Студентите од Академијата за UX/UI дизајн овој месец имаа предизвик да работат на различни UX/UI Case Studies. Преку овој тип на работа не само што студентите учат за познати UX решенија и практики, туку учат и од своите колеги.

Сите задачи и примери се базирани на реални проекти, кои што бараат студентите да се поделени во тимови и секој тим добива задача да работи на различен Case Study.

Следниот чекор е презентацијата на тимот пред колегите и менторот, за која на крај пишуваат блог пост кој ја обработува проблематиката. На крај, колегите меѓусебно гласаат за најдобрите презентации и интерни блог постови.

Овој семестар тимот на Дамјан, Филип и Васил успеа да освои најмногу бодови и да победи на овој предизвик.

Во продолжение прочитајте ја нивната обработка на New York Times апликацијата.

 

ВИСТИНСКИТЕ ВЕСТИ ВО ВИСТИНСКОТО ВРЕМЕ

 

Процес на редизајнирање на мобилната апликација на „The New York Times“ – студија на случај

 

 

 

 

Често се наоѓаме изгубени во морето од апликации кои нудат вести. Немаме доволно време да ги прочитаме вестите кои нѐ интересираат или пак едноставно, не допираат до нас „вистинските“ вести во „вистинското“ време.

Соочувањето со таквиот предизвик е разработено во студија на случај посветена на мобилната апликација на еден од најреномираните дневни весници во светот, „The New York Times“. Во студијата, замислено е дека се појавува проблем кај апликацијата, која губи голем број од своите корисници, поради нерелавантни содржини, незадоволство од прочитаното, намалено користење во време на промени, кризи и други животни настани и сл.

Група на UX/UI дизајнери, имаат за задача да ги поттикнат корисниците да се вратат на апликацијата и да останат нејзини лојални корисници и читатели. За таа цел, потребно е да ја подобрат апликацијата преку воведување на опција за брзо читање на вести (2-5 минути), која ќе сервира вести до одредени корисници, врз основа на нивните интереси, навики и дневни распореди.

 

Функционалност “Timely”

 

Дизајнерите предлагаат да се воведе нова функционалност во апликацијата која ќе се појавува при нејзиното вклучување, наречена „Timely“. Оваа функционалност ќе му овозможи на корисникот да прима известувања во прикладни моменти од денот, на пр. за време на појадок, пред состаноци, за време на кафе-пауза или пред легнување. На тој начин, корисникот ќе биде мотивиран да го отвори „Timely“ и да прочита кратки и персонализирани вести во текот на денот.

 

 

 

 

Појдовна точка во дизајнирањето на секое UX/UI решение е токму истражувањето на пазарот. Во него, дизајнерите истражуваат за навиките на луѓето и за тоа како новата функционалност би се вклопила во нивниот живот. За целна група ги одбираат младите луѓе од Њу Јорк, на возраст од 20-40 години, кои се вешти во користењето на дигиталните технологии и го практикуваат календарот на Google за планирање на своите дневни активности. Она што ги охрабрува во ваквиот пристап е зголеменото користење на апликациите за вести, за кои младите Американци се спремни дури и да платат. Од друга страна, календарот на Google е најпопуларниот календар за правење дневни распореди.

Во следниот чекор, дизајнерите прават интервјуа со млади луѓе кои немаат време да читаат весници со оглед на брзиот и зафатен живот, за да ги воочат „болните“ точки и дневните предизвици. Од клучните наоди исцртуваат „Мапа на емпатија“, заради подобро разбирање на средината и емоционалното поврзување на корисниците. Понатаму, скицираат 15 концепти за решавање на проблемот и свикуваат исто толку групи на луѓе за тестирање на концептите и гласање за најдобрата идеја (во соработка со дизајнери од „The New York Times“).
Откако тестирањето е завршено, се преминува кон изработка на почетниот дизајн.

Главните принципи на дизајнот од оваа студија се: беспрекорна интеграција (со уникатниот дневен распоред на корисникот, односно со Google календарот), едноставност (корисникот нема потреба да учи нови обрасци) и учтивост (дизајнот не му попречува на корисникот со премногу известувања).

Во првиот круг на изработка на модели (wireframes), скицирани се ситуации во кои корисникот ја открива и користи новата функционалност на апликацијата, и тоа во режим на календар и режим на вести. Режимите сепак се покажале како неуспешни, бидејќи најголем дел од корисниците досега ја користат апликацијата во режим на портрет. Исто така, режимите се оценети како тешки за навигација и наоѓање вести на прв поглед, но и просторот за прикажување на вестите се смета за недоволен.

Во вториот круг на моделирање (wireframing), покрај режимот на портрет, изработено е и Патувањето на идеалниот корисник низ апликацијата (Journey of Ideal User). Сега, режимот на портрет е составен од два нови режими: Мануелен режим и Автоматски режим. Во Мануелниот режим, „Timely“ го прашува корисникот со колку време располага во моментот и му прикажува персонализирани вести, земајќи го предвид селектираното време. Додека, во Автоматскиот режим, апликацијата е беспрекорно интегрирана со Google календарот на корисникот и му ги дава вистинските вести во вистинското време. Со ова, се заокружува финалниот прототип на „Timely“.

На крајот, дизајнерите оставаат простор за доработка и подобрување на „Timely“ преку тестирање на прототипот со корисници од различни области и подлабоко истражување на конкуренцијата на пазарот. Тие ја увидуваат важноста на сите допирни точки што треба да се земат во предвид пред да се додаде макар и едно мало копче на екранот, но и потешкотиите, навидум малата функционалност, да се воведе во една гигантска компанија. Заклучуваат дека за успешен дизајн, секогаш треба да се поставуваат вистинските прашања, и до клиентот и до корисниците.

Конечниот изглед на „Timely“ ги симболизира младите луѓе кои ја користат апликацијата кога им се вклопува во животниот стил и распоредот. Ова „кога“ носи слобода и избор во себе, нели?

*Автори: Васил Божикалиев, Дамјан Колевски, Филип Апостоловски, UX/UI Академија на Бреинстер, октомври 2020 година
*Извор: Johny Vino, Addi Hou, Ke Hu, Renda Morton, Redesigning the New York Times app — a UX case study, March 2018

Доколку те интересира UX/UI дизајн, погледни што нуди нашата Академија за UX/UI дизајн.

Related Stories For You