DNA Trails е travel-tech стартап посветен на трансформација на начинот на кој патниците ја истражуваат Македонија. Преку иновативна платформа што ги спојува традицијата и технологијата, DNA Trails им овозможува на домашните и странските туристи да откријат уникатни и автентични искуства – од локални работилници и скриени природни убавини, до персонализирани патувања и рурална гостопримливост.
Во основата на нивната филозофија лежи верувањето дека секое патување треба да биде лично, доживеано и вредно за паметење.
Мисијата на компанијата е да понуди револуционерни, персонализирани туристички доживувања кои ја премостуваат празнината меѓу традицијата и современиот живот.
Визијата на DNA Trails е да прерасне во водечки travel companion на Балканот, со цел да поттикне глобална свесност за скриените бисери на регионот и да инспирира подлабока почит кон неговото културно и природно богатство.

Кои вештини и квалификации сметате дека се клучни за потенцијалните кандидати во денешниот пазар на труд?
Најбараните кандидати денес не се оние со најмногу дипломи, туку оние кои можат да учат брзо, да се прилагодат лесно, и да донесат вредност преку комбинација на вештини, став и страст. Освен дигиталната писменост и техничките вештини кои се основни за било која ролја на пазарот на трудот, кандидатите мора да поседуваат и меки вештини, од кои би ги издвоиле: емоционалната интелигенција, прилагодливост на промени и адаптибилноста, како и напредни комуникациски вештини. Дополнително, потенцијалните кандидати постојано треба да учат и да се навикнуваат на нови алатки кои им се достапни, како и да се во тек со вештачката интелигенција, користејќи ја за оптимизација на сите процеси со кои би биле поефикасни и побрзи наспроти доколку не ја користат.
Како вашата компанија ја користи вештачката интелигенција во своите производи/услуги/процеси?
Ние користиме ВИ скоро во сите процеси – започнувајќи од brainstorming на идеи, до генерирање на планови и менаџирање со ризици. Во дадени моменти користиме ВИ и за напредна анализа на податоци и финансиски калкулации. Исто така доста ја користиме и во креативниот дел на маркетинг за пишување содржини за различни социјални мрежи. Во иднина планираме воведување алгоритам за генерирање на тури (т.н. travel itineraries), кој е во план да прерасне во AI Guide кој ќе ја содржи целата база на податоци која ја поседуваме.
Каков совет би им дале на компаниите кои штотуку почнуваат да ја истражуваат употребата на вештачката интелигенција?
Најпрв совет е да почнат да ја користат веднаш – затоа што ВИ е веќе тука и нема назад. Сепак, друг совет е да не користат сѐ што ќе сретнат онлајн, туку да ги прилагодат алатките според природата на бизнисот, земајќи ја предвид сигурноста, доверливоста на податоците и моќноста на алатката што ја користат. Заклучно со ова, најдобро е да се направи баланс на тоа што може ВИ да го направи за нас да бидеме поефикасни наспроти преголемото користење што може да наштети на нашиот когнитивен резон и свесноста што ја поседуваме како луѓе.

Дали можете во три збора да ја опишете културата во вашата компанија и што најмногу ги мотивира вашите вработени?
T-shaped individuals, доверба, визија.
Дали имате некоја порака за младите таленти и студенти кои се во потрага по работа или се заинтересирани за вештачка интелигенција?
Во овој брз свет, младите таленти не треба, туку се обврзани да се прилагодат брзо на промените и на пазарот на труд, со многу учење, труд и упорност. Веќе не е доволно да се заврши факултет за да се дојде до вработувањето од соништата. Напротив, се повеќе гледаме како младите завршуваат факултет во една насока, а потоа се надоградуваат и работат во сoсема поинаква работа – и се среќни. Најважно е да се надоградуваат со различни вештини, да шират хоризонти, и најважно од сѐ, да се вмрежуваат преку настани, социјални мрежи и like-minded индивидуи.
Каков совет имате да споделите за оние кандидати кои сакаат да ја променат својата кариера?
Како некој што посегнал по тој чекор, кандидатите треба да бидат свесни дека кариерната трансформациија воопшто не е едноставен и наивен процес, но и дека не е за секого. За оние храбрите кои ќе се решат на ваков чекор, им посакувам истрајност и да уживаат во процесот на трансформација затоа што кога конечно ќе си го најдат нивниот шаблон каде што припаѓаат – ќе знаат. Исто така треба да бидат сигурни дека она што ќе го одберат како кариерен пат, е навистина нешто што сакаат да го работат со пасија, а не поради финансиски причини или титулата која би ја поседувале. Им посакуваме среќа и со сигурни чекори – само напред!