За комплетирање на програмата за Full-Stack програмирање, студентите од Академијата имаа задача да изработат функционална веб страна за клиентот Velnes.mk.
Иако сите студенти вешто ги применија стекнатите знаења и вештини во изработката на овој завршен проект, решението на Андреј Јакимовски се истакна како победничко.
Затоа, го прашавме Андреј за впечатоците и искуствата од овој проект, од каде ја црпел инспирацијата и како ја помина Академијата:
Здраво Андреј! Претстави се, раскажи ни нешто повеќе за себе!
Здраво, јас сум млад и амбициозен ентузијаст во ИТ светот. Само што ја завршив Академијата за Full-stack програмирање на Бреинстер.
12 месеци, многу учење и напорна работа ги заокружи со успешно креирање на реален проект за реален клиент – Velnes.mk. Честитки за твојата истрајност. Како се чувствуваш сега со сите нови вештини и знаења стекнати изминативе месеци?
Иако сеуште има многу за учење во ИТ светот, сепак, во споредба со тоа кога ја почнав академијата кога немав воопшто знаење во таа област, до сега е многу голема разликата. Се потрудив да научам што можам повеќе од пакетот што го нудеше академијата, а тоа е целосно развивање на една апликација од кодирањето на самиот дизајн, до дата базите.
Со цел да ја комплетираш програмата на Академијата за Full stack програмирање, имаше задача да работиш на еден завршен проект. Раскажи ни повеќе за проектот, на што точно се однесуваше?
Проектот Velnes.mk е една интересна апликација која што служи како сервис на бизнисите и на клиентите за лесно и ефикасно закажување и менаџирање на термини за одредени услуги, која што има за цел да го замени традиционалниот начин на закажување преку телефонски број.
Кои беа барањата на клиентот и целите што требаше да се исполнат?
Ни беше даден UX дизајн од страна на клиентот кој ние требаше да го искодираме и да ги направиме сите функционалности кои беа зададени во спецификациите.
Од каде ја црпеше инспирацијата и со кои алатки и техники се служеше за да стигнеш до финалното решение?
Инспирацијата ја имав од мојата пасија кон програмирањето. Никогаш не ми е досадно да кодирам. Но сепак сметам дека поважна е дисциплината од мотивацијата. За успешно завршување на прокетот користив HTML и SASS за дизајнот, Javascript за да ги направам функционалностите на front-end делот, Laravel за back-end делот, односно сите потребни автентикации и функционалности поврзани со базата, и датабазата со SQL.
Какво е чувството твоето решение да биде избрано како победничко за еден ваков клиент?
Навистина прекрасно чувство. Изборот за моето решение како победничко ми е показател дека навистина имам нешто научено за оваа година што ја посветив на академијата и дека трудот ќе се исплати.
Што би ни споделил за искуството како студент од Академијата за Full stack програмирање?
Како студент што успешно ја комплетирал академијата можам да кажам дека е едно прекрасно искуство. Ниту во еден момент не помислив да се откажам или да не го сработам тоа што ми беше дадено. Секогаш имавме нови предизвици и нови лекции кои што требаше да ги совладаме. Највеќе ми се допадна брзото темпо на академијата, бидејќи за кратко време може да се научи многу.
И за крај, најважната лекција што ја научи на предавањата?
Секогаш може подобро 😀!