На 3 јуни се одржа Регионалниот саем за женско претприемништво – EXPO Capital Quest, во рамки на EBAN Congress 2025 во Копенхаген, во организација на EBAN – Европската мрежа на бизнис-ангели и UN Women.
Како дел од нашето партнерство со UN Women и нашата континуирана посветеност на поддршката на жените основачки, Brainster обезбеди менторска поддршка и бесплатен пристап до B+ програмите за сите учеснички во рамки на оваа иницијатива.
„За UN Women, соработката со технолошко-едукативен центар како Бреинстер претставува важен чекор во приближувањето на нашата мисија до нови, иновативни партнери кои ја препознаваат својата улога во унапредување на родовата еднаквост. Бреинстер не е само центар за учење – тоа е заедница која создава можности, ги охрабрува жените да се позиционираат како лидерки и иноваторки, и активно придонесува за поинклузивна економија.

Особено ни беше важно да соработуваме за Регионалниот саем за женско претприемништво, затоа што преку таа платформа заеднички можевме да им обезбедиме на жените претприемачки од Северна Македонија пристап до знаење, вмрежување и поголема видливост – клучни елементи за развој и раст на нивните бизниси.“ – Ирена Спирковска Лукровска, проектна аналитичарка во UN Women Северна Македонија
Нашиот ангажман беше насочен кон практична подготовка на претприемачките за нивното претставување пред европски инвеститори, како и унапредување на нивните бизнис и проектни вештини.
Во Копенхаген, 15 жени основачки од Европа и Централна Азија имаа можност да ги презентираат своите бизниси пред водечки инвеститори и бизнис-ангели, да се вмрежат со интернационални експерти и да добијат значителна видливост во глобалниот стартап екосистем. Од нив, две претприемачки од Северна Македонија – основачките на ChiaDia и MamaOrgana – беа избрани да ги презентираат своите стартапи пред инвеститорите.

„Менторските сесии беа исклучително корисни, бидејќи се фокусираа на практични примери и примена на проектен менаџмент во реални деловни ситуации.“
– Надица Ѓорѓиева, соосновачка на ChiaDia
Преку поддршка на Принципите за економско зајакнување на жените (WEPs), оваа иницијатива е дел од нашата поширока мисија: да создадеме простор за раст, еднаквост и иновации преку едукација и менторство.

Задоволство ни е што имавме можност да бидеме дел од овој процес и да придонесеме за успехот на учесничките. Иднината на претприемништвото е инклузивна и инспирирана од жени со визија – и ние ќе продолжиме да бидеме нивен сојузник на тој пат.
Напомена: UN Women не ги препорачува брендовите, производите или услугите на Бреинстер.
