Минатиот месец започна „Најголемиот Хакатон досега организиран од Brainster“ на Академијата за графички дизајн, каде што студентите беа задолжени да го направат целиот бренд идентитет, името и логото на проектот, па потоа продолжи на Академијата за UX/UI дизајн и задачата на студентите беше да се погрижат за функционалноста на продуктот, изгледот на веб апликацијата и сите wireframes.

Откако заврши оваа Cross-Academy соработка, со цел да се подобри искуството на студентите, овој Хакатон продолжи на Академијата за програмирање, каде студентите имаа задача да се погрижат за дополнителниот развој на продуктот и неговото усовршување. Односно, веб решение на идејата која започна пред два Хакатони.  

Проектот на којшто се работеше е платформата “White Noise Player – Shum”. Ова е платформа каде што секој ќе има можност бесплатно да се вклучи и да си пушти одредена мелодија додека работи.


48 часовниот Хакатон на Академијата за програмирање започна во петок со брифинг од страна на UX/UI тимот и Brainster тимот. За прв пат се појавија учесници во мешани тимови од front-end и full-stack групите, со цел студентите да искусат реална работна средина и тимска работа. Во оваа сесија, на студентите им беа споделени сите потребни информации, а подготовките започнаа истиот ден со високо ниво на возбуда и интерес. Па, така тие работеа на поставувањето на проектот, имаа тимски консултации и си ги распределија одговорностите. Атмосферата беше одлична наредниот ден и помина ултра-брзо и продуктивно. Од раните утрински часови, па сѐ до доцна навечер, секој од тимовите посветено работеше на нивното решение.


Во овој процес тие добија поддршка од нивните ментори кои што одржаа по една менторска сесија, како за front-end, така и за back-end делот. Истата активност им беше агенда и за во неделата, но тогаш повеќе со цел да проверат дали се при крај со работата и дали ја осигурале целосната функционалност на продуктот.

Менторите кои им беа на располагање на секој од тимовите за прашање, совет, критика и им помогнаа да дојдат до финалното решение. Како back-end ментори на студентите им беа Ивица Пешовски и Анастасија Давиткова. Додека, Бојан Стојковски и Огнен Бендевски се појавија во улога на front-end ментори.


Рокот на испраќање на тимските решенија беше до недела, по 48 часовната работа, за веднаш потоа да следуваат и финалните презентации пред комисијата која беше составена од менторите и тимот на Brainster. Сите тимови понудија одлични решенија, па одлуката да се избере победнички тим беше навистина тешка. Иако тим 2 и тим 4 беа многу блиску со нивното финално решение, сепак победата отиде во рацете на тим 2.

Со тоа заврши и Хакатонот на Академијата за програмирање. Викендот помина во одлична атмосфера и беше ултра-вредно искуство за секој од студентите – веќе junior девелопери. Нивното веб решение ги збогати нивните портфолија со уште еден квалитет проект во нив. Повеќе за тоа како си поминаа на Хакатонот, прочитајте во продолжение.


Студентите од Академијата за програмирање за нивното искуство на Хакатонот ни го споделија следново:

 

Михајло Пројковски: Хакатонот беше ново и одлично искуство. Започна со брифинг од страна на менторите и дизајн тимот, а потоа на ниво на тим имавме brainstorming сесии за целиот процес. Работевме напорно цел викенд, а постојано бевме и во комуникација со fron-tend тимот и работевме согласно нивните насоки, во поглед на праќање поконцизни информации, за тие да можат да ги искористат на најдобар начин – како што и се покажа на крајот.

Во текот на целиот викенд, менторите ни беа на располагање во било кој дел од денот, и тоа е навистина за пофалба, бидејќи на наше барање, имавме менторска сесија во 21 часот – Анастасија, како и секогаш, спремна да сподели од своето искуство и знаење! За мене, најголем мотив ми беше што имав шанса да работам на проект којшто подоцна ќе оди во продукција и ќе биде достапен за сите.

 

Јане Крстевски: Учеството на Хакатонот беше најинспиративниот дел од Академијата, воедно и најкреативниот – за мене, како иден програмер. Работењето на еден ваков проект ми овозможи да се соочам со реални предизвици, да искусам како е да се работи во тим со програмери од две сфери и со заеднички сили да го создадеме најдоброто решение за краток период. Учеството на Хакатонот ме поттикна за понатамошна работа и верба во себе како програмер.  Одлуката што ја донесов пред една година да се запишам во “Brainster”, дефинитивно е најдоброто нешто што сум го направил за себе и мојата иднина во последниве неколку години.

Мојот совет е:  Шансата да се учествува во било каква тимска задача – не смее да се пропушти, и најважното е да се биде другар пред сѐ. Поддршката која си ја даваме за време на целата работа ни овозможува да се стекнеме со доверба, мотивација и истрајност. Бидејќи сме група, работиме како едно и успехот е заеднички. Затоа би кажал дека секоја пречка со која сме се соочиле или секој предизвик, нѐ  научила на нешто кое во иднина ќе го применуваме, а со тоа сме добиле и научиле многу.

 

Стефан Атанасовски: Во тимското работење голема улога игра самодовербата, кај секој член поединечно, бидејќи како резултат на тоа се подобрува самата комуникација во тимот и се развиваат нови идеи, што овозможува поставените цели и задачи да бидат завршени побрзо и поефективно. Благодарение на нашата добра координираност и тимска соработка, беа надминати сите меѓусебни разлики и проектот беше завршен навремено без никакви потешкотии. Покрај добрата соработка на учесниците во тимот, голем придонес во успешноста на нашиот проект имаа и менторите кои несебично се вложија и ни помогнаа околу целиот проект.

 

Игор Стојановски: Настанот беше одличен, а исто така и искуството. За првпат работевме на вистински проект и успеав да почувствувам како е цел тим  програмери и дизајнери, од различен сектор, да се спои и да извади добар производ.


За крај, поразговаравме и со менторите за искуството со кое се стекнуваат студентите додека работат реален проект за реален клиент на Хакатон

 

Анастасија Давиткова: 48 часа напорна работа, вложување на целокупното знаење стекнато од Академијата, дружење и работа на комуникација во тим. Сè со цел да се покаже умешноста и да ја понесат титулата „победници на хакатонот“. Заслужено стигнаа до целта. Тимот кој уште еднаш докажа колку битен фактор е самодовербата, на почетокот на првата менторска сесија ми поставија прашање: „Ние сме најдобриот тим, нели?“.

Овој тип на учење придонесува за поголема свесност кога станува збор за тимската работа ако ја земеме предвид фокусираноста и нивото на професионалност од страна на студентите, нивната ангажираност да го изработат проектот во дадениот временски период и притоа да понудат едно реално и функционално решение.

 

Огнен Бендевски: Стефан и Игор покажаа високо познавање на JavaScript и React. Имаат високо познавање на поставување структура на проект, користење на нови практики (hooks, context) и одлично се снајдоа во работата во тим. Кога наидоа на потешкотии, имаа концизни прашања. Веќе се спремни да влезат во индустријата како front-end developers.

 

Доколку сакаш да си дел од Coding заедницата и заедно со нас да градиш нови успешни приказни во 2021, дознај повеќе за Академијата тука.

На оваа Академија учиме преку работа на реални проекти за реални клиенти под менторство на докажани и искусни инструктори.

Закажи средба со нашиот student success manager за повеќе насоки и детали за програмата!