Идеа Лаб е агенција за ПР и маркетинг чија суштина е втемелена во креативноста. Основана од ентузијасти што не можат да премолчат добар слоган, Идеа Лаб не верува во шаблонски пристапи, туку во персонализирани кампањи што се издвојуваат со автентична идеја и јасна стратегија.
Нивната мисија е да ги редефинираат правилата на комуникација, а нивната цел – клиентите да не бидат само задоволни, туку да станат долгорочни партнери кои се потпираат на нивната креативност.
Како дел од Brainster Job Fair 2.0 и AI Conference, Идеа Лаб се претстави како пример за современа маркетинг агенција што успешно ги комбинира иновацијата, стратегијата и човечкиот пристап во сè што создава.

Кои вештини и квалификации сметате дека се клучни за потенцијалните кандидати во денешниот пазар на труд?
Во денешниот пазар на труд, каде што една идеја може да стане вирален тренд или тотален фијаско за помалку од 24 часа — вештините се новата валута. А вака ги рангираме ние:
– Критичко размислување
Не ни треба некој што само знае да „удри текстче“. Ни треба човек што ќе се запраша: „Зошто овој пост има само 3 лајка, а сестра ми е една од нив?“
Да анализира, да чита помеѓу редови и да сфати дека бојата на копчето понекогаш продава повеќе од целиот copy.

– Флексибилност (и отпорност на криза во 16:59)
Наутро сме минималисти во mood board за fintech клиенти, попладне веќе сме во режим: „Натпиши ми 5 слогани за јогурт со пробиотик за деца што не сакаат да јадат ништо зелено.“
Флексибилност значи да можеш да скокнеш од brand strategy во Insta reel без да ти се појави error во очите.
– Емпатија
Најдобрите кампањи не почнуваат од бриф, туку од разбирање. Кој е клиентот? Кој е крајниот корисник? Што го мачи? Што го радува?
Без емпатија ќе направиш реклама – со емпатија ќе направиш влијание. И лајкови. И споделувања. И… прегратки од среќни клиенти.
– Смисла за хумор
Немаш поим колку често ќе ти треба ова. Кога дизајнот ќе се „расипе“ сам од себе. Кога клиентот ќе праша дали можеме „само бојата да ја смениме во црно, ама да изгледа повесело“. Кога ќе напише „инфлуенцер“ со „ц“.
Ако знаеш да се насмееш и да продолжиш — победник си. (И ти расте имунитетот, и на душата и на deadline-от.)

На кратко:
Бараме луѓе што знаат да мислат, да чувствуваат, да учат и — да се смеат додека спасуваат кампања со последен пост пред полноќ.
Ако тоа си ти — coffee’s on us.
Како вашата компанија ја користи вештачката интелигенција во своите производи/услуги/процеси?
AI е како новиот стажант во Идеа Лаб – секогаш тука, не спие, не се жали и го знае целиот интернет.
Го користиме:
– За анализа на податоци и однесување на корисници
– За истражување на трендови и предлози за content
Но најважно: AI е алатка, не заменик.
Креативноста и понатаму е нашиот најсилен ас.
Каков совет би им дале на компаниите кои штотуку почнуваат да ја истражуваат употребата на вештачката интелигенција?
Не се плашете од AI – не гризе.
Освен ако не му дадете лош input.Започнете малку по малку:
– Воведете го во процесите каде што губите најмногу време
– Експериментирајте без страв од неуспех
– И најважно: AI е како GPS — помага да стигнеш побрзо, ама ти решаваш каде сакаш да одиш.
Креативност. Тимска лудост. Фудбалче.
Да, имаме работна култура што се храни од идеи, се развива од заеднички хаос (оној креативниот, не Excel-хаосот) и се одржува со фудбалче-дуели што често се посериозни од самите пичови пред клиенти.

Дали можете во три збора да ја опишете културата во вашата компанија и што најмногу ги мотивира вашите вработени?
Што нè мотивира?
Добар бриф и уште подобар, откачен клиент.
Кафе со колеги и муабетот што почнува со „Ај бе, замисли…“ и завршува со кампања.
Чувството дека и кога е хаос – не си сам. (И дека некој ќе ти донесе бурек ако си закопан во deadline.)
На крајот на денот, не нè мотивира само успехот — туку тоа што го славиме заедно.
Со high-five во канцеларија, со смешки на тераса и со „Ај да се почастиме, заслуживме“.
Бидејќи убаво е кога ќе успееш – ама уште поубаво е кога имаш тим со кој секој успех станува повод за заедничка радост.

Дали имате некоја порака за младите таленти и студенти кои се во потрага по работа или се заинтересирани за вештачка интелигенција?
Најдобрите идеи не се во учебници – туку во вашата глава.
Работете на себе, учете секој ден и не се плашете да прашате. (Ниту да го „прашате“ ChatGPT – знае многу, ама не сè.)AI е тука да ви помогне,
ама вие сте тие што треба да мислат, чувствуваат и креираат.
Каков совет имате да споделите за оние кандидати кои сакаат да ја променат својата кариера?
Ако чувствуваш дека си во погрешна приказна — смени ја.
Не е срамота да започнеш од почеток.
Срамота е да останеш таму каде што не ти „свети“.