Тамара, Давид, Бојан, Вероника, Даниел и Исидора се студентите од Академијата за UX/UI дизајн и Академијата за графички дизајн кои заедно работеа на онлајн хакатон за клиентот Котур кафе и филм.
Студентите од овие две сродни академии работеа заедно да креираат веб-страница за Котур Кафе и Филм, а графичките дизајнери имаа шанса за првпат да се пробаат во улога на UX/UI дизајнери. Тие имаа за задача да го престават кафулето во неговото вистинско издание вклучувајќи ги сите негови понуди за посетителите.
Со оглед на тоа што овој хакатон се одвиваше онлајн, студентите сепак имаа шанса да го посетат кафулето, да се запознаат со неговата естетика и неговата понуда. Тие своите финални решенија ги презентираа во самото кафуле. Повеќе за работата на овој реален проект прочитај во прилог.
Како се чувствува еден студент кој пред себе има задача да изработи цела проектна спецификација?
Пишувањето проектна спецификација е како да се обидеш да создадеш мапа за твојот дизајн. Сакаш да бидеш сигурен дека си ги обележал сите важни точки и дека патеката кон крајното решение е јасна – секоја функција, секој елемент, секоја интеракција јасно дефинирана и визуелизирана. Тоа е како да се обидеш да го зграбиш целиот потенцијал на твојот дизајн и да го ставиш на хартија. Чувството е истовремено возбудливо и малку стресно, бидејќи треба да бидеш сигурен дека си ги покрил сите аспекти и дека твојата визија ќе биде јасно пренесена на програмерите – Тамара Ангелова, Академија за UX/UI дизајн.
Која цел и какви барања имавте за задача да исполните? Дали на почеток ви изгледаа предизвикувачки?
Како цели за овој проект за Котур кафе и филм ни беа зададени препознатливост и уникатен ретро дизајн кој e лесен за совладување. Исто така како функционални барања ги добивме календар, галерија, опција за резервирање простор, мени, страна за најавување и регистрирање, архива за поминати настани, листа на услуги кои ги нуди Котур и страна за нас. На почетокот изгледаа редизвикувачки, но со тимска работа, знаење и почитување на секое мислење во тимот дојдовме до победничко решение – Давид Гоневски, Академија за UX/UI дизајн.
Како поддршката од менторот ви помогна во процесот на изработка на овој проект?
Поддршката од менторот Александар Нофитоски беше незаменлива во текот на овој проект. Неговите познавања во областа на UX/UI дизајн ни помогнаа да надминеме клучни предизвици. Особено корисен беше неговиот совет за визуелниот идентитет на платформата. Благодарение на неговите насоки, успеавме да создадеме едноставно и интуитивно решение кое совршено го претставува идентитетот на Котур -Бојан Чолакоски, Академија за UX/UI дизајн.
Биди чекор пред останатите и учи преку работа на реални проекти! Учи на Академија додека студираш – аплицирај за стипендија до 1000 евра на Академијата за графички дизајн и Академијата за UX/UI дизајн
Кој дел ви беше најпредизвикувачки, вистински head scratcher, и што направи за да го надминеш?
Најголем предизвик за нас беше да создадеме дизајн кој успешно ќе ги спои сите услуги што ги нуди Котур Кафе и Филм.Истовремено, сакавме да ја доловиме и специфичната енергија и карактер на Котур. Со оглед на тоа дека имавме само 48 часа за да го завршиме целиот дизајн, времето беше уште еден значителен фактор. Краткиот рок ни диктираше да бидеме многу фокусирани и да донесуваме брзи одлуки. За да го надминеме овој предизвик, организиравме неколку интензивни brainstorming сесии каде што разменувавме идеи и истражувавме различни визуелни концепти. Исто така, користевме алатки за брзо прототипирање за да можеме да тестираме различни дизајн решенија и да добиеме повратни информации од останатите членови на тимот. На крајот, успеавме да создадеме дизајн кој го одразува уникатниот карактер на Котур и кој ефективно ги комуницира сите услуги што ги нудат – од цел тим!
Како е да се работи во тим?
Работењето на проектот за Котур кафе и филм во тим од пет дизајнери беше супер искуство. Одличната комуникација и меѓусебната поддршка ни овозможија да создадеме победнички дизајн. Секој од нас внесе уникатни идеи и перспективи, што го збогати крајниот резултат и со комбинација на нашите различни стилови, создадеме кохезивен дизајн кој го одразува брендот на Котур кафе и филм. Преку оваа соработка, научивме многу за важноста на тимската работа и за тоа како се работи ефикасно со други креативци – сподели тимот.
За крај, која вештина би ја издвоиле како нешто ново со кое што се стекнавте?
Хакатонот ми помогна да го продлабочам разбирањето на UX дизајнот и како да создадам искуства што ги балансираат естетиката и практичноста. Ова искуство не само што ми овозможи да работам на решенија кои се лесни за користење, туку и да развијам способност за брзо решавање на проблеми во динамична средина. Паралелно, учеството во ваков проект ми помогна да ја подобрам комуникацијата со клиентите, учејќи како ефективно да ги слушам нивните потреби и да ги вклучам во процесот на дизајн, што резултира со поуспешни решенија – Вероника Цветкоска, Академија за графички дизајн.