Унапредувањето како термин претставува преместување на вработениот на повисоко хиерархиско ниво, но во Brainster тоа значи и доказ за квалитетот кој го поседува членот на тимот, неговата подготвеност и решителност при носење на одлуки, презентирање на идеи и способност за лидерство. Во Brainster тоа значи и одлична тимска работа бидејќи мозаикот е целосен само кога сите делчиња ќе се спојат според предвидената шема и ќе го дадат комплетниот изглед.
Brainster e место каде што секој вработен креира нова приказна во животот. Креира ново поглавје низ кое цели кон достигнување на највисоката точка во професијата, а на тој пат ја добива максималната поддршка и сите услови за остварување на сите зацртани цели и планови. Низ овие приказни се проткајани многу денови во учење, себенадоградување и континуирано напредување на секој дел од кариерниот раст.

Овие приказни даваат една голема дополнителна вредност на она што од прв ден е цел на Brainster и го донесуваат на површина моментот кој го нуди квалитетот на секој поединец. Многу често истите знаат да бидат и испреплетени. Секој има некаква допирна точка со својот колега. Има убави моменти кои ги издигаат на површина високите вредности, а најголемото задоволство е кога со заеднички сили ќе се трасира патот до успехот и ќе се донесе, нов, дополнителен квалитет.
Таква е и приказната која во последниот месец се раскажува низ канцелариите на Brainster. Во еден ден тројца вработени добија можност да зачекорат на повисоко ниво и да добијат признание за она што го направија досега на професионално ниво, на личен, но и на компаниски план.
Стефан Смиљаноски, Бојан Даниловски и Вилијам Додевски дадоа прекрасен пример за сите коишто се во Brainster, како со голем труд, максимално вложување и огромен придонес за одличните резултати се напредува. Меѓутоа дадоа и голем мотив плус за секого.
А дека ништо не е случајно и дека заедничкиот начин на работа е одлика која не е само карактеристика за Brainster во целина туку и кај секој поединец може да се прочита и во кратките излагања од нивните приказни преку кои покажуваат што е она што ги поврзува еден со друг.

Стефан Смиљаноски: Со Бојан сме уиграни одамна, Вил ми беше студент
Стефан Смиљаноски направи исчекор во кариерата и сега е СЕО на Brainster Albania. Тоа е неговиот нов предизвик во кариерата, откако досега одлично ја вршеше својата работна задача како СМО во Brainster Macedonia. На оваа позиција него го наследува Бојан Даниловски, кој доаѓа на ова место од претходниот повик како Performance Marketer во Brainster Macedonia. На позицијата Performance Marketer, отсега ќе биде Вилијам Додевски.
„Со Бојан сме добри и уиграни колеги уште од претходно кога заедно работевме во маркетинг агенција, па тој имаше доволно доверба да ни се приклучи за заедно да се сносиме и со предизвиците кои ги носи работата во маркетинг тимот на Brainster. Со Вилијам, пак, патиштата ни се споија пред неколку години кога тој како студент на нашата Академија за дигитален маркетинг брзо се истакна со својот потенцијал, работна етика и непресушна желба за знаење која што беше тотално несвојствена во споредба со повеќето од неговите врсници“, вели новиот CEO на Brainster Albania, Стефан Смиљаноски.

Бојан Даниловски: Стеф ме предизвика да направам кариерна промена
На ова се надоврзува, новиот СМО на Brainster Macedonia, Бојан Даниловски, кој ги истакнува своите моменти од приказната.
„Со Стефан веќе се познаваме и заедно работиме професионално повеќе од 5 години. Стефан беше тој кој ме предизвика да направам кариерна промена во вистинско време. Со Вилијам, пак, од моето доаѓање во Brainster заедно ги решававме сите предизвици во маркетинг тимот и неговата желба да учи и да се надградува само ми ја олеснува транзицијата, која за само 2 години ја презема од мене“, коментира Даниловски.

Вилијам Додевски: Со Бојан „кликнавме“ на прва, развивме „братски“ однос
Најмладиот во овој тим е Вилијам Додевски, кој продолжува на позицијата Performance Marketer во Brainster Macedonia.
„Со Бојан се запознавме по неговото доаѓање во Бреинстер. За многу краток период ‘кликнавме’ еден со друг и развивме ‘братски’ однос, кој ни е од круцијална важност за да можеме ефективно и континуирано да го подобруваме маркетинг тимот на Бреинстер. Со Стефан првиот контакт го воспоставивме на Академијата за дигитален маркетинг, каде тој беше во улога на мој ментор. Тој ме научи на многу вредности кои секојдневно ми помагаат да си ги остварам професионалните, но и личните цели, како и да имам подобар импакт на студентите на Академијата за дигитален маркетинг. Горд сум на резултатите кои ги постигнавме досега и меѓусебниот однос кој го имаме“, вели новиот Performance Marketer во Brainster Macedonia, Вилијам Додевски.
Задоволството од овие унапредувања е големо и во комплетниот тим на Brainster, што го потврдуваат и од секторот за човечки ресурси, каде имаа олеснета задача при оваа ситуација.

Brainster е компанија која инвестира во сопствениот кадар
Во секторот за човечки ресурси во Brainster имаа слатки маки бидејќи им припадна полесниот дел со оглед на тоа што за трите позиции имаа веќе вработени колеги на кои требаше само да им направат преформулација во описот на работното место.
„За да го разбереме значењето на овие три унапредувања, треба да ги видиме во контекстот на целата компанија и нејзината визија. Компанијата е посветена на иновација, квалитет и задоволство на клиентите. Затоа, секогаш ги поддржува вработените кои покажуваат иницијатива, креативност и одговорност. Овие три унапредувања се доказ дека компанијата ги цени и признава достигнувањата на своите вработени, а исто така им овозможува да продолжат со својот развој и да допринесат уште повеќе. Ова не само што влијае позитивно на мотивацијата и лојалноста на вработените, туку и на репутацијата и конкурентноста на компанијата“, велат од секторот за човечки ресурси.
Се потенцира моментот дека подолгото работење во компанијата нуди можност за подобро запознавање со комплетната идеја и визија која е поставена уште од првиот ден односно од денот кога пред осум години Brainster го запиша првиот студент.
„Кога имаме вработени кои се веќе неколку години дел од компанијата, тоа значи дека тие се запознаени со визијата, култура и целите на компанијата. Имаат искуство, знаење и вештини кои можат да ги споделат со другите членови на тимот. Тие имаат и доверба и почит од своите колеги, па можат да бидат лидери, ментори и да ги инспирираат другите. Ова покажува дека компанијата има здрав и стабилен кадар, кој е способен да се прилагодува на промените и предизвиците на пазарот. Овие три унапредувања покажуваат дека компанијата инвестира во своите луѓе и гради квалитетни тимови. Ова е клучен фактор за успехот и растот на компанијата во иднина“, велат од секторот за човечки ресурси.
Конструктивните дискусии во решавањето на проблемите со цел да се покаже чија идеја е подобра, константниот натпревар за да се промовира што е можно подобра идеја се само дел од квалитетите кои можат да се видат кај вработените во Brainster. Меѓусебното почитување и грижа секој проект да биде сработен до перфекција се дел од карактеристиките кои ќе се пронајдат меѓу тимскиот дух на членовите на Brainster.
Овој дух се префрла и во грижата за студентите кои во моментов се дел од Академиите на Brainster, но и на Brainster Next College.
Во тек се нови уписи за сите академии и за двете програми на колеџот. Ова е и твоја шанса да станеш дел од Brainster заедницата и самиот да почувствуваш што значи да се биде дел од една убава атмосфера во која тимскиот дух е секогаш на прво место, но и квалитетот на секој поединец.
