Изминатава година дел од работата ми беше да ги градам успешните приказни со студентите од Brainster. Луѓе од администрација, просвета, прехранбена и еден куп други индустрии масовно се влезени во процес на преквалификација и менување на професии. Сите сакаат да станат програмери. А зошто и да не сакаат? Голем дел од моите пријатели работат во ИТ секторот и изминативе 10 години работите во тој сектор драматично се имаат сменето. Платите се далеку повисоки од било која друга индустрија во земјата, работните услови се неспоредливи со било кое друго работно место во државава. Отидете до канцеларија на било која ИТ компанија или startup кај нас и ќе имате впечаток како да сте поминале низ некаков портал и сте влегле во паралелна димензија.

Да не зборувам за фактот дека е ова една од ретките, ако не и единствена индустрија кај нас, каде што има сериозно голем недостиг на кадри и каде што компаниите „се тепаат“ за работник. Сигурноста дека можеш да најдеш исто или подобро платена работа во било кој момент дава сериозно добар boost на самодоверба.

За жал, не можат сите да станат програмери. Едноставно немаат сите интерес или желба да учат некој програмски јазик. Сепак, во ИТ секторот сè повеќе се бараат и луѓе кои не се програмери. Скоро пишував за тоа како до кариера во tech без програмирање, каде што направив кратка листа од 4 професии за сите оние кои имаат фобија од пишување код ама дефинитивно се гледаат како дел од ИТ. Quality Assurance (QA) или Software Testing е една од моментално најбараните професии, а овој водич треба да ти помогне да разбереш што всушност подразбира работа на еден софтверски тестер.

Уписите на првата група на Академијата за Software Testing се во тек. Целата програма можеш да ја најдеш тука.

QA vs. QC vs. Software Testing

Квалитет е главна цел при развивање на било кој софтверски продукт. За компаниите да се осигураат дека финалниот производ ќе биде со висок квалитет се користат различни методологии и техники за тестирање и планирање. Иако овие методологии и техники доста често се употребуваат во ист контекст и за иста работа, сепак постои одредена хиерархија помеѓу нив. На врвот на пирамидата се наоѓа QA (Quality Assurance) чија главна цел е да воспостави процес на проценка на квалитет. QC (Quality Control) дава спецификации за имплементација на QA процесите додека пак Software Testing помага да се соберат информации за квалитетот на софтверот.

Технички вештини

Фактот дека не треба програмирање не значи дека нема одредени технички вештини кои мора да се совладаат за да станеш добар софтверски тестер. Не сите работи од листата се неопходни за да почнеш кариера во оваа професија, но добро е да имаш барем солидно познавање од сите.

  • Основно познавање на датабази; Софтверски продукти доста често работат со датабази во позадина. Како софтверски тестер ќе бидеш доста често во ситуација да ги валидираш истите. Во такви ситуации ќе треба да знаеш како да направиш едноставни или комплексни SQL queries за да можеш да провериш дали податоците се соодветно запишани во базите.
  • Test Management Tools како на пример Testlink може да го користиш за следење на сите тест сценарија креирани од твојот тим. Она што всушност една ваква алатка го прави е менаџирање на артефакти произлезени од тестирањето на софтверот. Потребно е основно познавање на барем неколку вакви алатки како на пример: qTest, PractiTest, Zephyr, TestFLO for JIRA, TestRail
  • Defect Tracking Tools; Ова е еден од најважните аспекти на тестирање на софтвер бидејќи овозможува соодветно следење на дефектите и нивно систематизирање. Ова е неопходен чекор бидејќи овозможува на целиот тим, од програмерите до менаџерите, да знаат точно кои работи не функционираат како што треба. Најпопуларни алатки се Bugzilla, Mantis Bug Tracker, The Bug Genie, BugHerd, DeBugMe…
  • Performance Test Tools; Овој вид на тестирање се прави за да се има увид во брзината, стабилноста и скалабилноста на софтверот. Со овој вид на тестирање може да се утврди дали софтверот работи подеднакво ефикасно на различни платформи, дали на неговата брзина влијае бројот на активни корисници и слично. Постои голем број на алатки за тестирање на перформанси и изборот која од нив ќе ја користи некоја компанија зависи од многу фактори како на пример цена на лиценца, поддржани платформи, поддржани протоколи и слично. Моментално најпопуларни се HP LoadRunner, LoadNinja, Jmeter…

Кариера во QA

Еден ден на софтверски тестер вклучува состаноци со членови на тимот, читање на документација и разбирање на барањата што треба да има и како треба да функционира целиот продукт. Тестирање на сценарија, пишување извештаи и повторно тестирање. Може на прв поглед да делува здодевно, но тоа може да биде само ако истите работи ги повторуваш на ист начин. Во случај кога се работи за QA клучната работа е да смислуваш нови начини за тестирање на истите функционалности.

Потребни се помеѓу 6 и 12 месеци за да станеш софтверски тестер. Ова време варира во зависност од тоа колку слободно време имаш за учење и практично работење. Во случајов е важно континуирано практично работење како и “hands on”-искуство со гореспомнатите алатки.

Почетна плата во Македонија за софтверски тестер изнесува околу 500 евра, а freelance софтверски тестери можат да заработуваат и повеќе. После 2-3 години работно искуство во струкава веќе може да се ставиш во senior категорија или да почнеш да работиш автоматизирано тестирање, а после 5-6 години може да станеш координатор на QA тим.

 

Доколку Software Testing ти делува како интересна опција за твојата нова кариера, види ја целата програма на Академијата за Software Testing тука.