Викторија Денковска е наша алумни студентка од две академии; Академијата за графички дизајн и Академијата за UX/UI дизајн, која ни раскажа за тоа како е да се биде клиент и дизајнер истовремено на сопствениот реален проект, Dark Details.
Во интервјуто ни споделува детали за искуството на Академиите, но и за тимската работа со колегите од Академијата за UX – Јана Јовановска и Академијата за Full-Stack програмирање – Здравко Солев, под менторство на инструкторот Александар Нофитовски.
Наскоро ќе имате можност да ја видите веб страницата во живот, а дотогаш прочитајте повеќе за Викторија, соработката со тимот и нејзиното искуство на академијата.
Ајде прво да ја решиме вечната дилема – што е графички дизајн, а што UX дизајн? Каде повеќе се пронаоѓаш?
Графичкиот дизајн и UX/UI дизајнот се два различни, но често преплетени аспекти на дизајнот. Графичкиот дизајн се фокусира на визуелниот аспект, како што се изгледот, боите, типографијата, и има за цел да комуницира порака на естетски пријатен начин. По својата суштина, тој е уметност на визуелно претставување.
Спротивно на тоа, UX/UI дизајнот е основа на искуството на корисникот при интеракција со производ, услуга или систем. Тоа вклучува истражување на корисниците, создавање прототипови, тестирање. Исто вклучува и дизајнирање на комплетната структура и логика за максимална употребливост и задоволство.
Лично, мислам дека се пронаоѓам во обете области, но можеби малку повеќе кон UX/UI дизајнот, поради неговата улога во решавањето на проблемите на корисниците и подобрување на нивното искуство. Сепак, графичкиот дизајн останува мојата прва љубов и основа за развивање на моите вештини и креативност.
Што е нешто за Brainster што на прво око однадвор не се гледа?
Во Brainster, под површината на online образованието, лежи една извонредна заедница од студенти и инструктори, кои се вистински посветени на учењето, иновација и меѓусебна поддршка. Она што не се гледа однадвор е динамичниот дух на соработка и креативна искра која ги поврзува луѓето од различни краишта на светот. За моја среќа, запознав неколку колеги кои живеат надвор од Македонија.
Што е една специфична работа која можеш да ја одвоиш од студирањето што секогаш ќе ти остане во меморија?
Првиот час по Графички дизајн со менторот Бане. Тогаш имавме Визуелни Комуникации, а начинот на кој нè поздрави – “Кај сте бандо Графички дизајнери? Спремни ли сте домашни да пишувате?” – инстантно го промени моето расположение. Таа енергија и позитивен дух на менторот ме освоија веднаш и ми ја разбија секоја трема што ја имав на почетокот.
Според тебе, што е потребно за успешно завршување на една ваква програма?
За успешно завршување на вакви програми како што се оние за Графички и UX/UI дизајн, клучни се неколку фактори:
- голема посветеност и упорност. Програмата предизвикува и бара максимално вложување, па важно е да се остане фокусиран и да не се откажувате пред првите пречки;
- почитта кон менторите, колегите и самиот процес на учење е фундаментална. Ова не само што создава позитивна и поддржувачка средина за учење, туку и овозможува трајни соработки и пријателства;
- тимската работа исто така игра витална улога. Способноста да соработувате, да ги разберете и цените придонесите на секој член од тимот е есенцијална. Секој проект е прилика за учење од другите, како и за споделување на сопствените знаења и вештини
Само по уште едно место за групите на Академијата за графички дизајн и Академијата за UX/UI дизајн. Аплицирај сега!
Заедно со сопругот се решивте да започнете сопствен бизнис. Кои беа вашите предизвици на почеток?
Одлуката да започнеме сопствен бизнис со мојот сопруг беше исполнета со ентузијазам, но и со неизбежна трема околу успехот на нашата визија. Секогаш велевме дека со здравје и упорност, нема простор за откажување – одлучни сме да одиме напред без оглед на предизвиците. Патот можеби не е лесен, но уверени сме дека на крајот, сите напори ќе се исплатат и дека нашата посветеност ќе донесе успех.
Работејќи на овој реален проект имаше двојна улога – како е да се биде и клиент и дизајнер?
Редизајнирањето на веб-страницата за Dark Details, беше проектот на кој работевме заедно со Јана Јовановска, моја колешка од Академијата. Вклучени беа и Здравко Солев од Академијата Full Stack програмирање и нашиот ментор Александар Нофитоски. Ова искуство ми овозможи уникатна перспектива да бидам и клиент и дизајнер истовремено.
Процесот беше исполнет со ентузијазам и енергија, од целиот тим кој беше ангажиран на проектот. Резултатот беше веб-страница која ја претставува нашата компанија во најдобро светло, и искрено, многу сум горда со финалниот продукт.
Работата со Јана започна уште на почетокот на UX/UI академијата. Нашата соработка и почит секогаш беа на високо ниво. Александар, кој ми беше ментор и на Академијата за графички дизајн, е вистински гуру во дизајнот. Сите ние негови студенти, имаме голема почит кон него. Ова искуство ми даде да се почувствувам дека работиме на уште еден реален проект, па разликата меѓу улогата на клиент и дизајнер беше речиси незабележлива.
Како соработувавте со тимот во текот на проектот?
Работењето во тим беше особено интересно бидејќи бев и дизајнер и сопственик на проектот. Верувам дека кога сите членови се фокусирани кон заедничката цел, несогласувањата се минимални.
Нашата динамика се базираше на отворена комуникација и редовни состаноци каде што ги разделивме задачите меѓу мене и Јана, а потоа го земавме фидбекот од Нофитоски за понатамошно усовршување на дизајнот. Овој процес не само што беше продуктивен, туку и ми овозможи да научам многу нови работи. Времето поминато на овој проект беше исклучително корисно и инспиративно.
Страната не би можела да биде комплетна без да се вклучи уште еден член во тимот – Здравко. Што беше пресудно за таа соработка да биде успешна?
За комплетирање на веб-страницата, беше клучно да вклучиме уште еден член во тимот – Здравко Солев, од Академијата за Full Stack програмирање. Пресудниот фактор за успехот на оваа соработка беше неговата техничка експертиза која ни овозможи да ги претвориме нашите дизајнерски визии во функционална реалност. Ефективната комуникација и меѓусебното разбирање на потребите на проектот беа од суштинско значење.
Здравко со своето програмерско знаење донесе перспективи и решенија што помогнаа во премостувањето на евентуалните технички предизвици. Воедно, отвореноста за фидбек и спремноста за прилагодување на дизајнот во согласност со техничките можности беа клучни за успехот на нашата заедничка работа.
За крај, што е нешто што сакаше да го знаеш пред да почнеш да учиш?
Би сакала да знаев дека процесот на учење и развој во областа на Графички и UX/UI дизајнот не е линеарен и дека секоја грешка и предизвик се важни чекори кон напредок. Исто така, колаборацијата и споделувањето знаења со другите не само што го забрзуваат учењето, туку и го обогатуваат професионалното и личното искуство. Би сакала да сум свесна за значењето на трпението и упорноста во овој динамичен и постојано менувачки свет на технологијата и дизајнот.
Ете така се работеше тимски на реалниот проект на сопствениот бизнис на Викторија и нејзиниот сопруг. Едвај чекаме да пишуваме за плодот на оваа соработка во која се вложени многу труд, енергија, пријателство и љубов!