Никола Спасов е човекот на кој му се обраќате кога ви е потребна кампања која треба да направи сериозна промена. Неговото големо искуство и холистичкиот пристап во маркетингот – од темелно истражување на јавното мислење, преку детална психографска анализа на целната публика, осмислување на моќен визуелен наратив како основа на пораката, до егзекуција на кампањата преку сите канали, го направи еден од најбараните маркетинг и комуникациски специјалисти во целиот регион.
Во пресрет на неговиот долгоочекуван курс во Brainster – Visual Storytelling for Social Media, разврзавме еден куп муабети, од кои излезе едно малку подолго интервју од вообичаено, веруваме на задоволство на сите оние кои сакаат уште подлабоко да навлезат во тајните на креирањето маркетинг кампања која ќе се памети.
Никола, долго време си активен на полето на комуникациите и маркетингот. Што е она што можеш да го издвоиш како клучна промена во маркетингот низ годините?
Суштинската промена која донесе до тектонско поместување во работата и на маркетинг професионалците и на компаниите беше моментот кога дигиталниот маркетинг почна да преовладува над традиционалните маркетинг канали. Појавата и развојот на дигиталниот маркетинг отвори големи, незабележани до сега можности. Но, воедно, постави и големи предизвици, првенствено поради динамиката со која се менуваат трендовите.
Главниот проблем е тоа што она што вчера било актуелно, денес може веќе да не биде. Форматите, начинот на комуникација, идеите за кампањи застаруваат толку брзо што не останува многу време агенциите и компаниите да се адаптираат на новите трендови. Дополнително, станува се потешко да се креира кампања која ќе се издвојува од морето на други кампањи кои денес ги гледаме на интернет. Потребно е многу знаење, многу искуство и среќа да се креира добра кампања, а може лесно да се случи и таквата кампања веќе после исклучително кратко време да не функционира како на самиот почеток.
Сето ова го прави креирањето маркетинг стратегии мошне потешко споредено со претходно кога кампањата која силно ќе се пласираше на телевизија, принт или на билборди, веќе во сам старт беше ефективна бидејќи овзможуваше сеприсутност и загарантирана видливост. Сега е вистинска борба за секој пиксел простор за пренесување порака до публиката.
Кој е сетот на вештини кој денес треба да го поседува еден маркетер за да може успешно да одговори на оваа динамика која ја спомна?
Како што се менува маркетинг индустријата, така се менува, поточно проширува сетот на вештини кои ви се неопходни. Потребни се еден куп вештини акумулирани во една личност за да може да се каже дека таа личност е добар маркетер денес. Тоа е и еден од најголемите проблеми денес на компаниите и агенциите кои вработуваат маркетинг професионалци денес, бидејќи сега тој еден човек треба да биде мини агенција, а тоа е исклучително тешко.
Да почнеме од почеток. Прво, таа личност треба исклучително добро да се снаоѓа во проектен менаџмент, што значи дека треба да има добра комуникација и внатре во секторите со кои работи и надворешно, односно со клинетот. Комуникациските вештини секогаш биле потреба, но сега се уште повеќе барани и ценети.
На второ место е уметноста на изразувањето и пишувањето, во смисла на креирање пораки. Пораките сега се составен дел на секоја кампања, без разлика дали тоа е пост за facebook, instagram, содржина за веб страница или било кој друг аспект на една кампања, владеењето на копирајтингот и говорењето е мошне битно.
Трето, мошне значајно, е следењето на случувањата во земјата и светот. Не можам да замислам луѓе кои се сметаат за големи професионалци во маркетингот, а да не ги следат активно случувањата во општеството, затоа што генерално маркетингот на социјалните мрежи е маркетинг на контекст. Највиралните кампањи гледаме дека се произведени во рамки на одредени општествени контексти кои се актуелни и на кои креативните личности се надоврзуваат и ја оформуваат својата порака врз основа на тој момент. Затоа е важно маркетерот да ги следи битните трендови во сите сфери, не само во сферата во која работи – значи културата, политиката, спортот, филм, музика и така натаму.
Четврто, одлични визуелни способности, односно способност за препознавање што е добра визуелна комуникација во секоја форма – од фотографија, видео, постер до meme. Има тука уште многу работи – работењето во маркетинг денес, посебно на одредени позиции кои подразбираат некаков менаџмент, бара исклучително широк дијапазон на знаења, многу интерес, вложување во личен развој и одлична способност за комуникација со луѓе.
Маркетингот ти е струка, ти ги плаќа сметките, ама верувам дека навистина го сакаш и уживаш во работата. Кои се причините што те прават среќен дека работиш маркетинг.
Уште пред да почнам професионално да работам, имав многу голем интерес за адвертајзинг. Во тој период многу читав и многу следев, сѐ што значи адвертајзинг. Особено принт адвертајзингот ми беше нешто што го сметав за највисока форма на уметност во маркетингот – со една фотографија или на еден плакат да кажеш најмногу што можеш, да испратиш што е можно посилна порака. Потоа почнав да работам во агенција за истражување на јавно мислење, каде што сфатив дека истражувањата се всушност основата на успешна комиуникациска стратегија.
Истражувањата кои ги правиме помагат да се осмисли една добра кампања. Тоа што мене многу ме прави среќен и ми дава задоволство е кога ќе изработам една кампања која подразбира добро дефинирање на проблемот, наоѓање на правилните пораки, наоѓање на најефикасниот можен формат и претварање на сето тоа во ефикасна креативна кампања. Ваквиот процес на креирање кампања е она што во целост ме мотивира и се уште имам жар да го правам и после долги години, затоа што меѓу другото во целиот тој процес се учат многу нови работи – како луѓето се однесуваат по однос на некој проблем, како реагираат на конкретни пораки на одредена тема, кои се нивните двигатели, стравови, желби. Тоа дава знаење за цела една нова група или еден нов проблем, кое што понатаму можеш да го искористиш во кампања или пак во било каква друга активност како општствена промена, менување на менталитет и слично.
Значи процесот на учење при креирањето на една кампања е тоа што најмногу ме радува. Исто така ме радува, а тоа ги радува и сите кои работат во маркетингот, кога ќе видиш дека нешто што си сработил се споделува, односно луѓето се поврзале со него. Среќата (или несреќата) во дигиталниот маркетинг е што сѐ е мерливо па можеш веднаш да знаеш дали тоа што си го направил е добро, така што добиваш инстантент фид-бек а тој е клучен за процесот на учење.
Која е најинтересната кампања на која си работел?
Најинтересна кампања за мене и меѓу ретките кампањи која ги опфати буквално сите можни канали на комуникација беше „Излези за ГТЦ“ која апелираше за зачувавање на оригиналниот изглед на објектот. За потребите на таа кампања која јас ја менаџирав, покрај тимот од мојата агенција, вклучив уште многу професионалци и креативци од различни сфери кои придонесоа многу за целиот идентитет на камањата. Она што беше најефективно во оваа кампања, и што е доказ дека една кампања е вистински добра и ја постигнува целта е фактот што мошне брзо по започнувањето на кампањата, таа почна сама органски да се шири и луѓето почнаа сами да креираат содржини за потребата на кампањата. Ние добивавме на дневна база од дизајнери, копирајтери, луѓе кои работат видео, луѓе кои решиле дека сами сакаат да придонесат со креирање содржина за кампањата, добивавме еден куп содржина од секаков тип. Кампањата успеа да ги ангажира луѓето сами да се приклучат и да придонесат со оригинални содржини. Токму ова ја направи една од најуспешните кампањи на кои што сум работел.
Како некој што детално ја познава индустријата, како гледаш од денешна перспектива на маркетингот како потенцијална кариера, дали би го препорачал и кому?
Дефинитивно никогаш не фалеле повеќе луѓе во маркетингот од денес. Има таков дефицит од добри кадри, мотивирани креативни млади луѓе, што просто и ние како агенции и компаниите, почнуваме да имаме сериозен проблем со наоѓање такви кадри. Најмногу поради она што го кажав на почетокот – сѐ поширокиот сет на вештини кој е потребен да се биде добар маркетер. Апсолутно сметам дека за секој човек кој себе се смета за динамична личност и кој сака да учи постојано, бидејќи учењето во маркетингот е нешто што се случува на дневна основа, има место во маркетингот.
Имајќи ја предвид брзината на развојот на дигиталната технологија и каналите на комуникација, константното учење е императив и составен дел од работењето. Така што на сите што се љубопитни, кои што имаат добри општи познавања за светот околу нас, кои што сакаат да читаат и учат, следат трендови – би им препорачал да размислат за кариера во маркетинг.
Одговорно тврдам дека во маркетингот може да се заработи многу, но заработуваат многу само оние кои се подготвени да учат и да одговорат на големите барања на маркетингот денес. Работење од ден за ден и чекање плата едноставно не функционира во маркетингот. И уште една многу важна работа, маркетингот е за оние кои сакаат да се забавуваат. Зашто колку и да е напорна работата, секогаш има нешто забавно кога работиш маркетинг. Ние и ден денес многу се смееме во канцеларија, така што сите што сакаат таква атмосфера би им препорачал да размислат за кариера во маркетингот.
Што ќе научиме на твојот курс во Brainster наречен Visual Storytelling for Social Media?
Курсот е структуриран така што посетителите прво ќе научат колку е важна визуелната комуникација денес на социјалните мрежи. Тој дел е многу битен за да сфатат дека целокупната комуникација денес е визуелно базирана и тоа е основа на се останато. Пораката на кампањата прво мора да се разгледува од визуелен аспект, а дури потоа да се размислува која порака текстуално ќе ја надополни.
Процесот на креирање квалитетна содржина на интернет, но и на сите останати канали мора да има здрава визуелна визуелна основа која ќе го привлече вниманието и ќе ја пренесе пораката на ниво кое е многу помоќно и кое секогаш остава подобар впечаток.
Ќе споделиме серија на примери и насоки за ефективна визуелна комуникација, а потоа ќе ги научиме правилните формати за различните канали кои денес се користат во дигиталниот маркетинг, со акцент на Facebook и Instagram како најкористени платформи.
Посетителите на курсот ќе добијат и еден сет на алатки и правила кои се актуелни во моментов и коишто ќе треба не само да ги совладаат но и сами да ги надградуваат зашто не знаеме дали ќе бидат актуелни веќе за неколку месеци од сега. Ќе зборуваме кои се правилата за креирање фото содржина, фото постови, графички дизајн за социјални мрежи, видео формати кои функционираат.
На крај ќе имаме и еден практичен дел на кој посетителите ќе добијат еден практичен сет на знаења, кој ќе им помогне од сам старт да ја структурираат визуелната комуникација за да биде ефикасна и би ја пренела нивната порака до саканата публика.
Овој курс ќе им помогне многу на луѓе кои веќе работат маркетинг на социјални мрежи, кои управуваат со профили на Facebook и Instagram, луѓе кои работат во маркетинг а имаат потреба од дополнително знаење за тоа што најдобро функционира на социјалните мрежи кога визуелната комуникација е во прашање. Потоа, исто така, може многу да им помогне и на дизајнери, бидејќи ќе имаме готови сетови на правила за самата графика креација на визуелните содржини. Во принцип, секој што го интересира маркетинг мислам дека треба да дојде на курсот затоа што, како што кажав, визуелната комуникација е основата на добро пренесена маркетинг порака.
Pop-up курсот Visual Storytelling for Social Media со Никола ќе се оддржи на 17-ти декември, а твоето место можеш да го резервираш на нашата веб-страница.