Создадовме програмата за кариерно ориентирање на Brainster за релевантна подготовка на студентите за пазарот на трудот. Овој Кариерен модул е наменет за да им помогне на студентите по завршувањето на академиите и успешна транзиција во корпораивниот свет. Затоа поразговаравме со кариерната менторка на модулот, Изабела Шкоф, Euroguidance амбасадорка и GCDF сертифициран кариерен советник. Како кариерна менторка, Изабела игра клучна улога во поддршката на студентите да ги дефинираат своите кариерни цели, да развијат стратегии за успех и да стекнат самодоверба за премин од академскиот во професионалниот свет.
Во ова интервју, Изабела ги споделува нејзините методи за мотивација на студентите, како ги води низ процесот на самоспознавање и дефинирање на цели, како да изработат впечатливо CV и cover letter, како да остават позитивен прв впечаток на интервју за работа, и зошто е важно континуираното учење. Таа, исто така, зборува за фриленсинг како кариера, нагласувајќи ги клучните чекори за успешен почеток.
Прочитајте го интервјуто за практични совети кои ќе ви помогнат да направите значаен чекор напред во вашата кариера.
Како ги мотивираш студентите да размислуваат за својата кариера и да ги дефинираат своите личните цели за работа?
Ги поттикнувам да започнат со процес на самоспознавање, односно да ги дефинираат своите вештини, интереси, кариерната визија, јаки и слаби страни. Потоа ги советувам да го разгледаат пазарот на трудот и можностите кои ги нуди истиот. На крај разговараме за SMART техниката за поставување цели која им овозможува да дефинираат цели кои се specific (специфични), measurable (мерливи), achievable (достижни), relevant (важни), and time-bound (временски ограничени).
Кои се најчестите предизвици што ги забележуваш кај студентите кога пишуваат CV и cover letter, и како ги надминуваат?
Најчестите предизвици се недостаток на јасност за нивните вештини, тешкотии во прилагодувањето на апликацијата за конкретна позиција, и додавање на нерелевантни информации. Во одредени случаи е потребно подобрување на структурата и дизајнот на CV-то. За да ги надминат овие предизвици, ги насочувам студентите да ги идентификуваат клучните вештини и достигнувања, да го структуираат CV за прегледност и да користат опис на работната позиција за персонализација на апликациите врз основа на огласот за работа.
Како најдобро се креирира позитивен прв впечаток на интервју за работа?
За да се остави позитивен прв впечаток на интервју за работа најважна е подготовката. Студентите треба да истражат за компанијата, да се облечат соодветно и да пристигнат на време. За време на интервјуто важно е да покажат самодоверба, контакт со очи и да се добро одморени. Силен впечаток оставаат јасните, концизни и ентузијастични одговори. Покрај тоа, исклучително е важно да се постават релевантни прашања за интервјуерот, односно компанијата.
Можете ли да објасните зашто е важна Hiring сесијата со тимот Партнерства? Како им помага на студентите да обезбедат можности за работа?
Hiring сесијата е клучна бидејќи им помага на студентите да се поврзат со потенцијални работодавци, да ги разберат трендовите во индустријата и да ги увидат очекувањата кои ги имаат комапниите.
Како им помагаш на студентите да ги идентификуваат и користат своите најсилни страни во текот на процесот на аплицирање за работа?
Личната SWOT анализа е одлична алатка која им помага на студентите да ги дефинираат своите силни страни, да откријат кои се нивните предизвици односно слаби страни, но и да го истражат пазарот на трудот и можностите и заканите кои би можеле да се појават. Исто така нагласувам колку е важно да се покажат овие силни страни во нивното CV, мотивациско писмо и интервју користејќи конкретни достигнувања и мерливи резултати.
Дали можете да издвоите еден кариерен совет за 2025 година?
Мојот совет би бил фокус на континуирано учење и развој на меки вештини. Пазарот на трудот се менува од година во година со развојот на технологијата и клучно е студентите да останат во тек со новите трендови. Дополнително е важно да се стави фокус на врежувањето и користењето на платформи како LinkedIn со цел градење на професионална мрежа која би можела да им отвори неочекувани можности.
Каков совет најчесто им давате на студентите кои се заинтересирани за фриленсинг како кариера?
За успешна фриленсинг кариера клучно е студентот да има техничка експертиза и силно развиени меки вештини за да може да ги продаде своите услуги. На студентите им советувам да започнат со градење на силно портфолио кое ќе ги содржи нивните најдобри проекти и ќе ги покаже во вистинско светло пред потенцијалните работодавачи. Управувањето со времето и самодисциплината се клучни, заедно со активното рекламирање на нивните услуги преку онлајн платформи и вмрежување.
Кампањата е организирана од Brainster во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Младински образовен форум (МОФ) и Центарот за претприемачи и развој на менаџери (CEED Hub) Скопје. Мислењата изразени на оваа веб страница им припаѓаат на авторите/„Brainster“ и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави (САД).