„Големо е задоволството кога ќе видите дека студент со нула знаење за Front-end програмирање сте успеале да го доведете до првиот „АХА“ момент, до вработување и промена на кариерата. Тоа е навистина вредно чувство“.  Со овие зборови еден од омилените инструктори на Академијата за Front-end програмирање на Brainster, Огнен Бендевски, го објаснува главниот код – зошто овој ангажман толку многу го исполнува.

Огнен, кој е родум од Битола, има дипломирано Компјутерски науки во Скопје, а осум и пол години работи како софтверски инженер и консултант во Германија. Тој има богато искуство со работа во интернационални компании, а моментално е фронтенд/ мобилен софтвер-инженер и консултант во Хамбург. На новата Brainster+ програма го предава курсот React Native за развивање мобилни апликации со ReactJS за iOS и Андроид, зашто светот се ориентира кон mobile, а ние треба да го следиме. 

Светот на Front-end програмирањето се менува брзо, а тој и неговите колеги од оваа академија се трудат секогаш да останат во чекор, и да им ги пренесат на студентите најактуелните и најрелевантни знаења, кои го бара индустријата во моментов. 

Зошто Front-end програмирањето е една од најинтересните и најбараните професии, што се учи на академијата, како да се остане релевантен и во тек со новите технолошки откритија и како подемот на AI (ќе) ја промени играта, поразговаравме со Бендевски.

 

 

Тој ни ја раскажа својата Brainster приказна, од првиот контакт, до најновиот ангажман – снимање на курсот за Brainster+, и ни откри детали за модулите што ги предава.

„Мојата приказна во Brainster започна кон крајот на 2020 година, кога од оваа организација ми пристапија на LinkedIn и ми понудија да предавам на Академијата за Front-end програмирање. Дотогаш немав никакво искуство со предавање на студенти и малку знаев за Brainster како академија, меѓутоа кога ја добив понудата, веднаш во мене се роди мислата „зошто да не“ и навистина сакав да се пробам на тоа поле. На почетокот имав два пробни часа со студенти, со многу трема и многу сомнеж дали ќе успеам добро да го пренесам знаењето, но тоа помина супер и станав предавач. Во Brainster сум веќе три години и не планирам да напуштам за брзо. Ангажманот навистина ме исполнува. Не знаев дека толку сакам да предавам, сè додека не почнав тука. Големо е задоволството кога ќе видите дека студент со нула знаење за Front-end програмирање сте успеале да го доведете до првиот „АХА“ момент, до вработување и промена на кариерата. Тоа е навистина вредно чувство“, вели Огнен.

 

На Академија за Front-end програмирање ги предаваш модулите JavaScript & React. Што учат студентите на овие предавања?

Ќе го искористам примерот што секогаш им го давам на студентите. Кога би направиле паралела со градење куќа и Front-end развивање:

  • HTML би биле темелите, основата, покривот, ѕидовите.
  • CSS би бил внатрешниот дизајн: убави бои, функционален распоред.
  • JavaScript би бил функционалниот дел на домот: што се случува кога ќе притиснете на прекинувачот (се извршува акција за вклучување/исклучување) за светилките, што се случува кога ќе ја повлечете рачката на вратата (се отвора/затвора вратата) итн. JavaScript е делот што ѝ дава живот на една апликација – тоа е мозокот на апликацијата. Без JavaScript би имале една статична куќа, нефункционална, во која не би се отворале прозорците и вратите, светилките не би светеле итн. 
  • React е само поинаков, понов и побрз начин на градење (на функционалноста) на таа куќа. 

Кои се најважните совети, насоки што им ги даваш на студентите на почетокот на Академијата, и кои се очекувањата до крај на предавањата?

Почетокот на предавањата е речиси секогаш ист – кратка најава за тоа што ќе го учеме на часот. Доколку е неделно утро – малку ќе се пожалиме поради ненаспаност и ќе сработиме задача за „расонување“. Од друга страна, предавањата ги завршувам така што ги прашувам студентите дали им е сè јасно и им го поставувам прашањето што мене ми е многу важно: „Дали ви беше интересен овој материјал?“ Мое мислење е дека ако го направите материјалот да им е интересен на студентите, нема да го гледаат како нешто страшно и несовладливо. Штом им е интересно, ќе имаат елан да седнат и уште неколку пати да го разгледаат и да го повторат наученото, а со тоа доаѓаат и резултатите.

Совет што им го давам најчесто е: „Нема откажување“ или на битолски: „се фативме на орото, ќе го доиграме“. Во академијата секогаш има лесни и тешки делови. Најбитно е да нема откажување кога ќе дојдат тешките делови. Да беше лесно – сите би го правеле тоа. А ако го прават сите – нема да биде толку посакувана оваа работна позиција. 

 

 

Колкав е интересот за Front-end програмирање, дали со завршување на академијата студентите се подготвени да почнат кариера како Front-end програмери?

Можеби сум пристрасен, но Front-end програмирањето е една од најинтересните и најбараните професии во моментов. Соодветно на тоа и интересот за таа академија на Brainster е огромен – мислам дека сме една од најголемите и најпосетувани академии. Според мене, материјалот е навистина сериозен и направен е за да ги подготви студентите за каков било проект. Често го надградуваме, гледаме кои се најновите движења во индустријата, меѓутоа, нормално, внимаваме да не се залетуваме со „сè што сјае“. Баш во последното такво ажурирање се ослободивме од некои предавања кои сметавме дека веќе не се толку битни како што беа пред неколку години, а додадовме нови кои сметаме дека се поважни. Светот на „фронтендот“ се менува брзо, а ние внимаваме да останеме во тек со него.

Ти си дел од предавачите кои подготвија курсеви за новата иновативна програма на Brainster, Brainster+. Курсот е дел од пакетот со напредните технички вештини, кои ќе бидат дополнети дел од академиите.  За кој курс станува збор, што ќе научат студентите?  

Ми беше чест и задоволство да бидам еден од првите ментори кои учествуваа во креирање курсеви за Brainster+. Го предавам курсот Вовед во React Native. Всушност, React Native е рамка за пишување на мобилни апликации преку пишување React код. Се одлучив за овој курс, бидејќи тоа е мојата професија веќе неколку години и сметам дека носи многу бенефити за студентите. За овој курс е потребно познавање од JavaScript и React, така што е најпогоден за двете програмерски академии: Front-end и Full-stack. Во курсот се запознаваме со React Native и неговите градбени единици преку градење на една мала апликација. Студентите ќе се здобијат со доволно знаење за започнување со пишување на мобилни апликации и се надевам – со желба за надоградување во оваа многу барана рамка.

 

Колку оваа професија прогресира изминатите години и каква е побарувачка на пазарот на трудот за Front-end програмери?

Front-end е еден од најдинамичните пазари. Секојдневно излегуваат нови библиотеки и рамки за градење веб-апликации. На крајот сè се сведува на истото: познавање JavaScript. Затоа секогаш инсистирам студентите да обратат најмногу внимание на тој модул. JavaScript е јазик. Ако го знаеме јазикот, многу лесно може да се снајдеме во која било рамка – react, vue или angular. 

Пазарот, како и сè друго во светот, не е имун на случувањата од изминатите години: кризата со корона-вирусот, воени кризи, инфлација… На почетокот на кризата со корона-вирусот, имаше период кога каматните стапки беа многу ниски, што значи дека компаниите можеа да подигнат многу „евтини“ кредити и да инвестираат во нова работна сила. Со крајот на короната, дојде и крајот на тоа. Имаше многу отпуштања од работа, што силно влијаеше и на Front-end пазарот.

Во ретроспектива, повеќе програмери се вработија, отколку што изгубија работа. Во моментов пазарот е стабилизиран, нема претерано вработување како во 2020-2021 година, меѓутоа секогаш има место за добри програмери и специјалисти кои ја сакаат својата работа. На моите студенти секогаш им давам совет да не се разочаруваат кога ќе бидат одбиени за некоја позиција. Од неколку десетици апликации, доволно е една да е успешна за да влезат во светот на Front-end програмирањето и да се надградуваат и да растат како програмери.

 

Како подемот на AI влијае на Front-end програмирањето како гранка во ИТ светот? Дали имa основа за страв од губење работни места?

Уф, жешката тема. AI влијае на сè во светот, па така и „фронтенд“ програмирањето не е имуно. Различни луѓе различно ја толкуваат оваа тема, така што можам да го кажам само моето мислење. А тоа е: не е нешто што се случува првпат. Ако погледнеме низ историјата, за време на индустриската револуција, со доаѓањето на првите трактори, многу земјоделци стравуваа за својата работа и егзистенција. Дел можеби и изгубија работа, но тие што научија да го користат тоа „помагало“, неколкукратно ги зголемија своите приноси и родот. Оттогаш, не може да се замисли обработување земјиште без користење на индустриска машина. Моето мислење е исто и за AI.

Одредени позиции ќе бидат повеќе погодени, одредени позиции ќе ги снема, ама ќе се родат и многу нови работни позиции. Колку подобро научиме да работиме со оваа алатка, толку полесен ќе биде преносот во иднината. За фронтенд, AI има навистина добри алатки кои многу помагаат и го олеснуваат секојдневието, независно дали е помош со дополнување на код или помош при разгледување код (code-review) или пишување тестови, AI може неколкукратно да го скрати времето за програмирање. 

 

 

Живеееш и работиш во Германија. Колку време си таму и каде си стациониран во моментов? Каде ја градиш својата кариера?

Во Германија живеам и работам веќе осум години. Дојдов на практикантска работа веднаш по студиите и останав да работам. Прво живеев во Келн, за подоцна да се преселам во Хамбург каде што живеам сè уште. Имам работено за повеќе германски компании, од кои дел се unicorn (компании чија пазарна вредност надминува една милијарда евра) (About You и Grover), а од пред неколку месеци направив промена и станав фриленсер. Моментално работам за компанија од САД, работам со React-native – оттаму и мојата желба да ги запознам студентите со тоа. Константно учам и се надградувам, бидејќи без тоа следува стагнација и потенцијално губење на работната позиција.

 

Неодамна престојуваше во Македонија. Колку често се враќаш, како ја одржуваш конекцијата со својата родна земја и што најмногу ти недостасува?

Често се враќаме во Македонија со мојата сопруга, барем три-четири пати годишно. Среќни сме што имаме директен лет од Хамбург до Скопје, така што за два часа можеме да бидеме дома, со семејствата. Многу нешта ни недостигаат: семејствата, пријателите, храната и сонцето. Хамбург е преубав град и е еден од најзелените градови во Европа, но со своите три сончеви дена годишно (моја статистика) е навистина мрачен и некогаш депресивен. Тоа го „лекуваме“ со доаѓањето во Македонија. Тука имаме и многу пријатели Македонци, така што уште си го одржуваме и македонскиот начин на живот, често се собираме и излегуваме преку викенд на кафе-дружби, на семеен ручек и долги прошетки околу езерото.

 

Како ти е исполнето слободното време, имаш ли хоби, некој посебен интерес и дали останува време за учење и надградба?

Мора да ми останува време за учење и надградба. Би скратил и од спиењето, ако немам време за тоа. Тоа е единствениот начин да се остане успешен во нашата фела. Звучи напорно, меѓутоа тоа е и една од убавините на нашата професија. Нема застој, стагнација. Тоа би ме уништило, искрено. Меѓу работата, Brainster, фитнес-салата и прошетките, немам многу слободно време за нешто друго. Со сопругата сакаме да патуваме, а сепак недоволно ја користиме можноста што ни се нуди – да бидеме дигитални номади. Но, имаме план да поживееме во некои други, потопли и посончеви држави.

 

Направи ја посакуваната кариерна трансформација. Со новата Brainster+ Академија за Front-End програмирањ за 0 денари ти обезбедуваме дополнителни 20 курса кои ќе те издвојат од конкуренцијата во ИТ-индустријата.

Аплицирај и искористи ги ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ од овој уписен рок да го добиеш Brainster+ пакетот за 0 денари.

Коинвестираме во твојата иднина

Аплицирај за твојот ваучер

11 Компании. 110 Студенти. 1000€ Ваучер.