Една од 50+ партнер-компании што ќе учествува на Бреинстер саемот за вработување е агенцијата Тривити. Тривити е агенција за посредување при вработување со развиен напреден софтвер за поврзување на луѓето што бараат работа со компаниите. Напредниот софтвер е развиен врз основа на однапред дефинирани бихевиорални компетенции.
Тимот на професионалци во Тривити, преку длабинска анализа за развивање на индивидуалните потреби, ги поддржува корисниците при процесот на барање работа. Од друга страна пак, како искусни регрутери со знаењето во човечки ресурси, на компаниите се овозможува пристап до квалитен и релевантен кадар. Агенцијата значително го олеснува регрутирањето со следење на пазарните трендови на плати, бенефиции и ангажираност на вработените.
За студентите на Бреинстер и Бреинстер Некст колеџот, претставувањето пред агенцијата Тривити како агенција што нуди маркетинг, регрутирање и менторство, е од големо значење за нивните идни кариери. За Тривити разговаравме со Јанко Смилевски како дел од маркетинг тимот. Преку интервјуто, студентите ќе можат да откријат како најдобро да се претстават пред агенцијата.
Здраво Јанко, ти благодариме за учеството на овој блог! Можеш ли да ни кажеш малку повеќе за твојата улога во компанијата и како изгледа еден типичен работен ден?
Како дел од маркетинг тимот на Тривити, еден типичен работен ден ми почнува со многу кафе и консултации со колегите за тековните проекти и огласи. Потоа, не се знае во која насока ќе отиде денот. Во зависност од работниот ден, со колешката Фросина може да подготвуваме рекрутмент маркетинг стратегија за некој од нашите клиенти. Кога имаме повеќе огласи, спремаме креативи и текстови за објавите на социјални медиуми. Понатаму, подготвуваме извештаи за тековните процеси кои се испраќаат до клиентите, пишуваме блог постови или ПР текстови, креираме месечни планови на активности и комуницираме со потенцијални кандидати кои имаат прашања или нејаснотии. Честопати се фокусираме на анализи за да можеме да бидеме попрецизни во подготовка на идните рекрутмент маркетинг стратегии. Сѐ на сѐ, знае да биде прилично динамично, активно и никогаш досадно 🙂
Што е уникатно за вашата компанија што ја издвојува од другите во индустријата?
Дефинитивно e анализата на бихевиоралните компетениции која ја правиме кај кандидатите за работа, како и длабинската анализа на потребите на компаниите за соодветно да ги поврземе со вистинските луѓе. Компетенциите се во основата и на Тривити софтверот, кој е создаден од самиот почеток со јасна мисија – да ги спои луѓето кои бараат работа со компаниите кои вработуваат.
Иако можеби најмалку познато, но софтверот се работи и се развива во позадина уште од март, 2018 година, а официјално е лансиран во мај, 2020 година. Изминативе 4 години постојано правиме надградби и додаваме функционалности кои носат нови бенефити и вредности како за луѓето, така и за фирмите.
Основната идеја на софтверот е да го олесни процесот на барање работа и вработување, па според тоа Тривити софтверот може да се подели на два дела. Едниот дел е наменет за корисниците, односно за луѓето кои бараат работа, а другиот дел за компаниите коишто вработуваат.
Би го издвоиле и тоа што во процесот на барање и селектирање на кандидати работи тим што е целосно посветен на развој на човечкиот потенцијал и овозможува целосна објективност во селекцијата на квалификувани кандидати.
Местата на сите академи се пополнети! Приклучи се на листата на чекање денес и ПРВ/А дознај доколку се отвори повторно можност за упис на некоја од Brainster+ Академиите.
Честитки! Вашата компанија е една од 50-те компании поканети да учествуваат на Саемот за вработување на Бреинстер. Што ве мотивираше да присуствувате на овој настан?
Ние сме мал тим кој заради обемот на работа ретко успева да се претстави надвор од социјалните медиуми и од тоа што секојдневно го прави. Поканата од Бреинстер за учество на саемот за вработување за нас претставува одлична можност да излеземе од работното секојдневие и да се претставиме пред една помлада публика, да покажеме што сѐ работиме и како може да им помогнеме на луѓето да стигнат до посакуваната работна позиција. Истовремено и да се запознаеме со други компании- учесници со кои можеби потенцијално ќе најдеме заедничка основа за нови соработки и партнерства.
Според вас, какво влијание имаат ваков тип на настани врз ИТ индустријата/екосистемот?
Овие настани се одлична можност за младите да се запознаат со компаниите, да дознаат повеќе за нивната дејност, како и за можностите за вработување или пракса. Истовремено компаниите можат да го слушнат гласот на младите, да дознаат повеќе за нивните размислувања, ставови и свежи идеи.
Можете ли да го опишете идеалниот кандидат кој се надевате дека ќе го сретнете на саемот за вработување?
Искрено, не постои некој универзален „калап“ за идеален кандидат. Во денешно време има толку многу различни работни позиции, со различни спецификации, барања и потреби, така што едноставно е невозможно да кажеме како би изгледал идеалниот кандидат. Но доколку е вреден, посветен, комуникативен, отворен за учење нови работи и за напредување – секој би го посакал.
Каков совет би им дале на студентите кои се заинтересирани да аплицираат за позиции во вашата компанија на саемот за вработување? Некој совет за добар впечаток и самопрезентација?
Совет? Секогаш да бидат искрени, да имаат уредно подготвено CV и да бидат добро запознаени со компанијата каде што аплицираат. Во брзите времиња во кои живееме нема втора шанса за прв впечаток, а искусен регрутер лесно може да познае кога имате „напумпано“ CV и кога не сте искрени во вашето претставување.
Настанот е организиран од Brainster во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје. Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/„Brainster“ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави (САД).