DEKRA Arbeit Македонија е составен дел од германската групација DEKRA Arbeit Group, една од водечките HR компании во Европа. Со повеќе од 18 години искуство на македонскиот пазар, компанијата нуди професионални услуги во домените на регрутација, вработување, анализа на плати, развој на вработени и аутсорсинг.
Нивната основна мисија е да ги спојат поединците со соодветни работни можности и да им помогнат на компаниите да изградат силни и мотивирани тимови. Со воведувањето на JobLink by DEKRA – нивната нова платформа за објавување работни позиции – DEKRA Arbeit Group Македонија дополнително ја зацврстува оваа мисија.
Како наша партнерска компанија, DEKRA Arbeit Македонија ќе биде дел од претстојниот Brainster Job Fair 2.0 и AI Conference каде студентите од Brainster и Brainster Next ќе можат да се поврзуваат со водечки компании.

Кои вештини и квалификации сметате дека се клучни за потенцијалните кандидати во денешниот пазар на труд?
Освен техничкото знаење и стручните квалификации, денешниот пазар на труд бара флексибилност, проактивност и силни комуникациски вештини. Способноста за учење, адаптација на промени и дигиталната писменост се исто така сè поважни. Компаниите сè повеќе бараат луѓе кои не само што знаат, туку и сакаат да се развиваат.

Како вашата компанија ја користи вештачката интелигенција во своите производи/услуги/процеси?
Како современа HR компанија, постојано ги следиме глобалните трендови и користиме напредни дигитални алатки кои овозможуваат побрз и поефикасен процес на селекција. Веќе користиме апликации и платформи базирани на вештачка интелигенција кои помагаат во автоматизација на предселекцијата, анализа на биографии, па дури и во проценка на потенцијал и мотивација кај кандидатите. Нашата нова платформа JobLink by DEKRA е дел од оваа стратегија – таа нуди модерен и интуитивен пристап до огласување, пребарување и аплицирање, поддржана со алатки што овозможуваат подобра усогласеност помеѓу кандидатите и работодавците.
Каков совет би им дале на компаниите кои започнуваат да ја истражуваат употребата на вештачката интелигенција?
Започнете со јасна цел – што сакате да подобрите или решите? Технологијата треба да биде поддршка, а не замена за човечкиот пристап. Важно е да инвестирате и во обука на вработените, да ги вклучите тимовите во процесот и секако, да бидете свесни за етичките и безбедносните аспекти на користењето на вештачката интелигенција.

Дали можете во три збора да ја опишете културата во вашата компанија и што најмногу ги мотивира вашите вработени?
Доверба. Поддршка. Развој. Нашиот тим е мотивиран кога чувствува дека неговата работа има цел и резултат. Отворената комуникација, можностите за учење и чувството на припадност се клучни за мотивацијата.
Дали имате некоја порака за младите таленти и студенти кои се во потрага по работа или се заинтересирани за вештачка интелигенција?

Бидете љубопитни, прашувајте и истражувајте. Не чекајте ја „совршената“ можност – започнете од таму каде што можете да учите и да растете. Вештачката интелигенција е алатка – човечкиот фактор и критичкото размислување остануваат исклучително вредни и незаменливи.
Каков совет имате да споделите за оние кандидати кои сакаат да ја променат својата кариера?
Промената е нормален дел од професионалниот пат. Направете план, идентификувајте кои вештини ви недостигаат и инвестирајте во нив. Побарајте поддршка, ментори или консултанти. И најважно – верувајте во себе и бидете трпеливи. Кариерата е маратон, не спринт.
