Ако си дигитален маректер или имаш сајт што сакаш да го оптимизираш, запознај ја Билјана Димовска, која преку 10 години професионално се дружи со SEO!

Веќе неколку групи поминаа на почетниот курс за SEO со Билјана, па следно подготвивме и нов напреден курс за Search Engine Optimization! Преку нејзино лично искуство ќе ги пренесе критичните аспекти на секој SEO проект, на што да се обрне внимание, од каде да се учи и кои алатки можат да ти го олеснат работењето дури и кога ако веќе работиш SEO!

Билјана, веќе 10 години професионално работиш SEO и си Digital Marketing Specialist. Што друго ќе ни кажеш за тебе? 🙂

Некако по природен пат секогаш се наоѓам на позиции што се поврзани со директна комуникација со клиенти. Како Digital Marketing Manager, секогаш зборувам директно со клиентите и често сум мост меѓу клиентот и неговите потреби и техничкиот тим и можностите за изведба. Многу често искуството ме става во улога на консултант за клиенти, чии онлајн бизнис идеи не се додефинирани или пак се насочени погрешно. Па тука настапувам како помагач во процесот да се стигне до вистинското решение или најдобриот план за акција пред било каква егзекуција.

Како човек сум многу динамична и таа динамика ми е потребна за да се чувствувам исполнета. За себе сметам дека сум многу комуникативна и позитивна. Многу амбициозна и имам постојана потреба од предизвици!

Зошто баш SEO и кои се бизнис придобивките? Зошто е толку потребен и корисен?

SEO-то практично случајно се појави како потреба кај мои одамнешни клиенти, кога уште беше во зачеток целата оваа индустрија. Како резултат на оваа потреба научив многу за SEO за да можам да испорачам точно тоа што се бараше. Потоа сфатив дека ова е свет во зачеток и дека потребите само ќе се зголемуваат. SEO е инвестиција со долгорочни придобивки. Затоа им е интересен на оние бизниси кои планираат да останат во својата индустрија и да изградат име и авторитет.

Денешното SEO така и функционира – на база на изграден авторитет со многу работа, оригиналност и искрен пристап кон таргет публиката.

SEO-то го сакам од причина што нема shortcuts, туку треба автентична и оригинална посветеност. Нема шанси да поминеш со blackhat. Мора да се потрудиш, да ги почитуваш правилата и да играш фер. Бизнисите кои посветено инвестираат во SEO ограничен временски период, како дел од нивната целосна маркетинг стратегија, често после 6 месеци или помалку немаат потреба од платени реклами. Тоа веќе е многу значајна придобивка. Во SEO не се прекинува со инвестирање. Тоа е работа која мора да се одржува и да се кооординира.

На какви проекти имаш работено до сега? Издвој ни некои 🙂

Проектите кои до сега ми биле доверени се обично од Велика Британија. Можам да кажам дека со овие клиенти најдобро соработувам прввенствено поради малата временска разлика, специфичниот прецизен пристап кон бизнисот кој го имаат и фискалната свесност која кај нив е на високо ниво. Тоа се проекти од најразлични индустрии: од производители на алуминиумски прозорци, до агрегатори на банки и други финансиски сервиси кои овозможуваат најразлични заеми, потоа e-commercе проекти, start ups, кои очајно се ослонуваат на SEO бидејќи очекуваат големи придобивки на долги патеки, до театарски групи кои работат со многу специфични таргет групи на луѓе и на точно одредени локации.

Нема да издвојувам клиенти, но можам да кажам дека голем дел од моето време е посветено на SEO проекти и е резервирано за клиенти кои се со мене повеќе од три години. После одредено време како SEO професионалец и со одредено портфолио на проекти зад себе, се наоѓаш во состојба кога веќе не ги бараш клиентите, туку тие те бараат тебе. Еден задоволен клиент носи минимум уште еден нов клиент по препорака.

Што да очекуваат учесниците од твојот напреден курс за SEO?

Ќе работиме вкупно 6 дена по 2 часа дневно на 2 различни проекти. Ќе им го дотераме SEO-то!:) Потоа ќе одбереме два проекти на кои ќе направиме onsite SEO и off-site SEO. Ќе одбереме алатки кои ќе ни користат во процесот, а ќе имплементираме и практично SEO Action Plan.

Учесниците на курсот можат да очекуваат да слушнат и научат што јас сум научила за SEO, било по потреба на проектот или пак како резултат на мојата љубопитност.

Така се создаде мојот SEO action plan, кој за слушателите на овој курс комплетно ќе биде разработен и објаснет. Kурсот е наменет за дигитални маркетери, претприемачи, сопственици на мали и средни бизниси, маркетинг агенции, сопствeници на сајтови и сите кои имаат основно познавање од SEO, но сакаат да го имплементираат во својата стратегија.

Од моето искуство ќе ги пренесам критичните аспекти на секој SEO проект, на што да се обрне внимание од каде да се учи и какви алатки можат да ни го олеснат животот.

Кој  сѐ треба да знае да работи SEO? Од твоето искуство, колку во Македонија се посветува внимание на бенефитите кои SEO ни ги нуди?

Македонија не е силно развиен пазар за SEO сервиси. Меѓутоа тоа не значи дека не можеме да развиеме SEO професионалци кои remote ќе ги нудат своите услуги надвор од Македонија. Тоа во минатите години не беше многу популарно. SEO не е така познато како Software Development сервисите. Меѓутоа Search Engine Optimization ќе постои се додека постојат search engines. Од друга страна SEO-то не е само група технички подесувања на website-от.

Оваа работа бара и како што јас сакам да го наречам “soft skills set” на генерирање на content на сајтот и надвор од него, оптимизација и промовирање на тој content, добро познавање на однесувањето и преференците на својата таргет публика и слично. Така SEO е врска помеѓу делот на front end девелоперите и маркетинг професионалците. Кој треба да знае SEO? Јас би рекла и едните и другите, во својот домен. Така ќе знаат во кој дел да бараат помош од професионалецот на другата страна. Јас лично повеќе гравитирам кон маркетинг професионалците и знам кога ми треба помош од front end developer за делови од сајтот каде јас не можам да навлезам и да ги уредувам.

Долго време работиш за големи клиенти, како и за странски пазар. Кој е топ 1 совет?

Топ 1 совет за добра работа со клиенти е да знаеме добро да комуницираме со клиентот и да знаеме да го вклучиме во соодветни фази од проектот кога клиентот е потребен.

SEO обично не е многу јасна работа за клиентите и затоа често треба да се едуцира, на јазик кој на него му е најразбирлив. Некои клиенти се силно заинтересирани да разберат се што работам, некои пак просто велат: “do your magic and get me results”. Така, ако знаеш добро да комуницираш со клиент ќе можеш да процениш што му треба и да знаеш на кој начин да комуницираш со него. Има и клиенти кои можат да бидат потенцијален проблем. Во бизнис светот сѐ се проценува на база на cost/benefit. Ако таквиот клиент троши премногу од твоето време и енергија, а бенефитот е мал или непостоечки, тогаш се редефинираат правилата на комуникација. Мислам дека ова е еден од основните совети за секој професионалeц кој се занимава со SEO или било која друга професија 🙂

Доколку сакаш да стекнеш напредни вештини за SEO, пријави се тука.