеете.
Што е една работа која сте ја научиле од Вашето искуство во менторирање и учење други?
Секој клиент, без разлика дали тоа е индивидуален клиент, тим, групна обука или коучинг сесија, ми носи нови знаења. Преку пренесување на моето знаење, и јас секојдневно учам. Секоја личност е како нова книга, сите имаме приказна која си ја раскажуваме себеси и на другите. Ме фасцинираат човечките приказни и секоја буди нешто ново во мене. Секоја различна, како што и секој од нас е различен и уникатен како отисокот на прстот.
Истовремено ние луѓето сме и многу слични, како што сите имаме срце, бели дробови, крвоток, мозок; како и секоја книга што има поглавја, така сите ние имаме внатрешна структура. Секое наше однесување и размислување има структура. Кога ќе освестиме која е таа внатрешна структура, многу лесно можеме да ја преструктурираме нашата внатрешност со цел да го смениме искуството кое го имаме. Преку мојата работа им помагам на другите да ја осознаат својата внатрешна структура и да научат алатки за менување на истата, доколку тие тоа го сакаат, секако.
Што сметате дека е пресудно од аспект на вештини/особини за да се биде денес конкурентен на пазарот на труд?
Несомнено е дека денес на пазарот на трудот, како и на секој пазар, постои голема конкуренција. Затоа потребна е комбинација на техничка експертиза, човечки вештини (попознати како soft skills) и лични карактеристики за да отстапиме од толпата.
Флексибилност и резилиентност се карактеристики кои се многу важни од секој аспект, како би можеле да се адаптираме на брзото темпо со кое се развива општеството. Комуникациски вештини се основна вештина во секоја улога и индустрија, а никој на училиште не нѐ научил како да комуницираме и градиме релации.
Соработка и тимска работа, затоа што како што вели една афричка поговорка која ми е многу драга:
„Ако сакаш да стигнеш бргу, оди сам. Ако сакаш да стигнеш далеку, оди заедно.“
Само-свесност и грижа за другите и околината се основни лидерски карактеристики. Тука спаѓа и емоционалната интелигенција и контрола врз самите себе, или емоционална регулација – бидејќи единствено тука имаме контрола. Сѐ друго е илузија за контрола.
Постојан раст, развој и учење – growth mindset и љубопитност. И за крај, една карактеристика која е од круцијално значење е конгруентост. Конгруентост значи порамнетост, она што ни се случува внатрешно се искажува надворешно. Стоење во сопствената вистина со двете нозе. Да се биде автентичен и свој.
Можете ли да одвоите една НЛП техника која нашите студенти треба да приоритизираат да ја научат?
Од техниките кои се презентирани на курсот Основи на НЛП би рекла дека основата е sensory acuity и калибрирање. Sensory acuity значи користење на сетилата со прецизност. Набљудување, наместо претпоставување. Нашите пет сетила ни се прозорец кон светот надвор од или внатре во нас. Гледам, слушам, чувствувам, мирисам и вкусувам – така живеам.
Калибрирање значи препознавање на промените кои се случуваат моментално кај нас или кај другите, што ни дава информација кога да промениме нешто во нашето однесување за да го постигнеме резултатот кој го сакаме.
Овие две за мене се основни вештини кои секој од нас треба да ги совлада, затоа што ни помагаат во подобрување на комуникацијата со себе и со другите, ни овозможуваат да ја регулираме нашата внатрешна состојба кога ќе приметиме дека нешто не ни се допаѓа и ни дозволуваат да ги тргнеме наочарите преку кои го гледаме светот за да излеземе од внатрешните филтри, за да можеме да видиме една, колку толку, пореална слика.
Патувате, работите на релација Виена – Скопје, колку е различна бизнис заедницата таму и тука?
И различна и не е, сѐ зависи од кој аспект ја гледате, во какви кругови се движите и како ја користите. Велат нашата заедница е нашата вредност – и вистина е така. Важно е со какви луѓе сте опкружени, дали тие ве поддржуваат, инспирираат, мотивираат и учите од нив. Од заедницата зависи колку можности ви се отвараат, каков пристап имате до ресурси, во кој правец ќе се развивате и како ќе растете.
Во Виена сум активна во глобална мрежа на жени професионалки – Professional Women Network (PWN) of Vienna, организација која е дел од PWN Global. Во последните 5 години волонтирам како ментор и координатор на менторската програма, а дополнително и јас работам со ментор на својот прогрес. Од оваа заедница имам многу придобивки – покрај дружењето и вмрежувањето со различни профили на луѓе, голем дел од клиентите и партнерствата ми доаѓаат од овде.
Затоа е многу важно да вложуваме време во градење и негување на нашата заедница, бидејќи професионалците можат да отклучат мноштво придобивки што придонесуваат до долгорочен успех и просперитет.
За крај, што е нешто што ве релаксира? Колку е важно да имаме хоби или релакс техники?
Наоѓам уживање во многу работи, а секако и во работата. Ме релаксира планина, јога, дружење, читање, патувања, аматерско креирање на уметност – од цртање на саксии, до правење обетки и реставрирање на стар мебел (upcycling).
Многу е важно да креираме време за себе. Време во кое ќе си дадеме простор да истражуваме внатрешно или надвор од нас. Да правиме нешто во кое ќе се впуштиме со сите сетила и ќе изгубиме чувство за простор и време.
Само овој уписен рок, овој курс, или вкупно +20 дополнителни курса ќе ги добиеш како дел од Brainster+ пакетот на сите Академии – бесплатно.