Ирена Јакимова, дел од тимот на Brainster+ Академиите: „Работата со луѓе, да го достигнат својот максимален потенцијал – е она што ме мотивира и ми ја полни душата.“

М-р Ирена Јакимова се приклучи на тимот од професионалци кои ги креира Brainster+ курсевите за повеќе можности за вработување на нашите студенти. 

Инструктор на два особено важни курсa: Емоционална интелигенција или како да управуваме со своите емоции и Интерперсонални вештини или вештини за односи со луѓето.

Нејзиното богато професионално искуство, особено со ИТ професионалци, покажува дека овие курсеви можат да помогнат во полесно напредување во улогата на лидери и менаџери – добивање и прифаќање на менаџмент позиции, подобро себепрезентирање и презентирање на проекти и полесна соработка.

Исто како и нашите студенти, поминува низ еден вид на транзиција и од клучен човек во една од водечките маркетинг агенции кај нас се впушта кон едно долгорочно патување. Денес им помага на луѓето да го достигнат својот максимум и вели дека тоа е она кое што ја исполнува и мотивира.

Прочитајте во интервјуто повеќе детали за овие два курса, нивната важност, подготовката и програмата.

Како EQ може да помогне секому приватно и професионално?

Емоциите се еден вид енергија и се составен дел од нашите животи. Под нивно влијание се менува нашата состојба и можеме да реагираме на најразлични начини. Можеме да постапуваме добро за себе и за другите, но, можеме и да се однесуваме на начини што не се добри за нас (на пример, да се повлекуваме, да се лутиме, да се плашиме или срамиме) или не се добри за другите (да избувнуваме, да се затвораме во себе, да немаме разбирање за нивните емоции и слично).

И, бидејќи и во приватниот и во професионалниот живот ние сме поврзани со други луѓе, а и секако со себе, многу е важно да умееме да ги препознаваме и управуваме своите емоции. Ова влијае на нашиот успех во кое било поле. Особено ако имаме контакти со луѓе, важно е и препознавањето на нивните емоции и соодветно адаптирање на нашето однесување. Наместо нашите емоции да владејат со нас, ние можеме свесно да управуваме со нив и тие да ни станат сојузници на нашиот животен пат. 

Што вклучува курсот Интерперсонални вештини? Дали не се интерперсонални вештини нешто што по default го знаеме?

Интерперсонални вештини можеме да ги наречеме и вештини за односи со луѓето. Нема професија кадешто не сме на некој начин поврзани со други луѓе и треба да градиме некакви релации, односи… Тука спаѓаат вештините на соработка, адаптација, креативност, решавање проблеми, справување со конфликти, комуникација и активно слушање, емпатија, лидерство…

Тоа се вештини што сѐ повеќе се значајни за новото време, било да се за лидерство или за едноставна соработка во тимови, или пак за односи со клиенти. Ние мислиме дека тоа го знаеме, но, најчесто, тие интеракции и релации ги правиме несвесно, не знаејќи каде и како можеме подобро. На курсот тоа го учиме.   

Brainster+ како проект, што значи за тебе? Зошто реши да се приклучиш на тимот на инструктори?

Многу ја почитувам работата на Бреинстер и сведок сум вашиот развој од почетокот. Вие сте една огромна светла ѕвезда на небото на нашиот пазар и задоволство ми е да дадам придонес на развојот на талентите што се усовршуваат кај вас.

Формата на подготовка на овие курсеви сосема се вклопи во моите ангажмани и распоред, а се надополни на моето искуство со претходно снимен мој курс. Уживав и во креативниот дел на подготовката на материјалите, како и во одличната професионална соработка уште од самата покана да ги снимиме овие курсеви. Ви благодарам. 

Kако развојот на EQ и интерперсоналните вештини позитивно влијаат на развојот на IT професионалците?

Во моето досегашно богато искуство, сум имала примери на работа со групи или со поедници коишто биле IT професионалци. Усвојувањето на овие вештини и менувањето на некои делови од нивното однесување им помогнало во следниве ситуации: полесно напредување и прифаќање на улогата на тим лидери, менаџери, потоа полесно презентирање на нивната работа (пред колеги или пред клиенти), полесно наоѓање склад и задоволство од припадноста во фирмата и полесно соработување во тимот. 

Кои други вештини сметаш дека ќе бидат сѐ попотребни?

Покрај овие, како што спомнав претходно, особено се важни вештините на флексибилност и адаптабилност, потоа креативноста, решавањето проблеми и носењето заеднички одлуки. Вештините ги обработуваме од аглите на напредни методи и примена, со нешто информации, примери и задачи за вежбање во пракса.

И двата курса имаат интересни задачи (challenges) преку кои студентите ќе имаат можност да добијат нови перспективи, особено за себе, а и за другите. Имаме и тестови за откривање на своите стилови на справување со конфликти, својата емоционална интелигенција и другите видови интелигенција што ги имаме…

Од твоето искуство, кои се некои чести недоразбирања или митови за EQ?

Најчеста ситуација е луѓето да не знаат што таа подразбира, понатаму, многумина од нас не знаат за осумте различни видови интелигенција што можеме да ги имаме, па затоа некој се чувствува инфериорно ако некој вид интелигенција е послабо развиен, а, пак има случаи кога на други им се потсмеваат ако не се вешти во некоја област.

Ако знаеме во кои видови интелигенција сме посилни и повеќе надарени, тие ќе ги користиме за наши силни страни и градење личен бренд, а за другите – или ќе ги развиваме или нема да се разочаруваме ако не сме таму најсилни. Други недоразбирања се верувањето дека емоциите треба да се кријат и потиснуваат или, пак мешањето на емпатијата со жал за другите. 

Гледајќи кон иднината, каква улога сметаш дека ќе има EI во полето на IT?

Она што и понатаму ќе нѐ издвојува од вештачката интелигенција – ќе бидат емоциите и овие вештини за однесување поврзани со другите луѓе, соработката, креативноста… И во IT, па и во многу други области, една личност ќе напредува побрзо, понапред и во склад со себе и со својот потенцијал, ако ги препознава и владее со своите емоции и умее да ги препознае емоциите на другите. Лидерството на новото време бара вакви лидери. Тие ќе можат да водат креативни лица од IT кон остварување на нивниот потенцијал и на потенцијалот на производот и компанијата. 

Што те мотивираше да пивотираш од маркетинг во коучинг и тренинг на овие вештини?

Во еден момент почувствував дека работата со луѓе, да се развијат и да го достигнат својот максимален потенцијал – е она што ме мотивира и ми ја полни душата, дури и кога водев една од нашите водечки маркетинг агенции.

Полека ја започнав транзицијата, се впуштив на едно долгорочно патување со усовршување преку водечки светски методи за ова да го правам најдобро што можам. И денес, кога сум сведок на растот и развојот на луѓето со коишто работам (обука или коучинг), чувствувам силна радост, чувствувам дека сум на вистинскиот пат и очите ми светат 🙂

Само овој уписен рок, овие два курса или вкупно +20 дополнителни курса ќе ги добиеш како дел од Brainster+ пакетот на сите Академии – бесплатно.