Како времето поминато пред екраните да биде корисно за децата? Како да се поттикнат нивните читачки навики? Како возрасните да најдат време за книги? Ова се прашањата што основачите на Boksy, првата апликација за деца за читање и слушање книги во Македонија, си ги поставиле пред да ја стартуваат оваа успешна приказна.  Денеска, со над 20.000 понудени наслови, Boksy воведува нов, современ пристап на читање книги на македонски јазик, не само меѓу децата, туку и кај возрасните. Boksy поттикнува дигитална трансформација на читањето книги. Претставува модерен модел на креативен спој помеѓу учењето и забавата, кој веќе успешно е применет на нордискиот пазар. 

Една од осоновачите и извршен директор на Boksy, Ивана Каралиева-Петреска вели дека со добра визија, иницијатива, меѓусебна поддршка и огромна пасија, овој тим ја менува играта на пазарот, и ја поттикнува љубовта кон читањето. Оваа аликација е доказ дека учењето никогаш не престанува, нешто што е и личен двигател во кариерата на Каралиева-Петреска.

Ивана, која има долгогодишно искуство како продукт-менаџер во Шведска го предводи курсот „Креативност, дизајн размислување и иновации“ во новата програма Brainster+. Со своето опсежно интернационално познавање на областа на продуктниот менаџмент, Каралиева споделува знаења со кои студентите ќе можат да си постават јасни цели, кристална визија, како и аплицирање дизајн размислување во секој аспект од нивните проекти. Овој курс овозможува значително зголемување на квалитетот во секојдневната работа, како и достигнување висок степен на задоволство кај клиентите.

Со Ивана разговаравме за курсот на Brainster+, стартапот ReThing и Boksy, за аудиокнигите и за иднината на учењето и читањето. 

 

 

Што опфаќа курсот „Креативност, дизајн размислување и иновации“, кој е во рамките на Brainster+ програмата?  

Ова предавање ја претставува методологијата на дизајн размислување, која е сет од неколку чекори што помагаат да се разберат барањата на клиентот и крајниот корисник. Многу е важно самото валидирање на еден проблем, кој се решава во склоп на проект, продукт, кампања или било кој и да е предизвикот. Затоа, еден од првите чекори на методологијата е посветен на тоа како добро да се дефинира проблемот што тимот треба да го реши.  Работилниците, кои ги учат во рамките на овој курс, може да се применат во било која индустрија и студентите имаат можност да научат вештини кои ги прават релевантни за барањата на компаниите денес. Ова за фирмите ќе значи потенцијален кадар кој што знае методи што продонесуваат во заштедување на време и ресурси во изработка на релевантни продукти по паметно дефинирани барања.

 

Како настана соработката со Brainster, зошто одлучи да ја пренесеш својата експертиза на студентите кои решиле да направат кариерна трансформација? 

Мојата соработка со Brainster започнува уште во првите година-две, кога Brainster беше лансиран на македонскиот пазар. Веднаш по завршување на студиите научив многу од тогашната заедница на Brainster, па така воопшто не размислував дали да прифатам кога ми понудија да го споделам моето искуство и знаење за Design Thinking. Секогаш се учи нешто ново и исто така од секого може да се научи нешто.  Па така, секогаш ми е предизвик ваков ангажман. Доста голем беше предизвикот да се задржи вниманието, за да се раскаже цела лекција без прекинување, гледајќи во камера🙂 Но, со добриот тим на Brainster, што стои зад оваа иницијатива, мислам дека сработивме доста добро.

 

 

За да се биде релевантен и во чекор со новите технологии и развојот на индустријата, неопходно е постојано да се учат нови вештини. Колку овие вештини кои ги предававаш на курсот ќе ги подобрат перформансите на студентите и ќе ги направат повработливи? Како ќе им дадат предност на пазарот на трудот?

Факт е дека учењето никогаш не престанува и доколку некој се чувствува дека знае сѐ, би требало да се отвори малку повеќе кон нови перспективи. Вештините кои се изучуваат во курсот помагаат така што студентите имаат, во најмала рака, основно познавање на одредени процеси кои се стандардизирани и им требаат на сите компании денес. Предноста со познавањето на оваа методологија е што со нејзина употреба се заштедуваат ресурси и време, а притоа се градат релевантни решенија. Од една страна ќе научат како да разберат што е барањето на клиентот, од друга страна, пак, ќе видат што е тоа што му треба на корисникот. Со тие информации после можат да го најдат решението, да го дизајнираат и на крај да го изградат и лансираат.

 

Ко-основачка си на стартапот ReThing и на Boksy – првата апликација за деца за читање и слушање книги во Македонија. Кои се најважните моменти од развојот на овие две приказни?

Бокси (Boksy) е апликација за читање и слушање книги со библиотека од целосен пристап до 20.000 наслови на месечна претплата. Во Македонија има уште неколку апликации пред Boksy, но тие главно содржат наслови кои засебно се купуваат, книга по книга.  ReThing, пак, е компанијата со која опслужуваме клиенти за градење софтверски решенија и дигитализираме компании од идеја до реализација па дури и маркетинг кампањи со лансирање на продукти во и надвор од Македонија.  Најважно во двете приказни (ReТhing и Boksy) е дека пред сѐ ко-основачи сме со Димитар Најденов и заедно сме во двете приказни уште од почеток. Поминавме и верувам дека ќе поминеме уште многу предизвици заедно.

Со добра визија, иницијатива, меѓусебна поддршка и огромна пасија, секогаш успеваме да го отклучиме следното поглавје. Инаку, во Boksy, заедно со нас ко-основач е и Јован Митровски, кој е CTO и лидер на девелопмент тимот.  Најважните моменти во развојот на двете приказни се сведува на тимот кој што овие години работи заедно со нас. Тие се млади професионалци кои што се спремни секогаш за експериментирање со нови идеи, веруваат во продуктите кои заедно ги градиме и секогаш знаат пречките да ги претворат во предизвици. 

 

Со Димитар Најденов се ко-основачи на ReТhing и Boksy.
 

Иако аудиокнигите не се новина во светски рамки, сепак, кај нас првпат направивте посериозен пласман на аудиокниги, пред сѐ за деца? Како настана оваа идеја, колку самата ти си љубителка на аудиокниги?

Аудиокнигите се game changer на овој пазар, па и во регионот. Од друга страна, пласирањето на детските аудиокниги претставува чекор поблиску до нашата мисијата на доближување поголем вокабулар на македонски јазик до најмалите.  Сѐ почесто гледаме дека малите дечиња со своето мозоче, најбрзо на свет, побрзо го учат англискиот отколку македонскиот јазик. Тоа се сведува на достапни содржини кои ги има во изобилие на англиски јазик. Затоа, ние се трудиме да ги собереме сите тие наслови на македонски, да бидат достапни на Boksy.  Јас лично сум голем љубител на аудиокниги и ги слушам на Boksy секојдневно кога возам велосипед.

 

Како ја прифатија децата и родителите оваа иницијатива, дали Boksy стана „задолжителна лектира“ за новите генерации? 

Огромна среќа беше прифаќањето на Boksy од страна на корисниците. Ни требаа неколку месеци анализа за да го потврдиме маркет фит достигнувањето. Бокси претставува уживање со добра книга. Кога веќе ги спомнуваме лектирите, морам да нагласам дека ни недостасуваат уште неколку,  па ги повикувам издавачите на лектири да се вклучат во соработка.  Родителите, а сега и тие како примарни корисници, ја користат апликацијата за читање или слушање на некој од достапните наслови. Имаме повеќе од 500 неделно активни корисници кои читаат барем пет страници или слушаат повеќе од 20 минути на Boksy.

 

 

Имате ли податоци како и дали оваа платформа влијае во поттикнување на читачките навики кај децата? Колку подолго и поквалитетно се задржува нивното внимание со оглед на тоа што е на платформа на која се повеќе навикнати? Кои се бенефитите од Boksy? 

Правиме бројни анализи врз основа на анонимизирани податоци според GDPR стандарди. Дефинитивно може да потврдиме дека корисниците го препознаваат квалитетното време поминато на Boksy во споредба со други социјални мрежи, кое го потврдуваме со кратки анкети.  Она што покажува драстични разлики е тенденцијата на слушање аудиокниги, имено, повеќе се слушаат аудиокнигите во Boksy отколку е-книгите. Ова не значи дека не се читаат е-книгите, туку да бидам попрецизна за 28% повисок е процентот на завршени аудиокниги од е-книги на месечно ниво.

Вкупно во Boksy се поминати повеќе од 3 милиони минути од корисниците, па на таа основа би кажала дека сме спасиле барем пола од овие минути да поминат во неквалитетно време пред екраните.  Бенефитите на Бокси се: пристап до илјадници македонски наслови на телефон и таблет секогаш и секаде, пристап до англиски аудиокниги, стотици нови наслови секој месец, два профили (еден детски, еден возрасен) достапни на месечна претплата од 399 денари, поминато квалитетно време пред екранот и за крај многу награди за тие што собираат поени и сакаат да се натпреваруваат.

 

Со колку издавачи соработувате, како е прифатена оваа платформа во домашната книжевна сцена? 

Работиме вкупно со повеќе од 40 издавачи и денес можеме да кажеме дека платформата е супер прифатена од сите нив, особено во споредба со почетокот. Требаше малку време за да ја стекнеме взаемната доверба. Денес, тоа што можеме да го направиме подобро е да има уште многу нови наслови достапни на Boksy и да се генерираат аудиокниги на македонски јазик за да можеме да ги донесеме до сите корисници на Boksy. 

 

Со тимот на ReТhing и Boksy.
 

Со подемот на AI, дали вештините, апликациите и платформите кои ги користиме наскоро ќе станат ирелевантни? Kакви се твоите предвидувања, како Вештачката интелигенција ќе влијае на аудиокнигите и на учењето?

Гледаме дека AI ги заменува рутинските активности веќе во голем обем и со тоа би требало да дојдеме до огромен скок кон подобрување на продуктивност. Со тоа, вештините на луѓето би требало да се унапредат и со користење на тие алатки да станат сѐ подобри во комплетирање на таскови. Сметам дека младите генерации веќе растат со достапни AI платформи и веќе се вешти во нивно користење, интересното допрва доаѓа и ќе видиме што ќе значи за сите нас.  Апликациите добиваат многу добри персонализирани искуства и така корисниците можат побрзо да дојдат до она што го бараат или им треба наспроти да бидат преплавени од сите страни со нерелевантни предлози. 

Вештачката интелигенција е добредојдена за аудиокнигите во Македонија и регионот. Всушност веќе работиме на потенцијално решение за креирање аудиокниги со најразлични гласови кои потенцијално треба да создадат супер аудиоискуство на одредени наслови на македонски јазик, притоа да не нѐ чини огромен буџет. Не би откривала премногу детали, бидејќи сето ова е во развој и се надевам дека за брзо ќе имаме солидно решение да го претставиме на издавачите во регионот.

 

Како ти е исполнето слободното време, имаш ли хоби, некој посебен интерес и дали останува време ли за учење и надградба?

Сето останато време откако ќе завршам со работа обожавам да го поминувам со мојата фамилија, со сопругот и нашата ќеркичка. Исто така пријателите ми се важен дел од животот и омилени ми се дружбите кога заедно со децата се собираме попладневно. Како што ми се зголемуваат обврските, така учам да станувам подобра во организација за да стигнам сѐ што сакам во денот. Успевам да најдам време за физичка активност во текот на неделата, што ми е една од побитните работи, a навечер се трудам да посветам време на учење на нови работи. 

 

 

Подготви се за твојата кариера од соништата учејќи од експерти со интернационално искуство.

Со Brainster+ отсега на нашите академии ти нудиме плус 20 курса со напредни технички вештини, вештини за вработување и AI вештини, за поголема предност на пазарот на трудот.

📢 Аплицирај сега и искористи ги ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ од овој уписен рок за да го добиеш Brainster+ пакетот за 0 денари!

Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

11 Компании. 110 Студенти. 1000€ Ваучер.