Илија Димкоски е мултидисциплинарен дизајнер и арт директор. Toj e oсновач и арт директор на clothing концептот ОХ и на креативното студио Cherry Cannon.  Во своето портфолио има реализирани комплексни проекти за големи интернационални компании, вклучувајќи ги Coca Cola, Amstel, Heineken и McDonald’s.

На наше големо задоволство, тој е дел и од тимот на иструктори на нашата Академија за UX/UI каде што е задолжен за двонеделната претпрограма каде што студентите се упознаваат со основните поими, методи и концепти на UX/UI дизајнот.

Пред почетокот на Академијата и претстојниот вебинар, разговаравме со Илија за секојдневната примена на UX/UI дизајнот, неговиот процесот на креирање на продукт како и за и претпрограмата на Академијата.

 

Илија, зошто е важен UX/UI дизајнот?

Некогаш, некаде имав прочитано дека „Не можете да дизајнирате искуства, но можете да дизајнирате за нив.” Точно. Kога не би постоеле луѓе кои се грижат за квалитетот на искуството кое го нудат одредени продукти, немаше да имаме екрани во боја, мобилни телефони, апликации, електрични автомобили со сите тие додатоци во нив, продукти кои се адаптирани за лицата со посебни потреби итн. Сите тие „мали” фини работи, кога ќе одзумирате – го менуваат светот.

 

Каде го среќаваме UX/UI дизајнот во секојдневието?

Кога спиеме, перформансот на перницата која ја користиме е User Experience (UX).

Телефон – User Experience. Сите апликации – User Experience.

Кога миеме заби, квалитетот на четката е User Experience.

Квалитетот на маичката која ќе ја облечеме – User Experience.

Автомобил – User Experience…UX и UI – тие се насекаде околу нас 🙂

 

Каде сè и како ти го применуваш UX/UI дизајнот?

Колку повеќе „копате” по суштината, толку повеќе откривате колкава моќ има. User Experience е мајндсет. Пристапот кој го имам кога работам на дизајн за амбалажа, не е нешто различен во споредба со пристапот кој го имам кога работам на апликација или веб-страна. Целта е создавање функционални решенија кои убаво изгледаат и решаваат проблеми.

 

Што сè им препорачуваш да учат и знаат сите кои сакаат да започнат бизнис, продукт или идеја?

Колку е поголема основата на пирамидата, толку повисок ќе биде врвот на истата.
Примарно, многу е битно креаторот на нова идеја, нов продукт или нов бизнис, да е максимално сигурен во себе и во својата идеја. Да може да се затвори во соба со својот концепт и искрено да си одговори на сите прашања во врска со концептот, да ги знае сите предности и негативни аспекти кои нели во таа фаза може да ги увиди.

 

Кои се твоите дизајн херои?

Имам многу херои. Nikola Tesla, Kanye West, Massimo Vignelli, Paul Rand, Jony Ive, Martin Maison Margiela, Nigo, Pharrell, Walt Disney, Axel Vervoordt… можам до утре да набројувам.

 

Сподели го твојoт UX/UI дизајн процес? Кои се методите по кои се водиш?

Секогаш се ставам во улога на потрошувач. Се запрашувам, како јас би бил најзадоволен како корисник на одреден веб-сајт, апликација или слично. Од тоа како се чувствувам кога ќе ја отворам лендинг страната, како најлесно да го најдам тоа што го барам, како да ги добијам сите информации кои ми се потребни, како да кликам помалку, а да стигнам побрзо до она што ме интересира.


Мојот процес некогаш започнува со лист и пенкало, некогаш започнува на Illustrator, некогаш во notes во мојот телефон, некогаш за време на самиот состанок додека ме брифираат, зависи. Не се водам по некој одреден правилник. Обожувам да истражувам, така да сакам кога имам време да истражувам. Од програми, најчесто користам Adobe Illustrator и Adobe Photoshop. Во глобала, преферирам да работам на Illustrator, на Photoshop работам само кога точно знам што сакам, од друга страна, Illustrator ми е програм кој ми дозволува повеќе да експериментирам, да размислувам во текот на процесот, некако полесно можеш да се навраќаш, да променуваш, ми дава поголема слобода.

 

Како решаваш какви features да додадеш на еден продукт?

„Дизајнерот знае дека дизајнот го довел до перфекција, не кога нема што друго да додаде, туку кога нема што друго да одземе.” – Антоан де Сент Егзипери. Oвој прекрасен господин објаснил сè. Се трудам да го следам овој цитат.

 

Кој е најголемиот предизвик со кој се соочуваат UX/UI дизајнерите?

Без разлика дали станува за софтверски или физички, продуктите не постојат само за да постојат, туку постојат за нас, за да ни го подобрат секојдневниот живот. Најголемиот предизвик со кој конкретно јас се соочувам како дизајнер, е моите продукти да бидат сатисфкација за клиентот, со тоа што ќе го креирам она што навистина му е потребно. Не му е работа на корисникот да знае што сака. За таа цел, ние треба да работиме многу повеќе, отколку што се бара од нас, со цел да го креираме она што е потребно, да креираме решение на проблем. Дизајнерите се тие кои имаат задача да го менуваат светот на подобро.

 

Што е клучно при соработката со други дизајнери, девелопери и останати страни вклучени во еден проект?

Голем број на брилијантни идеи никогаш не виделе „бел ден” како резултат на лоша комуникација. Од тука, сметам дека комуникацијата е клучот за квалитетен тим. Во тимот треба да преовладува емпатија, професионалност, работна етика, фокус, желба и истрајност за пронаоѓање на најдоброто решение.

 

На кој дизајн/продукт најмногу си горд и зошто?

Горд сум на многу проекти, ако треба да издвојам, многу сум возбуден за новите парчиња на ОХ, кои треба да се појават во средината на јули.
Што се однесува до овој другиот тип на UX, новата веб-страна на ОХ, на која работам заедно со Fitz. Имам многу проекти на кои сум горд, искрено, скоро сè што ми е во портфолио.

 

Што според тебе ќе биде следниот UX/UI тренд?

Најверојатно следува подлабока персонализација, поголема инволвираност на гласовна интеракција со помош на Smart Voice асистенти и најверојатно интерфејс базиран на движење на око.

 

Задолжен си за претпрограмата на нашата Академија за UX/UI дизајн, што за повеќето студенти ќе биде првото запознавање со UX/UI дизајн. За крај, сподели ни што може студентите да очекуваат?

Студентите ќе имаат шанса да научат сè што им е потребно за да станат квалитетни UX/UI дизајнери. Aкадемијата опфаќа огромен спектар на елементи кои се потребни во изградбата на солидна основа за еден дизајнер. Љубовта, фокусот и истрајноста споени во едно – чуда прават. Поготово кога имаш од кого да учиш.

 

Резервирај го твоето место на Академијата тука и започни со учење на 20ти јуни.