Одржливата или етичка мода не е тренд, таа е иднината! Инвестирањето во еко-методи за изработка, употребата на биоразградливи и нетоксични материјали, како и рециклирањето, се клучни во креирање мода што не ја загадува природата. Со иновација и свест дека модните парчиња нема да го сменат светот, туку луѓето кои што ги дизајнираат и тие што ги носат, македонскиот бренд за хулахопки April22 почна нов тренд во производството на дизајнерски додатоци кај нас. Именувани по денот на планетата Земја (22 април), создаваат хулахопки кои не само што се во чекор со актуелната мода, туку и во чекор со движењето за заштита на планетата Земја.
Со јасна визија, дека модата и општествената одговорност не треба меѓусебно да се исклучуваат, Сања Лазаревска, основачката и директорка на April22, вели дека една од целите на компанијата е да создадат и изградат силни врски помеѓу модните и еколошки свесните ентузијасти и компании, кои се подготвени да преземат акција, чекор по чекор, за да започнат модна револуција. Една од тие соработки е со Brainster, чии студенти учестуваа на хакатон и реален проект, со што дадоа освежување на иновациите на April22.
Првите хулахопки од алое вера во светот
April22 ја рефлектира промената што сака да ја види во светот, креирајќи ги првите хулахопки со алое вера во светот! April22 е мал, но динамичен тим посветен на креирање, производство и подигнување на свесноста на купувачите дека на пазарот постојат биоразградливи антимикробни хулахопки кои ја спојуваат модата со непобедливата удобност.
Лазаревска, преземајќи го семејниот бизнис со трикотажа на својот татко, сфатила дека не може да го продолжи без да размислува за последиците од „брзата мода“ на идните генерации и на нашата планета.
„Ова размислување ме поттикна да најдам инспирација и да создадам бренд каде нема потреба да се избере помеѓу одржливост и стил. Знаев дека не можам да застанам додека не најдам начин да ги направам овие работи комплементарни во нашиот производ. Така се роди идејата за April22 и премногу сум горда што работиме со најнова технологија која ни помогна да се создаде уникатен и биоразградлив продукт што не претставува закана за нашата планета. Продукт во којшто можеме да изгледаме убаво додека се чувствуваме удобно“, вели таа.
Развиени со специјална алое вера формула, April22 хулахопките се меки на допир и значително поудобни и издржливи од класичните хулахопки кои ја загадуваат планетата. Овој еко-свесен бренд нуди избор: од класична елеганција до смели и трендовски модели, со стил и боја за секоја прилика. Овие иновативни производи се застапени на нашиот пазар, но имаа извоз и во ЕУ и САД.
Креативни решенија од младите таленти
April22 е една од партнерските компании на Brainster, кога станува збор за работа на реални проекти. Сања открива дека имало неколку фактори што придонеле да се одлучат за соработка со Brainster: портфолиото и претходната соработка со локалните брендови, како и можноста да работат со нови и креативни таленти како потенцијални кандидати за нивниот тим.
„Многу се задоволни од креативните решенија и идеи што ги добивме од младите таленти. Веруваме дека беше интересно и за студентите на Brainster да се сретнат одблизу со предизвиците на брендовите. Во иднина очекуваме дека нашата заедничка соработка ќе продолжи да ни носи многу придобивки. Очекуваме тоа да биде взаемно збогатувачко искуство, каде што ќе можеме и ние да придонесеме со нашите уникатни сили и експертиза за реални проекти и можности за вработување на студентите на Brainster“, нагласува Сања.
Студентите ни дадоа нова перспектива за нашиот бренд
Студентите од Академијата за дигитален маркетинг и Академијата за графички дизајн учествуваа на хакатонот поддржан од April22, а потоа соработката продолжи и на реален проект за идните маркетери.
„Нашиот тим е благодарен за можноста да учествува во овој проект. Резултатите од нашата соработка се доста продуктивни, затоа што благодарение на посветеноста и работата на тимот и студентите, дојдовме до сосема нови сознанија, идеи и предизвици кои треба да ги решиме. Разноврсноста на тимовите и нивната различна динамика продуцираше повеќе резултати отколку што очекувавме. Многу сме задоволни од ажурноста и одговорноста на тимот на Brainster, како и од ентузијазмот и желбата за работа на студентите. Решенијата на студентите ни дадоа сосема нова перспектива за нашиот бренд. Сфативме колку е значајно постојано да вклучуваме нови луѓе, што ќе ни понудат свежи и нови идеи. Особено сме задоволни со нивното истражување на конкурентскиот пазар. Како мал одржлив бренд, April22 се бори да се пробие во светот на „брзата мода“ и да го доближи својот продукт до потрошувачката публика, што често е индиферентна, а доста често и неинформирана кон импактот што ги има за планетата. Имајќи предвид дека нашите ресурси се често ограничени, нивното истражување за пласирање на маркетот на база на практичен и реален проект ни беше доста од помош. Нивните пребарувања ни дадоа идеја и за нови настани на кој би можеле да го промовираме брендот“.
Бараме креативци со иновативни идеи
Сања вели дека реалните проекти се навистина одличен начин да го откријат идеалниот кандидат за вработување.
„Сведочејќи ја работата и резултатите на студентите, можеме да ги воочиме нивните предности и недостатоци и да претпоставиме како би се прилагодиле во нашиот тим. Ваквата можност е уникатна, затоа што самиот бренд и потенцијалниот кандидат учат за меѓусебната динамика, креативност и работни навики пред да се започне со работа. Инаку, за да се стане дел од нашиот тим, потребни ни се индивидуалци кои поседуваат комбинација од ентузијазам, експертиза, како и посветеност кон нашата мисија. Сакаме да соработуваме со луѓе коишто навистина се заинтересирани да помогнат на планетата и ги делат нашите етички вредности во желбата за нејзиното зачувување. Бараме креативци со иновативни идеи што ќе ни помогнат во изнаоѓање решенија за нашиот мал еко-свесен бренд во светот на „брзата мода“, како и креативци кои би сакале, како надворешни соработници, да креираат контент за промоција на брендот во секојдневниот живот. Како е да се слави Денот на планетата Земја (април 22) – секој ден. Отворената комуникација е клучна за нашата соработка. Нашиот идеален член на тимот ги поседува овие квалитети и е посветен на унапредување на нашата мисија за создавање одржлива иднина преку решенија засновани на еко-свесни и одговорни деловни практики“.
Реалните проект – идеални за регрутирање нови вработени
Сања вели дека соработката со Brainster им донела неверојатната вредност и можности.
„Нашата континуирана соработка ја покажува заедничката посветеност за поттикнување на иновациите и растот на малите и средни бизниси во нашата заедница. Можноста младината да работи блиску со нас може да биде голема мотивација за развој на претприемачки дух и мотивација да направат нешто и за себе. Доколку сѐ уште не сте дел од оваа мрежа, ве охрабрувам да ги истражите можностите кои ги нуди соработката со Brainster. Придружувањето отвора врати за реални проекти и можности за вработување кои можат да бидат заемно корисни. Соработката со Brainster овозможува динамичен систем каде што бизнисите можат да напредуваат, а студентите да стекнат практично знаење“, вели Лазаревска.