Што си помислуваш кога ќе ги сретнеш термините Data Science и Business Intelligence? Овој курс ќе им овозможи на сите неуморни индивидуи кои сакаат да се во чекор со најновите трендови, да стекнат одлично познавање за оваа област. Го прашавме инструкторот Филип подетално за програмата на овој курс 🙂

Здраво Филип, кажи ни нешто повеќе за тебе!

Би се претставил како млад data enthusiast со доста разноврсно искуство во областа на Data Science и Business Intelligence. Дипломец сум на ФИНКИ и имам завршено Мастер на Nova IMS во Лисабон на една од трите најдобри програми за Business Intelligence во светот. Паралелно на студиите имав шанса да работам на неколку интересни проекти и да го надополнам теоретското знаење со огромно практично искуство.
За среќа имав шанса да бидам менториран од колеги кои имаат повеќе од 10 години искуство во Business Intelligence и Machine Learning. Желбата да го пренесам тоа искуство во Македонија, ме мотивираше да дадам се од себе и да се вратам во Македонија, заедно со компанијата каде што работев. Моментално, менаџирам преставништво на компанијата во Македонија каде што во последниве 2 години успеав да создадам прекрасен тим од 5 одлични консултанти.
Животот во Лисабон иако одличен со одлична храна и ноќен живот ме научи уште повеќе да си го сакам Скопје, пријателите и најблиските, па затоа секој слободен момент го користам со нив или во медитација и добра книга.

Инструктор си на новиот курс за BI и Data Science. Што ќе научат учесниците на овој курс?

Пред се курсот ќе опфати реални бизнис примери каде што компании имаат добро имплементирани BI решенија и се фокусирани на обработка на своите податоци. Ќе збориме за примери на компании во кои менаџерите во реално време ги пратат параметрите на бизнисот, со што можат да реагираат на било какви проблеми. Каде BI се користи за правилно мерење на перформансите на вработените, со цел правична евалуација, компании кои знаат се за своите клиенти и ги користат тие податоци за да ги направат уште посреќни со тоа што својата услуга ја прилагодуваат за секој клиент посебно. Ќе објасниме случаи каде што правилното користење на податоците реално ги подобруваат перформансите на компанијата, ја олеснуваат продажбата и ја олеснуваат детекцијата на нови бизнис можности.
Преку се ова учесниците на курсот ќе ја разберат важноста на BI консултантите во компаниите и начинот на кој тие директно учествуваат во успесите на компаниите, за да потоа преминеме кај разграничување на двете области Business Intelligence и Data Science.
Во вториот дел ќе навлеземе подетално во фазите на еден BI проект и клучните вештини потребни за секој дел, како и попрактична организација на податоците. На крај курсот ќе го завршиме со изучување на логички дизајн на еден Data Warehouse и практично креирање на репорти и дашборди во случаи кога податоците се добро организирани и имаме еден вид на Business Intelligence Портал и во случај кога податоците не се добро организирани.

 

Зошто лежи иднината токму во Data Science и BI? Дали бранот на освестување за оваа тема веќе стигна и кај нас?

Целиот концепт на Business Intelligence не е само вештина за правење на убав дашборд или пак кодирање на SQL кверија по цел ден, туку mindset кој помага на компаниите брзо и квалитетно да направат трансформација на нивните структурирани и неструктурирани податоци во уникатни информации и уште повредно знаење за својот бизнис. Целта е креирање на алатка која ќе биде клучна при носењето на одлуки од оперативна или стратешка важност и побрз проток на информации помеѓу менаџментот на една компанија.
Целта на Data Science, пак е многу понапредно користење на податоците кои ги имаме и вметнување на математички модели кои ги носат одлуките во наше име. Во 2015та излезе факт дека во 2013та и 2014та се создадени повеќе податоци во дигитална форма отколку во целата историја претходно. Денес, само 3 години подоцна Facebook и Google знаат за нас можеби и повеќе отколку што ние знаеме за самите себе. Целото знаење во основа се базира на правилна конверзија од податок до информација и знаење, па затоа и ги ставаме овие 2 области во заеднички почетен курс.
За жал, Македонија е се уште назад во целата оваа приказна, меѓутоа искрено сметам дека со правилен пристап ќе успееме преку ваквите курсеви да помогнеме во ширењето на свеста за неограничените можности кои секоја компанија ги поседува во свои раце, но за жал многу малку или воопшто не ги користи.

Мит или вистина: Треба да си луд математичар за да успееш во ова поле?

Делумна вистина. Предзнаење во математика може премногу да помогне во целата област меѓутоа не е пресудно дека само најдобрите би успеале. Најпросто објаснето, добар Data Scientist е спој на бизнис знаење, ИТ вештини и математика односно статистика.
Добар BI консултант пак се одликува со одлично бизнис разбирање, soft skills и поседува вештини и mindset за одлична манипулација на податоци.